Недоследно: поврат на ДДВ ќе има, ама од 2019 година

Лани во предизборието Заев најави мерка поврат на ДДВ од 11 декевмри 2016 година, сега вели од 2019 година Фото: Принтскрин

Новата Влада предводена од Заев беше избрана на 31 мај 2017 г. и мерката за поврат на 15% од ДДВ-ото на секој граѓанин за секој производ купен (освен луксузните), не е ниту усвоена, ниту предложена. На 24 ноември 2017 година премиерот од собраниската говорница соопшти дека ова предизборно ветување ќе стартува како пилот-проект во два региона во 2018 година, а се очекува да почне да се имплементира на целата територија во 2019 година

 

Во октомври 2016 години во предизборието за предвремените парламентарни избори (11.12.2016), лидерот на СДСМ (сега и премиер) Зоран Заев, при посетата на Валандово, промоврирајќи ја мерката за поврат на 15 проценти од ДДВ ја даде следната изјава, која ја сметаме за недоследна:

Една од најважните мерки којашто веднаш после 11 декември ќе биде донесена од страна на Собранието и имплементирана од страна на Владата, ќе биде враќање на 15 проценти од данокот на додадена вредност. Сите ние граѓани плаќаме секој ден за се што значи наш живот. Секаде го плаќаме данокот на додадена вредност. Ако потрошите илјада денари, имате 180 денари ДДВ внатре. Ние предлагаме 15 проценти од тоа ДДВ што го има на секоја сметка, за вода, за храна, за облека, за струја, за се што плаќаме, 15 проценти да се врати назад кон граѓаните. Тоа ќе обезбеди годишно 30 илјади денари, уште една плата повеќе во секое семејство. Со тие пари граѓаните може да си ги платат давачките, трошоците, извршителите, кредит да вратат, или дел од кредит да вратат, да купат нова соба на младите дома, да може да платат годишен одмор. 30 илјади денари секое семејство ќе има дополнителен приход

[Извор: Либертас; Датум: 22. 10.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на премиерот Зоран Заев, во тоа време опозициски лидер, во која тој на средба со  граѓаните на Валандово  вети дека веднаш по изборите (11 декември 2016) ќе биде донесена и имплементирана мерката за враќање на 15 проценти од данокот на додадена вредност (ДДВ), ја оценуваме како „недоследна“.  Новата Влада предводена од Заев беше избрана на 31 мај 2017 г.  и досега (30.11.2017) споменатата мерка не е ниту усвоена, ниту предложена. На 24 ноември 2017 година премиерот од собраниската говорница соопшти дека ова предизборно ветување за поврат на ДДВ на граѓаните, ќе стартува како пилот-проект во два региона во 2018 година, а  се очекува да почне да се имплементира на целата територија во 2019 година.

Минатата недела, на првата седница посветена на пратенички паршања (24.11.2017), пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот:

Во изборната кампања на СДСМ имавте неколку клучни ветувања. Едно од тие е ветувањето дека СДСМ ќе враќа 15 отсто од ДДВ кон граѓаните. Јавноста се прашува, најчесто на социјалните медиуми, зошто нема предвидено ниту еден денар во новиот буџет. Дали стоите сè уште зад ова изборно ветување?

Одговарајќи на прашањето на Димовски, Заев рече:

Целосно стоиме зад сите наши ветувања во предизборната кампања. Од огромна важност е нашиот предлог за поврат на ДДВ кон граѓаните. Со овој предлог ќе решиме неколкукратни потреби на граѓаните или одредени слабости на системот. До 30 отсто е даночната евазија во државата. Прашањето е каде не се уплаќаат парите од ДДВ. Со неплаќање ДДВ, Буџетот на Македонија губи околу 300 милиони евра

Притоа тој појасни дека за да се воведе оваа новина системот бара соодветни админстративни подготовки:

Нашиот план е во 2018 година во два региона со УЈП да спроведеме дијалог и да ги слушнеме мислењата на граѓаните и во 2019 да влеземе со имплементирање на поврат на ДДВ на граѓаните. Ако граѓаните се мотивирани од повратот на ДДВ ќе си бараат фискална сметка, ќе мора да ја добијат, а преку тоа целиот систем на калкулирање и уплата на ДДВ ќе биде анулиран во даночната евазија, која постои

Со тоа ќе се зголеми наплатата и буџетот на државата. Уверен сум дека оваа мерка ќе овозможи поврат на огромни пари кај граѓаните, во просек помеѓу 25.000 и 30.000 денари дополнителни пари ќе се вратат кај граѓаните. Предлогот е 15 отсто од пресметаниот данок од 18 отсто да се враќа кај граѓаните , рече Заев.

Во програмата со која СДСМ излезе на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, „План за живот во Македонија“, вети „враќање на дел од ДДВ на секој граѓанин“, но таму не е наведен рок кога тоа ќе биде направено.

Во делот „Праведен даночен систем“ (стр. 49), меѓу другото,  е наведено:

На секој граѓанин (т.е. на секој краен потрошувач), ќе му се врати 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот на луксузни производи. Целта е, од една страна, да се обезбеди поголем приход за секое семејство; и, од друга страна, да се воведе силна иницијатива на граѓаните да инсистираат на издавање на фискална сметка, со што сите би ја имале улогата на даночните инспектори, со што би се подобрило плаќањето врз основа на ДДВ…

При купување на кој било производ или услуга, односно при секое плаќање, секој потрошувач со сметката плаќа и данок на додадена вредност (ДДВ). По овој основ, во буџетот годишно треба да влезат околу 45 милијарди денари.

Според официјални податоци, даночната евазија (неплаќањето на данокот) изнесува над 30%. Некои изјави дадени од власта говорат за тоа дека, по еден „поход“ на контроли од страна на УЈП кога беа затворени стотици фирми и дуќани, кај над 60% од даночните обврзници било откриено сокривање на вистинскиот промет и даночно затајување. Со можноста за повраток на 15% од платениот ДДВ, секој граѓанин ќе има голема мотивација да инсистира на издавање фискална сметка; всушност, така сите граѓани би ја имале улогата на „даночни инспектори“.

Ова изборно ветување е составен дел на  Програмата за работа на Владата 2017-2020 (стр.3).

Владата на Република Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните” со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на лускузни производи. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција