Навивачка статистика за корона-вирусот

 

[Рецензија: „Телма“ математика: 10% новозаболени дневно, од тестирањата во изминатите 6 дена]

 

Тезата дека од статистиката за извршените тестови за присуство на корона-вирусот, кои се прават врз граѓани – потенцијални пациенти, треба да се „избришат“ тие што не се правени во т.н. црвени зони, како и тие што се употребени како означување на крајот на процесот на заздравување, е тенденциознa во стартот на пребројувањето. Јасно, ако постои обид да се докажува дека ние сме одново во некаква пандемиска криза, сѐ е добредојдено, па и користење на ножиците како би се добило нешто што би било соодветно за да се најде вистискиот обем на корона-кризата кај нас. Постаопка што едноставно во овие мигови може лесно да добие политичка арома. Ова се направи деновиве и во еден посебен прилог на ТВ „Телма“, во рамките на емисијата „Црвена линија“, а потоа, следниот ден, се репризира како посебен прилог во ударниот попладневен дневник.

Линк до оригиналниот напис: „Телма“ математика: 10 % новозаболени дневно, од тестирањата во изминатите 6 дена

Датум и време на објавување: 19 мај 2020, 15:19

Датум на рецензирање 23 мај 2020

Рецензент: Љубомир Костовски

Во своето последно интервју, дадено за ТВ „24 вести“, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека е нормално одвреме-навреме да има нови, мали пикови, но дека генерално битката со корона-вирусот во оваа етапа од пандемијата главно е добиена. Се осврна на намалената дисциплина кај граѓаните во однос на носењето на неопходните реквизити.

Но, во екот на политичкиот двобој во дневните активности на партиите падна в очи истражувањето што беше пласирано на „Телма“, а во кое се тврди дека нам корона-вирусот ни се вратил на голема врата. Ова секако дека има политичка тежина за аргументите на политичките сили што бараат одложување на изборите.

Повеќе од 10 проценти од вкупно тестираните во последните 6 денА се позитивни на Ковид 19. Или тоа прикажано во бројки значи од просечно изработени 190 теста дневно регистрирани се по 20 новозаболени.

Ова е секако доста тенко минување на границата за која се смета дека постои меѓу загрижувачкиот број заболени и бројот на вкупно тестираните лица во земјава, бидејќи „математиката“ на оној што го правел прилогот нема официјално покритие од официјалните органи. Јасно, правена е со самоволна редукција на бројот на тестираните.

Така, „Телма“ пресмета дека во последните 6 дена се изработени вкупно 2.167 тестирања, но од нив дури 908 се за вработени во градинките.

„Тоа значи дека ако се одземат тестирањата во градинките, разлика од 1.259 е, всушност, реалната бројка на изработени тестирања со кои би се лоцирале новозаболените од корона-вирусот“. Потоа се продолжува во ист стил, па се вели дека „…и овој број е под знак прашалник, бидејќи во изминатите шест денови има и оздравени пациенти – 116. Од досегашната пракса за еден болен да биде регистриран како оздравен значи дека трреба да има минимум 2 негативни тестови“. И да не набројуваме понатаму, авторот доаѓа од бројката на вкупно тестирани тие денови 1.143 до бројката 190,  за да се дојде на границата на алармот – 20 отсто од тестираните се заболени и „светилката свети“. Заклучок – ние имаме загрижувачки број на пациенти. Индиректно – не смее да има активности како избори, на пример, бидејќи, бројот на новозаболените покажува опасен тренд.

Добро, дали до вчера опозицијата не велеше дека треба да се врши „тестирање, тестирање и само тестирање“? Од каде сега тестирањето на вработените во градинките може да се изземе, односно да бидат „аут“? Еве, во овие денови правени се такви тестови и во дел од полицијата (ЕБР), каде е откриен еден заболен од корона-вирусот. Според признанието на министерот за полиција морало да се направат тестирања на сите колеги со кои тој имал конаткти, иако ниту еден од нив немал никакви сипмтоми. Најдено е дека, всушност, се заболени 14 полицајци (!), а дури 104 од нив се ставени во домашна изолација. Замислете сега колку тука има тестирања и колку ќе ги има… ама веројатно некој – како да треби ориз – ќе одредува што е според правилата, а што не! А, во основа се работи за едно ново жариште, гледано низ визирот на епидемиолозите.

Исто така, се прави напор од тестираните да се издвојат оние што оздравеле! Чуму? Па, зошто тогаш се сметаат „во купот“ оние што не оздравеле, а биле проверувани, но покажале незадоволителни резултати, односно нивните тестови се забележани како позитивни! Тие може да бидат позитивни и уште неколку пати, кога ќе бидат тестирани и одново се дел од бројките. Ама, тие тука се секако во поддршка на мотивот на статистичарот.

Дека изборите биле дел од мотивацијата на оваа горенаведена статистика, покажува и фактот дека се цитира изјавата на заменик-министерот за здравство Арменд Аслани, кој го пренесе ставот на Комисијата за одржување на парламентарните избори. Според изјавата дадена на 11 мај, само ако бројот на заразените во наредните 14 дена е под 5 проценти може да се разговара за избиралиштата. Се додава дека министерот за здравство, Венко Филкипче, не бил дециден дали Комисијата би одобрила избори со ваквите резултати од тестирањата.

Се вели и дека директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Арбен Зибери, бил загрижен поради новите бројки и изборите. Изборите, изборите… Со таков мотив тешко е да не се погрешат бројките. Да не говориме дека за тоа дали присуството на вирусот е загрижувачко или не, постојат седум – осум фактори, што во оваа анализа едноставно „испариле“.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција