ACTION SEE: Анализа за отвореноста, отчетноста и транспарентноста на Собранието

sobranie.mk

 

Последната Анализа за работата на Собранието, направена во рамки на второто мерење преку проектот  ACTION SEE, денес (14.11.2018) е доставена до Собранието на Република Македонија. Анализата е испратена до претседателот и потпретседателите на Собранието, како и до координаторите на пратеничките групи во Собранието,  на нивните електронски адреси објавени на веб-страницата на парламентот.

Овој проект се спроведува во регионот на Западен Балкан и ги мониторира институциите на извршната, локалната, судската власт и Собранијата во регионот.

Адресирани беа и Националниот совет за евроинтеграции, како и Буџетскиот Совет, со цел да се укаже на забелешките во Анализата, кои прозлегуваат од неисполнување на обврските од извештајот на Прибе, како и добрите меѓународни пракси и ЕУ регулативи во однос на објавување на Граѓанскиот буџет – истиот сѐ уште не е објавен на веб-страницата на Собранието, иако таа пракса ја започна Владата и неколку министерства.

Анализата се однесува на степенот на отвореноста, отчетноста и транспарентноста на работата на Собранијата во регионот и РМ. На овој начин сметаме дека ќе поттикнеме и дебата и дискусија, како и намера за граѓанско учество и користење на алатките за комуникација со пратениците и онлајн добивање одговори. Ова е една од забелешките во Анализата каде што е посочено дека:

Зголемувањето на исполнувањето на индикаторите за интеракција на Собранието со граѓаните од 61% на 64% е незначително, поради што препораките остануваат непроменети. Собранието треба да направи повеќе во рамки на организацијата и усовршувањето на комуникациите преку расположливите алатки, тоа треба да ги поттикнува пратениците повеќе да ги користат алатките и тие да бидат промовирани меѓу граѓаните.

Останува забелешката од истрaжувањето во 2017 дека Собранието на РМ треба да работи на подобрување на отвореноста на работните тела (комисиите), со тоа што би се објавувале присуствата на пратениците на сесиите, стенограмските и видео записите, како и начинот на гласање на пратениците на работните тела. Според сегашната пракса се објавуваат заклучоците и предложените амандмани, а видео записите (кои се емитуваат и со задоцнување од неколку дена и без информации кога ќе се објават од одредени седници) и покрај тоа што се емитуваат на националниот собраниски ТВ канал, не се објавуваат на веб-страницата на Собранието. Граѓанските организации укажуваат на тоа дека не се објавуваат записниците од седниците на работните тела, додека структурата на записниците е невоедначена и во праксата не ги следи одредбите на Деловникот. Во поглед на квалитетот на изготвените записници се нотира прогрес, но само во работењето на мал број комисии.

На овој начин се надеваме дека директно ќе придонесеме кон унапредување на новото мерење, кое ќе почне во периодот од декември 2018 година до март 2019 година.

Анализата ќе биде доставена и во печатена верзија до адресантите во Собранието.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција