Ветеното лизгалиште во Кавадарци е направено
Десетина дена пред локалните избори (октомври 2017), градоначалникот на Кавадарци , Митко Јанчев, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за челната функција во Општината, претставувајќи ги проектите од својата изборна програма, меѓу другото, вети и:
Изградба на современо лизгалиште во Кавадарци
[ИЗВОР: Нетпрес, датум: 01.10.2017]
ОБРАЛОЖЕНИЕ:
Ова изборно ветување на градоначалникот Митко Јанчев е исполнето. Лизгалиштето во Кавадарци е изградено и пуштено во употреба во декември минатата година.
На 18 декември 2018 година градоначалникот Јанчев во присуство на претставници од Хокеарската федерација на Македонија, педагози по физичко образование, како и ученици од Кавадарци, го предаде во функција лизгалиштето кое се наоѓа во комплексот на спортскиот центар „Јасмин“. Како што беше тогаш кажано, лизгалиштето е со двојна намена, претпладне ќе работи како центар за настава по физичко за учениците од општината, а попладне на комерцијална основа за сите кои после настава сакаат да се рекреираат. Набавени се околу 300 лизгалки, а комерцијалното неограничено лизгање чини 100 денари.
Во дел од медиумите беше пренесена изјава од Јанчев во која тој вели дека идејата била негова и на Општината, а е остварена во соработка со компаниите донатори „Црна Река Петрол” и „Кожувчанка”:
Општина Кавадарци преку Сојузот на училишни спортови, преку училиштата организира бесплатно лизгање во зимските месеци. Учениците ќе имаат часови по лизгање. Ќе можат децата да се релаксираат. Задоволство ми е што Кавадарци доби лизгалиште и што можеме да се рамниме со поголемите градови, рече Јанчев.
Информација и фотографии за новото лизгалиште во Кавадарци се објавени и на веб-страницата на Општината.
ИЗВОРИ:
- Нетпрес ( 01.10.2017): Јанчев: Нудиме иновативни проекти и трајни решенија за клучните проблеми со кои се соочуваат кавадарчани [Пристапено на 27.09.2019]
- Грид.мк (18.12.2019): Кавадарци доби лизгалиште[Пристапено на 25.09.2019]
- 24 инфо (18.12.2019): Кавадарци доби лизгалиште[Пристапено на 25.09.2019]
- Веб-страница на Општина Кавадарци: Отварање на Лизгалиштето во СЦ Јасмин [Пристапено на 25.09.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар