Новинарот не смее да пишува идолопоклонички

Написите што излегуваат од пи-ар (канцеларии за односи со јавноста) на политичките партии или други организации и институции, а кои се емитуваат како целосни информации, немаат никаква врска со вест. За текстот што го разгледуваме не е јасно дали е соопштение на политичка партија, дали е  пишување од пи-ар агенција или слично, но сигурно не е вест

 

Фотографија од веста што се разгледува

Линк до оригиналниот напис: „Конгрес на ДУИ, Али Ахмети и голема победа  на 12 април“    Kongresi i BDI-së, Ali Ahmeti dhe fitorja e madhe e 12 Prillit

Датум и време на објавување: 22.12.2019

Датум на рецензија: 22.12.2019

Рецензира: Фатлуме Дервиши

Пофални зборови, славење и воздигнување на политичка фигура се користат во написот под наслов „Конгресот на ДУИ, Али Ахмети и големата победа на 12 април“, во кој се опишани конгресот на ДУИ и фигурата на лидерот на партијата Али Ахмети. Станува збор за крајно субјективен напис, почнувајќи од насловот. Токму насловот предвидува голема победа на партијата на изборите на 12 април. Ваков текст не може да го направи новинар, барем не би требало.

„Со апсолутна смиреност на лидер, кој се занимава со својата партија и никогаш со другите, Али Ахмети… Тој излезе како тврдина од војната, а сега е политичка тврдина.

Ова е така затоа што Ахмети во одредени моменти знае да ја трансформира партијата со тоа што ќе донесе нови фигури кои се силата на победите што се случија и што ќе следат повторно на 12 април… Али Ахмети не може без ДУИ, но  се чини дека ниту ДУИ не може без Али Ахмети и ова е унија на бескрајни победи.

Конгрес совршено организиран од Артан Груби, освежување на Генералниот совет и моќна младина …“ – ова се само некои од најекстремните субјективни погледи во текстот што го разгледуваме.

Кодексот на етиката на новинарите е многу јасен во овој поглед. Тој предвидува дека „новинарите мора да прават разлика помеѓу факти и мислења, помеѓу вести и коментари“.

Ова значи дека вестите мора да се засноваат на факти и податоци од релевантни извори. Личните коментари на новинарот треба да бидат одвоени од вестите, па дури имаат и посебни категории или рубрики на порталот каде можат да бидат објавени. Текстот за кој станува збор не е објективен одраз на конгресот и на Ахмети, туку е напишан во духот на воодушевеност и за настанот и за личноста на Ахмети, до ниво на идолопоклонство.

Техники на манипулација

Во текстот забележуваме техника на манипулација дефинирана како „Повик на веројатност“, односно „склоност да се верува дека можноста нешто да
се случи е доказ оти истото ќе се случи“. За авторот, победата на ДУИ на 12 април е сигурна. Според Прирачникот на Критинк, освен оваа манипулативна техника, се забележува и користење „селективни докази“, односно авторот покажал „тенденција да покажува факти што го поддржуваат тврдењето и во исто време игнорира факти што се против тоа“. Тој се обидел да ги убеди сите во своето убедување.

За читателите

Ако се процени дека има настан, појава или друга работа за која треба да се информира јавноста, новинарот тоа го прави преку факти и извори што го потврдуваат тоа. Личните политички ставови на новинарот не се во интерес на јавноста и не треба да се „продаваат“ како вести. Новинарот, во никој случај, не ги фали своите политички идоли со големи зборови и не предвидува победници на изборите без да ги адресира овие предвидувања до релевантен извор. Истовремено, никогаш не ги заобиколува мислењето и фактите што зборуваат против тоа.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција