Цветанов: Позадината на исклучувањето на јавноста е затскривање на корупцијата

Ване Цветанов. Фото: ФБ профил

Разговор со Ване Цветанов, активист во „Зелена Лупа“ и поранешен директор на Управата за финансиско разузнавање:

Со оглед дека сте странка во судска постапка, а земајќи предвид и дека како невладина организација „Зелена лупа“ се занимавате со борба за фер и правично судење, какво е Вашето искуство и Вашите сознанија за аспектот на транспарентност на судските постапки, особено пак, за времето на добивањето на судските одлуки со целосно образложение на одлуката, откако таа ќе биде прочитана во судницата?

Цветанов: Во врска со првиот дел од прашањето, како на директно засегната страна во судска постапка бев оштетен во делот на транспарентност во постапката, од причина што мојата презумпција на невиност беше сериозно нарушена во медиумите со информациите дека сум извршил серија кривични дела помеѓу кои и шпионажа, а судот не дозволи јавноста да ја слушне мојата одбрана. Јас лично барав и инсистирав да биде присутна јавноста за време на давањето на исказот за мојата одбрана, каде што дадов гаранција дека одбраната ми е подготвена десет дена пред денот на рочиштето и дека во одбраната нема никаква класифицирана информација или било каква друга причина за исклучување на јавноста, но обвинителката се изјасни за исклучување на јавноста затоа што имала прашања од класифициран карактер. На ова барање од обвинителката, јас побарав мојата одбрана да ја дадам пред јавност, а во делот на прашањата да биде исклучена јавноста, со цел јавноста да ја слушне мојата страна. Судот пресече дека ќе се исклучи јавноста веднаш, пред давањето на мојот исказ за којшто изјавив дека не содржи класифицирани информации, со што се направи штета и на мене лично, но и на јавноста и беше ускратена можноста да биде информирана објективно.

Ваквата пракса постоела и во многу други случаи, што укажува на потребата од подобрување на степенот на транспарентност во работата на судовите.

За вториот дел од прашањето, во пракса, читањето на пресудите е прекратко, односно се остава многу мал дел на образложението на пресудите. Се  читаат генералиите на осудените, кривичните дела за кои се осудени, висината на изречените казни, и многу мал дел од описот на сторените елементи на кривичното дело… Многу малку време се посветува на опис на доказите кои го докажуваат битието на кривичното дело, кое што остава сомнеж за објективноста на постапката. Не се образложува ниту причината за висината на изречените казни. Се читаат како од шега пресуди по 8, 11, 14 години затвор, а судот не троши воопшто енергија за да ги образложи причините за толку високите казни, и во случаи каде што за прв пат им се суди на обвинети и каде што истите казни би можеле да бидат, 1, 2 или 5 години затвор.

Она што е најзабележително е што во поголем дел во писмено изготвените пресуди не се наведени изведените докази и одлучувачките факти,тоа го толерираат повисоките судови и луѓето се наоѓаат во затвор.

Потребно е подобрување на ефикасноста во делот на подготвување на записници од рочиштата и нивно навремено доставување до обвинетите, со цел подготовка на одбрана за следно рочиште. Во минатото имавме случаи каде што записниците се даваа после 6 месеци, каде што најголемиот дел од присутните и заборавиле што точно било кажано, па се оставаше простор за големи сомнежи во однос на веродостојноста на самите записници…
Потребни се подобрувања во сите сегменти од правосудниот систем, а контурите на реформите се исцртани со црвени линии во препораките од Прибе. Во иднина ќе мора да се направат, нема бегање од тоа доколку сакаме да имаме држава во која е подобрен степенот на владеење на правото.

-Што кажуваат во тој поглед искуствата собрани од здружението на граѓани каде што активно делувате?

Транспарентноста и јавноста се едни од најважните елементи за објективна судска постапка. Но присутноста на новинари со тефтери не помага многу. Мора да престане праксата на дозвола фаќање на кадри од страна на камерите, а потоа бркање на камерите и камерманите.
Мора да се овозможи снимање за време на цели постапки.
Верувајте има што и да се сними и да се прикаже. Доколку се воведе таква пракса, одредени судии ќе мора да го стават прстот на чело како ќе судат пред очите на целата јавност и ќе им се намали можноста за криење и манипулирање позади силата функцијата и симболиката на тогите.

-Дали исклучувањето на јавноста може да носи со себе и позадина за прикривање на незаконски дејства на поединци или институции од аспект на корупција, разбрана во сите нејзини облици?

Цветанов: Апсолутно, се разбира! Токму тоа го зборувам цело време.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција