Ќе се подобри ли здравствената заштита на затворениците?

Фото: Filckr

 

Владата на Република Македонија во рамките на Планот за итните реформски приоритети „3-6-9“ го вети следното, за кое оценуваме дека е во тек:

Пренесување на надлежноста за здравствена заштита на затворениците од Министерството за правда во Министерството за здравство

 

[Извор: Влада на РМ – Наративен план 6-9датум: крај на 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владата на Република Македонија во рамките на Планот за итни реформски приоритети 3-6-9, во делот за Реформи во правосудството има ветено дека ќе ја подобри здравствената заштита во затворите преку пренесување на надлежностите од Министерството за правда врз Министерството за здравство.

Според она што го пронајдовме како факти објавено во медиумите, поточно на страниците на редакцијата „Сакам да кажам“, може да се оцени дека реализацијата на ова ветување, иако со задоцнување ( бидејќи рокот за исполнување наведен во „Планот 3-6-9“ е крајот на 2017 година), сепак,  е во тек.

Др-Злате Мехмедовиќ директор на Здравствениот дом Скопје во изјава за СДК.мк дадена на 19.03.2018 ја објаснува процедурата и моменталната состојба на целата постапка:

Во моментов, во амбулантата во затворот Идризово има шест вработени медицински и немедицински лица, а во затворот Шутка има четири вработени. Договорите за преземање на вработените со директорите на затворите ги потпишавме, добивме согласност од Министерството за здравство и сега се чекаат и овие согласности. Се надевам дека до крајот на месецот таа работа ќе се заврши и конечно ќе ги преземеме амбулантите“…„За да го пополниме бројот со кадар според систематизацијата, ќе ни требаат дополнителни согласности за вработување. Во затворите исто така недостига и лабораторија, но според систематизацијата не е предвидено вработување лаборант. Тоа ќе го решиме така што ќе праќаме од нашите лаборанти да земат примероци, кои потоа ќе се анализираат во здравствената станица во Шуто Оризари или во Чаир

Мехмедовиќ воедно појаснува дека сè уште се чека на определување на сумата што би била неопходна Агенцијата за извршување на санкции да ја плаќал кон Фондот за здравство за здравствено осигурување за затворениците и притворените лица, за да можат да се третираат како осигуреници на ФЗО. Само во Скопје станува збор за околу 1500-те затворенци кои во моментот се наоѓаат во најголемиот затвор во држвата КПД Идризово и Истражниот затвор.

 

МЗ ПОТВРДУВА – ПРОЦЕСОТ ВО СКОПЈЕ Е ЗАВРШЕН

 За да ги провериме работите во целост, бидејќи затвори и притворски институции има и во други делови од Македонија, упативме и прашања до Министерството за здравство (МЗ). Од нивните одговори може да се разбере дека во Скопје, каде се наоѓаат речиси две третини од затворениците и притворените лица, работата е веќе завршена или е при крај:

Во Македонија има 14 такви установи. Со оглед на тоа дека досега здравствените установи немаа надлежност за обезбедување здравствена заштита во затворите, со донесување “Одлука за преземање на здравствената заштита во затворите, казнено-поправните установи, отворените одделенија и воспитно поправните установи”, неопходно беше најнапред да се изврши промена на статутите на здравствените домови со помош на Министерството за здравство. Таквата промена е завршена во сите здравствени домови на чија територија има таква установа.

Преземањето во Скопје е завршено, имајќи предвид дека тука се наоѓаат 2/3 од затворениците во Македонија. За останатите градови процесот се очекува да заврши во најбрз можен рок, бидејќи преземањето е сè уште во процедура. 

 

ПОДОБРУВАЊЕТО ЌЕ ЧИНИ ОКОЛУ 40 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Според проценките од Министерството и другите надлежни институции, подобрувањето на здравствената зашитита на овие лица ќе чини и речиси дупло повеќе од досега издвојуваните пари:

Поради потребата од зголемување на буџетите на здравствените домови каде е предвидено преземање на просторот, опремата и кадарот, Здравствен дом Скопје доби зголемување на буџетот од Фондот за здравствено осигурување од 21 милиони денари.

Од одржаните состаноци и направените  анализи, како и од подготовката за преземање на кадарот, опремата и просторот од затворските установи во здравствените домови, Министерството за правда, односно Управата за извршување на санкции, достави податок дека за обезбедување здравствена заштита во затворите досега располагале со приближно 20 милиони денари од Буџетот на Република Македонија, но со извршената анализа е утврдено дека за комплетно функционирање на здравствената заштита за сите 14 установи потребни се приближно 40 милиони денари – се наведува во одговорот од МЗ.

Инаку, освен што е во делот на Итните реформски приоритети поради честите и остри критики од ЕУ во врска со состојбата во затворите, таквата лоша состојба е дел и од остри критики на домашните невладини организации и на Канцеларијата на народниот правобранител.

Сега владејачката партија во предизборната програма од 2016 година насловена: „Живот за сите во Македонија“, има генерално ветено подобрување на сè што е во врска со затворите, вклучувајќи ги и здравствените услови за затворениците:

Нехуманите услови за престој во затворите и притворските установи ќе бидат минато….Дополнително, ќе ги подобриме условите во казнено-поправните институции, особено оние врзани за здравствена заштита и достоинствен третман.(стр.36)

По сите проверки и според методологијата на „Вистиномер“ може да се оцени дека ова ветување од Наративниот план 6-9 на Владата на РМ е во тек.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција