Српски функционер лажел за тестовите за Ковид-19, а портал дека Сорос е уапсен

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите Istinomer.rs анализира една дезинформација што на 16 март годинава ја изнел пред јавноста во Србија покраинскиот секретар за здравство и член за Кризниот штаб за сузбивање на Ковид-19, Зоран Гојковиќ. Тој тогаш изјавил дека Србија во тој момент има доволно тестови за откривање на новиот корона вирус, но Istinomer.rs врз основа на понови изјави на членови на Кризниот штаб заклучува дека земјата немала доволно тестови во времето кога Гојковиќ ја дал изјавата, односно изнел лажен податок.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите земајќи ги предвид изјавите на епидемиологот Предраг Кон, член на Кризниот штаб, дадена на 20 април, како и изјавата на пулмологот Бранимир Несторовиќ, исто така член на Кризниот штаб.

Кон за телевизијата „Хепи“ на 20 април рекол дека во еден период немало доволно тестови, но не сакале „да кукаат“ пред народот, туку работеле со тоа што го имале.

Вториот аргумент на Istinomer.rs дека Зоран Гојковиќ кажал невистина е изјавата на Несторовиќ дадена на 3 април за телевизијата „Б92“, кога рекол дека Србија имало многу малку тестови, а и тие биле многу неверодостојни, исто како што се случило во февруари, во САД.

Босанско-херцеговскиот портал за борба против дезинформациите Raskrinkavanje.ba, пак, раскринка лажна вест пренесена на порталот „Eksluzivno“ на 20 април годинава, која всушност е само пренесен текст објавен во 2017 година на порталот „Avala Info“.

Во текстот се тврди дека е уапсен американскиот мултимилионер и филантроп Џорџ Сорос. Raskrinkavanje.ba напоменува дека порталот „Ekskluzivno“ е без импресум, а во веста се повикал на американскиот портал „TRUEAMERICANS“, според кој Џорџ Сорос бил уапсен на аеродромот Лос Анџелес „кога сакал да ја напушти земјата“. Потоа оваа лажна вест ја презеле уште два анонимни портали од српско-хрватското јазично подрачје.

Но на текстот објавен на 30 март 2017 на „TRUEAMERICANS“ биле напишани само три реченици, во кои се тврди дека Сорос е уапсен на аеродромот во Лос Анџелес – но тој веб-сајт во април годинава повеќе не постои.

А обичното пребарување на интернет покажува дека ниту еден релевантен медиум од САД не објавил информација дека Сорос е уапсен, од што станува јасно дека станува збор за лажна вест, пишува Raskrinkavanje.ba.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција