Речиси 10.000 стари водомери во Куманово, заменети со нови електронски 

Дел од опремата со водомерите. Фото: Општина Куманово/веб

Едно од крупните ветувања  на градоначалнико на Куманово, Максим Димитриевски, дадено во неговата програма за локалните избори во 2017 година, „Далечинско отчитување во системот за водоснабдување“ (стр.23),  е исполнето. Проектот предвидува замена на 8.000 стари и дотраени механички водомери со нови дигитални. Според годишните извештаи за работа на ЈП „Водовод Куманово“ за 2019 и 2020 година  инсталирани се  вкупно 9.380 електронски водомери

ВЕТУВАЊЕ: ДАЛЕЧИНСКО ОТЧИТУВАЊЕ ВО СИСТЕМОТ ЗА ВОДОСНАБДУВАЊЕ

Во рамките на овој проект од средствата обезбедени од Европска Инвестициона Банка, ќе бидат заменети околу 8000 стари водомери со нови електронски, ќе бидат набавени инструменти за детектирање на подземни дефекти, креација на реални и виртуелни зони за водоснабдување за менаџмент со загубите на вода, поставување и инсталација на ултразвучни мерачи на проток на притисок, софтвер за менаџирање со зоните за водоснабдување и оптимализација на притисокот во системот за водоснабдување. Во наредниот период ќе се пристапи кон рехабилитација, односно подобрување на инфраструктурата за прифаќање на отпадните води и ревитализација на водоводната мрежа на Општина Куманово. Преку реализација на проектот ќе се помогне на финансиска консолидација на ЈП Водовод Куманово, а во исто време ќе се подигне степенот на ефикасност и ефективност на Јавното претпријатие како и ќе се обезбеди и оптимализација на притисокот во системот за водоснабдување. Целна група: Сите граѓани Рок: 2 години

[Извор: Живот во Куманово за сите/Максим Димитриевски датум, октомври 2017 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Еден од капиталните проекти  на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, даден во неговата програма за локалните избори во 2017 година, „Далечинско отчитување во системот за водоснабдување“ (стр.23),  е исполнет.

Станува збор за ветување кое се однесува на замена на 8.000 стари и дотраени механички водомери со нови дигитални. Со овие електорнски водомери попрецизно и без физичко присуство на вработениот инкасатор би се контролирала водата што ја трошат граѓаните од системот.

Ова прашање е актуелно и важно во сите населени места во државата, зашто е познато дека огромни загуби на вода, а со тоа и губитоци на јавните претпријатија за снабдување со вода, се трупаат и од ненавременото отчитување на водомерите, или пак, нивна непрецизност поради механички проблеми.

Ветувањето, како што може да се дознае од јавно достапни извори е остварено. Проектот започнал со реализација во 2018 година. Тоа може да се види од објавата на веб-страницата на Општина Куманово во октомври таа година, кога било соопштено дека се започнати активностите и дека проектот во вредност од 1,8 милиони евра се реализира и со помош на финансиски средства од ИПА фондот од Европската унија. Веста била пренесена и објавена со повеќе детали и во дел од медиумите.

Што се работело таа година, подетално може да се види од документите на јавното претпријатие надлежно за водоснабдување. Според Извештајот за работа на Јавното претпријатије (ЈП) Водовод Куманово за 2018 година,  тогаш бил:

Поставен и инсталиран нов виртуелен софтвер за потребите на проектот за замена на 10.000 електронски водомери, на кој беше поставен софтверот за менаџмент на истите, како и софтвер кој ќе служи за SCADA систем за контрола на проток на главните водови на градот, а кој ќе допринесе за подобра контрола на квалитетот на водоснабдувањето, како и за намалување на загуби на вода.

Веќе следната 2019 година, кога и градоначалникот го споменува овој проект како проект во тек на реализација (види видео од 22 минута), биле инсталирани повеќе од 5.000 електронски водомери. Потврда за ова има во Годишниот извештај за работа на ЈП Водовод Куманово за 2019 година (стр.17), каде е наведена бројката од инсталирани 5.580 електронски водомери.

Во следната – 2020 година, според истиот извор (стр.18), инсталирани се уште 3.800 електронски водомери. Ако се соберат бројките ќе се дојде до вкупно 9.380 електронски водомери, што е сосема блиску до проектната бројка од 10.000 водомери. А, секако, е над  ветеното во изборната програма на  Димитриевски за замена од 8.000 водомери.

Поради погоре наведените факти може да се оцени дека ова иборно ветување на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција