Не е вистина дека сме поблиску до пронаоѓање вонземјани на Марс

Нема никаков доказ за вонземјани или каква било форма на вонземски живот на Марс или на кое било друго место во универзумот. Научниците опширно го проучувале Марс преку различни мисии, вклучително и орбитери, лендери и ровери, но досега не откриле ниту еден убедлив доказ за живот надвор од Земјата

Нема никаков доказ за вонземјани или каква било форма на вонземски живот на Марс или на кое било друго место во универзумот. Научниците опширно го проучувале Марс преку различни мисии, вклучително и орбитери, лендери и ровери, но досега не откриле ниту еден убедлив доказ за живот надвор од Земјата

 

 

Објава на социјалната мрежа Тредс тврди дека сме се поблиску до пронаоѓање вонземјани на Марс. Ова не е точно.

Поблиску до пронаоѓање вонземјани на Марс? НАСА откри траги од гас кои би можеле да бидат знак за живот во близина на кратер на Црвената планета

Идејата за вонземски живот го фасцинира човештвото со векови, при што Марс често се прикажува како потенцијално живеалиште на вонземјани. Во голем број на филмови, разни телевизиски продукти и фантазии, Марс речиси секогаш бил населен – ако не со вонземјани, тогаш со луѓе од планетата Земја. Сепак, неодамнешното тврдење дека сме поблиску до пронаоѓање вонземјани на Марс во голема мера произлегува од погрешни толкувања и сензационализам на платформите на социјалните медиуми, а не од вистински информации.

Имено, на објавата што ја рецензираме од социјалната мрежа Тредс, споделен е текст којшто ги пренесува последните откритија на еден од роверите на Марс испратени од НАСА, дека е пронајден метан на Марс, иако ова воопшто не е ново откритие, туку е од пред повеќе од две години. Сепак, сега сензационалистички се споделува на оваа социјална мрежа. Но, пронаоѓањето на одреден гас многу се разликува од пронаоѓањето вонземјани и од информацијата дека е пронајден некаков гас не може да се заклучи дека се пронашле вонземјани. Впрочем, кога ќе се каже „вонземјани“, сите помислуваат на мали зелени суштества, а не на гасови и микроби. Затоа, овој наслов е манипулативен и ги измамува корисниците на социјалната мрежа.

Научната заедница, иако секогаш е отворена за можноста за живот надвор од Земјата, одржува ригорозен стандард на докази кога станува збор за живот надвор од планетата Земја. Во случајот со наводните вонземјани од Марс, консензусот меѓу експертите е далеку од поддршка на ваквото тврдење.

Нема ништо што блeска, нема ништо што вели здраво, немаше ни зраци кога слетавме таму, вели за можниот живот на планетата Марс, Ендрју Стил од Карнеги Институтот за наука. Наместо тоа, сликите од орбитата и експериментите спроведени од лендерот Викинг на НАСА на површината на планетата јасно покажаа дека Марс не е свет со лесно забележлив живот.

Во јануари 2022 година, беше објавено дека роверот на НАСА, Curiosity, забележал мешавина од јаглеродни изотопи во карпите на кратерот Гејл, што, доколку беа видени на Земјата, би биле знак за живот. Роверот, исто така, бил сведок на случајни и сезонски бранови на метан, гас на Земјата кој претежно се произведува биолошки. Околу 2.300 милји подалеку, во кратерот Jezerо, роверот на НАСА Perseverance забележал чудни виолетови обвивки на карпите на дното на кратерот. Овие обвивки се широко распространети и наликуваат на пустински лакови на Земјата кои растат во присуство на микроби.

Но, како што пишува престижниот магазин Нешнел Џиографик, засега, сепак, научниците не се подготвени да заклучат дека Марс некогаш бил населен. Речиси секое примамливо навестување на биологијата може да се објасни и со некој сè уште непознат аспект на геологијата или хемијата на Марс. Експертите заклучуваат дека има толку многу што не знаеме за тоа како функционира планетата и како неживите феномени би можеле да се маскираат како животински отпечатоци.

Нема дефинитивен доказ за вонземјани или каква било форма на вонземски живот на Марс или на кое било друго место во универзумот. Научниците опширно го проучувале Марс преку различни мисии, вклучително и орбитери, лендери и ровери, но досега не откриле ниту еден убедлив доказ за живот надвор од Земјата. Сепак, Марс останува интригантна цел за астробиолошко истражување поради неговите сличности со Земјата во минатото и неговиот потенцијал да има микробиолошки живот или знаци на минат живот.

Ширењето дезинформации за постоење на вонземјани на Марс предизвикува заблуда кај јавноста и поткопување на довербата во научните напори. Дезинформациите за вонземски живот на Марс често произлегуваат од погрешни толкување на научни податоци, сензационалистички медиумски написи или намерни обиди за ширење теории на заговор. Од клучно значење е критички да се проценат изворите на информации и да се потпрете на угледни научни институции и експерти за точни сознанија за вселенското истражување и астробиологијата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција