Донев може да ги врати парите, како што тоа го сторија и функционери од ДИК

Александар Донев. Фото: Агенција промоција и поддршка на туризмот, 2017.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев, за новинската агенција „Макфакс“ изјави дека немал законска можност да ги врати во буџет парите за авио билети за бизнис класа при неговото патување во Аргентина, што е невистина. Секој човек, кој некогаш правел уплати на поштенските или банкарските шалтери во РМ, знае дека постои можност да се уплати на жиро-сметка директно до Буџетот на РМ. Сметката на Буџет на Република Македонија е следна: 100000000063095

 

Александар Донев, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, денеска даде изјава која во еден дел ја сметаме за невистинита:

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев вели дека нема законска можност да ги врати во буџет парите кои тој рече дека ќе ги плати од свој џеб, откако во јавноста беше обелоденето дека до Буенос Аирес, Аргентина, летал со бизнис класа, по цена од околу 4.000 евра. Донев, кој претходно вети дека ќе ја надомести разликата во цената од бизнис до економска класа, за „Макфакс“ вели дека не се премислил за парите, ќе ги донира и за тоа дополнително ќе ја информира јавноста.

– Во договор и во соработка со министерството за труд и социјала, знам дека се работи на соба за деца со посебни потреби, па парите ќе бидат донирани за таа намена, но кога ќе се случи тоа јавноста ќе биде информирана, изјави Донев.

[Извор: Макфакс – Донев: Парите сè уште не се вратени…, Датум: 14.12.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев, за новинската агенција „Макфакс“ изјави дека немал законска можност да ги врати во буџет парите  за авио билети за бизнис класа при неговото патување во Аргентина, што е невистина.

Всушност, тој не треба да врати 4.000 евра, туку разликата од парите од економска до бизнис класа што е околу 30 отсто од билетот што чинел нецели 4.000 евра.

Секој човек, кој некогаш правел уплати на поштенските или банкарските шалтери во РМ, знае дека постои можност да се уплати на жиро-сметка директно до Буџетот на РМ.

Сметката на Буџетот на Република Македонија е следна: 100000000063095

Оваа сметка е на општиот буџет, а доколку сака, на пример, да ги додели на некое конкретно министерство или за донации или во друга буџетска институција, може да го направи тоа на некоја од потсметките и сето тоа, како што потврдивме во неформален разговор со банкарски службеници, може да го стори на секој шалтер од секоја банка, при што ќе добие и конкретна помош.

Впрочем, како што дознаваме од извори Министерството за финансии, тоа до денеска го сториле најмалку двајца членови од Државната изборна комисија и тоа на општата сметка на буџетот со назнака „поврат на средства“ или друга слична формулација.

Директорот Донев, со оглед на неговото јавно произнесување за враќање на парите, тоа можеше да го стори како што опишавме погоре, бидејќи тоа е доследност на изјавата што ја даде пред околу еден месец.

– Сега ако гледам од таа перспектива сум погрешил и еве да пратам една порака исто поука, до другите јавни функционери, јас ќе ги вратам парите што се плус од економската до бизнис класа назад…“, изјави пред околу еден месец Донев за телевизија Телма.

Поради тоа, денешната изјава на Донев дека не можел да ги врати парите во буџетот, ја оценуваме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција