Времето на короната како доба да се напише ремек-дело

Фото: Белградско „Време“, скриншот

Нашата позната писателка Румена Бужаровска во колумна за белградско „Време“ се жали на своите загрозени лични права во време на рестрикциите предизвикани од борбата со корона вирусот. Таа смета дека вонредната состојба е производ на притисокот од највозрасните, а жртва е самата како дел од креативните и слободоумните личности кои треба да живеат, работат и да се движат

 

Нашата позната писателка Румена Бужаровска во колумна за белградско „Време“ се жали на своите загрозени лични права во време на рестрикциите предизвикани од борбата со корона вирусот. Таа смета дека вонредната состојба е производ на притисокот од највозрасните, а жртва е самата како дел од креативните и слободоумните личности кои треба да живеат, работат и да се движат

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Правото на живот е највисоко право – потенцира на својот блог деновиве еден од оние кои беа политички жртви на претходниот режим, откако пошироко ги елаборира своите мислења за слободата на движењето, правото на слободно мислење и сѐ она што му беше со години одземено. Во исто време имаме сѐ позачестени размислувања за тоа дека вонредните мерки ги кршат човечките права, што секако, како аргумент ќе биде се поприсутен во јавната комуникација како што ќе се зголемува времетраењето на вонредните мерки. За присуството на ваквиот аргумент во приватната комуникација и да не говориме.

Во колумната на една од најпреведуваните македонски писателки, Румена Бужаровска, во белградскиот неделник „Време“ под наслов „Погледни ме и јас страдам“ има многу од таа клима на загрозеност на личните позиции и чувства на репресија во време на вонредните мерки. Авторката и преведувачка во поднасловот на колумната вели:

Одеднаш, моите соборци во борбата за човечки права имаат доверба во полицијата и бараат тие да не чуваат. Некои од нив бараат целосен карантин. Меѓу нив има и такви кои животот го минаа пушејќи и пиејќи во ладот на прекрасните скопски кафеани. Сега не се баш со добро здравје, а и во поодминати години се, па бараат од другите да не живеат, да не работат и да не се движат. 

Очевидно кај авторката, а се чини и кај други сегменти од Шарената револуција, некои од нив и професионално определени да ги бранат човековите права, постои некаква стекната аверзија кон сѐ што е симбол на извршната власт, пред сѐ, полицијата, а за верување е и кон војската. Новата линија за демаркација во тој блок на борци за човекови права сега се прави на таа линија (да има или не рестрикции во движењето на граѓаните), потоа во однос на лошите навики на дел од своите довчерашни соборци (пиеле и пушеле по кафеаните) а на крај и нивно постројување според нивната старост, укажувајќи дека дел од нив се болникави и би се рекло исплашени луѓе (неупотребливи), кои сега се кријат зад униформираниот дел на државата и копнеат по нејзината заштита. Но, дури и такви, можеме да ги замислиме, јадни, со топломер во устата  и со плашливи погледи зад завесата, тие се јавуваат како пречка креативните и слободоумните личности да живеат, работат и да се движат.

Мерките на заштита од пандемија ги има ширум светот, како и во оние познати по својот суров режим (Северна Кореја), така и кај оние кои тоа не се (САД, Италија, Шпанија), но и кај државите што отпрвин се потпреа врз борба против корона вирусот преку феноменот на колективниот имунитет, во основа во борба до крај за интересите на бизнисот кој не сака да знае за одмор, ама, ете, е загрижен за заштита на човековите права како свое политичко оправдување за натамошните профити. И ете, земја по земја сега се откажуваат и оние кои беа најтврди во таа тактика (Шведска, на пример) и на пат се да нѐ копираат, онака како што ние копиравме други, кои малку пред нас се соочија со болеста.

Значи, проценката за тоа како ќе изгледа борбата со короната во најголем дел од светот не ја прави само политиката, или може да се рече помалку ја прави политиката, а повеќе произлегува од проценките на медицинската струка, бидејќи таа менаџира еден процес кој треба да спасува човечки животи, кои, нели, се согласуваме, се на пиедесталот на правата. Извршната власт е асистент на луѓето во бели мантили, а во тие рамки влегуваат и полицијата и војската со својата поддршка во креирањето на мизансценот на голиот спас. Влијанието на одлуките за тоа како ќе изгледа таа борба ако не ја води медицинската струка е многу повидлива онаму каде се избра другиот модел, сокриен зад наводната заштита на човековите права, каде играчите на НБА мораа да играат пред публика додека ѓаволот не ја однесе шегата (па сега врвни ѕвезди се во болница), слично како што и играчите на англиската Премиер лига настапуваа предолго пред гледачи на трибините, ама затоа политичкиот репрезент на таа логика (премиерот Борис Џонсон) и самиот заврши пред лекарите, за тие да му го спасуваат животот, а заболени се и членови на кабинетот.

Во земјите со многу сенс за граѓанските права нема да се дозволи извршување смртна казна, да се изврши евтаназија, иако е тоа, нели, изрична желба на заболениот без изгледи да преживее на подолг рок. Токму таму го штитат правото на живот како врвно. Поделбите дали некој пиел кафиња и пушел во кафеаните и дали како болникав повикувал полициска заштита е беспредметна во ова време и станува показател на еден вид на опсесивна преокупираност со униформите. Впрочем, во многу западни земји се шири, преку социјалните мрежи, движењето boomer remover”, каде се враќа во оптек традиционалното размислување за постарите сограѓани, роднини и соседи опишана во филмот „Баладата за Нарајама“, на пример, кога оние кои ја поминале 60-тата треба да бидат тргнати од домот. Па, оваа пандемија се смета за добредојдена да ја има улогата на терминатор на луѓето кои го „одживеале своето“.

Во постојните услови секогаш има начини да се изрази сопствената ангажираност, па и да се комуницира директно меѓу оние кои се здрави и полни со работен елан. И посебно за луѓето од перото – Жан Пол Сартр ја напишал драмата Bariona ou le Fils du tonnerre како воен заробеник, во логор (1941). Во окупираниот Париз ги објавил книгите „Битие и ништожност“, „Муви“ и „Зад затворени врати“. Тоа не биле времиња само на забрани, туку и на гола репесија. Нобеловецот Иво Андриќ во најтешки времиња на воена окупација на Белград ги напиша „„Мостот на Дрина“, „Босански хроники“ и „Жената од Сараево“ и тие биле објавени во 1945 година. Да не говориме за „Декамерон“ на Бокачо, книга која настанала во време кога владеела чума во Италија и кога мала група успеала да се сокрие во едно мало село. Делото ја „преврте“ историјата… Да набројуваме понатаму? Или и ова е доволно да ги поттикнеме креативците да го искористат времето на епидемијата за да создадат некое ремек-дело?

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција