Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ продолжува да спинува околу Дака, иако парите ги дал во времето на Груевски

Фото: МЕТА/Вистиномер

Сѐ додека ВМРО-ДПМНЕ упорно го премолчува тврдењето на црногорскиот бизнисмен Дака дека не дал мито, а дека парите што ги дал на Кичеец ги дал во времето на Владата на Никола Груевски, партиското тврдење за наводна корупција на Заев за овој случај е спин

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ, во партиско соопштение посветено на здравствена криза, повторно изнесува тврдење за коруптивност на Зоран Заев со елементи на извртена вистина, т.е. спин:

Спин:…Да беше криминал, корупција или рекет, власта на Заев би била организирана максимално, но не и кога треба да се заштити здравјето и животот на граѓаните. Цела јавност виде како се организирани кога треба да договараат со контроверзниот бизнисмен Дака, за што самиот тврди дека исплатил 300 илјади евра…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – Датум: 02.07.2020]

 

Контраспин: Во соопштение поврзано со здравствената криза и во кое се критикува министерот за здравство, Венко Филипче, зошто го има на партиски спот, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја лепи темата со црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, користејќи извртена вистина, т.е. спин.

Темата со Дака се појави во јавноста на 29-30 јуни кога на Јутјуб излезе уште една нелегално снимена комуникација, овој пат помеѓу бизнисменот и Зоран Милевски Кичеец, кој ги добил парите од Дака на име консултантски услуги, како што вели Давидовиќ и му ветил дека ќе му заврши работа за отворање бизнис за изградба на мали хидроцентрали и ветерници.

Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како и функционерите на оваа партија, неколу пати во период од два-три дена во јавноста пласираат теза дека тие пари завршиле кај екс-премиерот Зоран Заев и негови блиску луѓе и со тоа спинуваат, зашто воопшто не го земаат фактот дека самиот бизнисмен ја демантираше приказната со митото и со некаква незаконска транскација кон Заев или негови блиски луѓе.

Напротив, реагирајќи веднаш по појавувањето на нелегалната снимка, Давидовиќ во реакција до јавноста тврди две работи: првата дека нема корупција (мито); втората, парите биле дадени на Кичеец во време на Владата на Никола Груевски, иако не е прецизно наведено кога точно, зашто во цела 2016 година имавме техничка влада, но таа сѐ уште беше „Влада на Никола Груевски“ со технички министри од СДСМ во ресори кои немале допирна точка со делење концесии!

Еве што вели во својата изјава Дака за медиумските објави во земјава, кои пренесоа делови од нелегално снимениоот разговор:

Фактот дека наведените парични средства ги исплатив на Зоран Милевски во времето на Владата на Никола Груевски, а не во Владата на Зоран Заев, исто така, потврдува колку написите се невистинити, односно монтирани. (види линк тука).

А, еве што вели за средбата со Заев откако тој станал премиер, а која му ја обезбедил Милески:

Точно е дека на состанокот со премиерот Зоран Заев ги изложив своите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер. Меѓутоа, соопштено ми е дека сите концесии за овој вид дејност се по повластени тарифи, веќе доделени, упатувајќи ме кај генералниот секретар на Владата, г-динот Драги Рашковски, да проверам какви се плановите на Владата за идниот период, врзано за доделување нови концесии. Меѓутоа, ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект.

Според тоа што ВМРО-ДПМНЕ вооопшто не ги споменува овие факти, односно тврдењето изнесено од Дака, сосема е јасно дека натамошното повторување на оваа тема од страна на партијата, за наводна корупција на Заев поврзана со црногорскиот бизнисмен, е несомнено спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција