Извештаите на Државниот ревизор не се разгледуваат од собраниските тела
ВЕТУВАЊЕ: Извештаите на Државниот завод за ревизија ќе се разгледуваат од страна на матичните собраниски тела.
[Извор: Изборна програма на СДСМ за предвремени парламентарни избори 2016 „План за живот во Македонија“ страна 233]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на СДСМ дека извештаите на Државниот завод за ревизија ќе се разгледуваат од страна на матичните собраниски тела, дадено за предвремени парламентарни избори 2016 година, не е исполнето.
СДСМ ова ветување планираше да го оствари во текот на првите шест месеци од формирањето на Владата и конституирањето на Собранието, па затоа го има во делот од програмата „План за живот во Македонија“, насловен: „ План 180° итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“, во поглавјето – Правда сигурност и контрола на власта ( стр. 233).
Повод за ваквото ветување на СДСМ беа анализите кои ги правеше партијата и невладиниот сектор кој ја следи работата на Државниот завод за ревизија, а во кои се констатира дека нема никаков одговор од страна на институциите на препораките и укажувањата на ревизорите за неправилностите во трошењето на народните пари.
И по 11 месеци од формирањето на Владата, пратениците на СДСМ – како мнозинство во Собранието, не предложиле ниту формирање на нова комисија која би ги разгледувала Извештаите на Државниот завод за ревозија, ниту, пак, побарале овие извештаите да се разгледуваат од страна на актуелните собраниските комисии. Информации за такви предлози нема во медиумите, ниту, пак, во соопштенија на партијата и информациите за активностите на Собранието.
Увидот направен во дневните редови на собраниските комисии и посебно на Комисијата за финансирање и буџет која според проблематиката што ја разгледува може да се смета за матична комисија за разгледување на извештаите на Државниот ревизор, покажува дека во изминатиот период ниту еден извештај на Државниот ревизор за одредени институции и установи не бил на дневен ред за разгледување.
Ревизорски извештаи како материјали за разгледување на собраниските комисии и Собранието ги нема ниту во рубриката „Материјали“ на интернет страницата на Собранието. Меѓу овие материјали како разгледан на седница од 20.06 2017 година на Комисијата за финасирање и буџет е поместен само „ Годишениот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2016 година“. За овој извештај се изјасниле пратениците и на пленарна седница на Собранието.
Во овој период, меѓутоа, Државниот ревизор има извршено голем број ревизии за кои се подготвени извештаи, што може да се види ако се посети интернет страната на Државниот завод за ревизија.
Државниот завод за ревозија, според своите планови за работа, годишно реализира 50 до 60 ревизии и дава препораки за надминување на неправилностите .
Според она што го покажа увидот во дневните редови на седниците на собраниските комисии и Собранието како и увидот на материјалите кои се подготвени за разгледување на Собранието и комисиите, може да се заклучи дека извештаите на Државниот завод за ревизија сѐ уште не се разгледуваат од страна на матично собраниско тело, ниту пак од другите работни тела во Собранието. Тоа покажува дека, ветувањето на СДСМ дадено во програмата „ План за живот во Македонија“ не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на СДСМ за предвремени парламентарни избори 2016 „План за живот во Македонија“ страна 233. [Пристапено на 10. 05 2018]
- Државен завод за ревизија – извештаи [Пристапено на 10. 05 2018]
- Собрание на РМ рубрика – материјали [Пристапено на 10. 05 2018]
- Собрание на РМ – седници на работни тела на Собрание [Пристапено на 10. 05 2018]
- Собрание на РМ – седници на работни тела на Собрание – комисија за финасирање и буџет [Пристапено на 10. 05 2018]
- ТВ ТЕЛМА(26.април 2018 година): Ревизорите препорачуваат, институциите не применуваат, Обвинителството работи. [Пристапено на 10. 05 2018]
- МЕТА 3 јуни, 2016 – СДСМ: Најновиот ревизорски извештај за Град Скопје покажува бројни злоупотреби [Пристапено на 10. 05 2018]
- СДСМ- Соопштенија [Пристапено на 10. 05 2018]
- Собрание на РМ – работни тела [Пристапено на 10. 05 2018]
- Собрание на РМ информации за активности и дневен информатор [Пристапено на 10. 05 2018]
Оцени: Рада Исовска-Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар