Полицијата на Северна Македонија заплени еден килограм, а не еден тон кокаин!

Фото:Принтскрин

 

Радио-телевизија Војводина вчера (19.02.2020) објави текст со кој ја дезинформираше јавноста дека во нашата земја се запленети 1,3 тони кокаин, а, всушност, станува збор за еден килограм. Лажната вест „тешка еден тон“ е соопштена во самиот наслов (Zaplena 1,3 tone kokaina u Severnoj Makedoniji), додека внатре во написот информацијата е точно пренесена.

Веста се повикува на повеќе извори (македонски – А1ОН, словенечки и српски – РТС) и коректно информира дека:

Полицијата на Северна Македонија пресече шверцерски канал, со кој 1.3 тони кокаин требало да се транспортира во Словенија и понатаму во Западна Европа, јавуваат словенечките медиуми.

Кокаинот, кој пристигнал во црногорското пристаниште Бар од Колумбија, бил префрлен во Албанија, а потоа и во селото Крушопек, недалеку од Скопје.

Во акцијата, која заеднички ја спроведоа од полицијата на Северна Македонија и Италија, уапсени се  три лица, пренесуваат А1он и РТС.

Македонската полиција во камион кој пренесувал банани пронашла еден килограм кокаин, а остатокот завршил во Италија, јавуваат македонските медиуми.

Ама со погрешниот избор на насловот е направена голема штета, независно дали, можеби, се работи за ненамерен пропуст.

Одговорноста за грешката, не ја намалува ниту фактот што дезинформацијата за заплена од 1,3 тони кокаин, тргна од македонските медиуми кои први ја објавија лажната вест.

Одговорното и професионално новинарство подразбира коректен и внимателен пристап во пласирањето на информациите, особено при конструкцијата на насловите, бидејќи читателската публика неретко се задржува само на насловот без да ѕирне што има внатре во веста.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција