АНАЛИЗА: Кои проекти одат под „нож“ со ребаланс на Буџетот?

Фото: Порталб

Преполовени средства за изгардба на владини објекти, за спортски сали и училишта, намалени пари за гасификација и за локални патишта, повеќе за рурален развој и за НАТО. „Порталб“ објавува детали од Развојниот дел на ребаланс на Буџетот – кај кои министерства и агенции колку се крати, а кои ќе добијат повеќе со ребалансираната каса

 

Пишува: Анета Додевска

 

Кое министерство колку добива или губи

Преку Служба за општи и заеднички работи на Владата, парите за изградба и реконструкција на објекти на Владата се речиси преполовени, сведени на ниво од само 70.000 евра, а за  изградба и реконструкција на административни згради на државни органи средствата се намалени на 2,8 милиони евра.

Министерството за одбрана не претрпе значајни кратења. Намалување има кај парите за модернизација на МО, но зголемување има кај ставката интеграција во НАТО.

Значајно намалување на средствата за реформи во полицијата има во рамките на Министерството за внатрешни работи – на ниво од скоро 5,3 милиони евра, за реконструкција и опремување на згради се планирани  780.500 евра, а преполовени се и средствата за изградба, реконструкција и опремување на казнено-поправните установи и за реформи на казнено-поправните установи во рамките на Управата за извршување санкции.

Кај Министерството за економија позначајно намалување има на средствата за „гасификација“, предвидени на ниво од само 163.000 евра. Намалени се и средствата за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија на 334.000 евра. Со ист буџет како сегашниот ќе раполага Дирекција за технолошки индустриски развојни зони – 6,4 милиони евра.

Министерството за животна средина добива повеќе пари со ребаланс на буџетот – парите за Дојранско езеро се зголемуваат на 1.000.000 евра, повеќе средства ќе има и за колекторски систем Охрид и Струга – 5,6 милиони евра додека за уредување на Порој на речно корито на река Пена – Шипковица не се предвидени средства со ребаланс на Буџетот.

Преку Министерството за транспорт, финансиите за надградба и реконструкција на управна зграда и за изградба на социјални станови остануваат непроменети во однос на сегашниот Буџет, зголемување има кај парите за изградба на водовод и канализација во општините, додека намалување има кај Проектот за олеснување на трговијата и транспортот а  финанасиите за локални патишта се намалуваат  на само 870.000 евра. За мега – проектот гасификација средствата се намалени на ниво од 9,5 милиони евра. Значајно се намалени и парите за инвестиции во железничката инфраструктура на 15,7 милиони евра.

Од позначајните капитални проекти, под „нож“ кај Министерството за земјоделство одат хидросистемот „Злетовица“ со намалени средства на 2,9 милиони евра, додека благо зголемување има кај финансиите за хидросистемот „Лисиче“никаде не кажува дека е . Преку Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој значајно се зголемуваат парите за финансиска поддршка на рурален развој на 28,1 милион евра.

Кај Министерството за труд и социјална политика, кое располага со еден од најголемите буџети, повеќе пари ќе има за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита – 1,3 милиони евра, додека за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица средствата се намалуваат на 111.000 евра. Финансиите за поттикнување на вработувањето остануваат на исто ниво како и сега.

Со ребаланс на Буџетот помалку пари преку Министерството за образование ќе има за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, па така за изградба и реконструкација на основни улишта парите се намалени на 1,5 милиони евра, а за изградба на училишни спортски сали во основни училишта на 5,8 милиони евра. За  изградба и реконструкација на средни училишта средствата се намалени на 102.000  евра, а за изградба на училишни спортски сали во средните  училишта на 1,4 милиони евра. Значајно се намалуваат средствата за изградба на ученички домови и за реконструкација и изградба на студентски домови – на 447.000 евра.

Кај развојната компонента на Буџетот, преку Министерството за здравство кое е стратешко во сегашата Ковид-19 криза, средствата за реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи остануваат на исто ниво од 3,1 милион евра, за изградба на амбуланти во рурални места не се планирани воопшто, намалување на 3,9 милиони евра има кај парите за медицинска опрема за потребите на ЈЗУ. Во ребаланс на Буџетот се укинуаат парите за Општа болница Кичево, а големо намалување има и кај средствата за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип – сведени на само 2,8 милиони евра. 

Со Ребаланс на Буџетот се предвидува досега најголемиот буџетски дефици од 921.000.000 евра. Годинава според владината проекција БПД  ќе биде во минус со 4,4%.

  

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција