Агенцијата за медиуми признава: Во Европа порталите не се следат за избори!

Законодавецот напишал „неевропска“ обврска за Агенцијата. Фото: Wikipedia

 

Во последната Нацрт -Методологија за следење на медиумите за изборите во 2016, Агенцијата за медиуми наведува дека нема да може да ги следи интернет порталите, обврска што ѝ е доделена со Изборниот законик, при што наведува дека една од причините е и тоа што таква регулаторна пракса не постои никаде во Европа. Со тоа станува видлива колизијата меѓу законското решение и неговото спроведување – нешто на што оддамна предупредуваа голем дел од новинарските организации во земјата

 

Пишува: Теофил Блажевски

По вторпат за една година регулаторното тело за медиуми – Агенцијата за медиуми (полн назив Агенција за аудио-визулени медиуми и медиумски услуги), истакнува дека нема намера да ги следи интернет порталите пред и за време на изборната кампања, наспроти стриктната законска одредба во Изборниот законик која се однесува и на нив и предвидените  казни.

Првиот пат Агенцијата ( и преку изјави на директорот Зоран Трајчевски и преку Методологијата што ја усвои Советот на Агенцијата на почетокот на 2016 година), ги исклучи порталите од следење – мониторирање на нивните содржини, наведувајќи повеќе практични причини. Истото се случува и сега. Агенцијата пред неколку дена ја објави Нацрт -Методологијата за следење на медиумите за Изборите во 2016 година, која ја изготви согласно законските измени на Изборниот законик од јули годинава, по најновиот – последен договор на четирите политички партии.

Првпат интернет порталите беа внесени во Изборниот законик согласно измените на истиот од крајот на минатата година, а по преговорите на четирите политички партии согласно Договорот од Пржино. Тие остануваат таму и се означени како „електронски изданија“, при што одредбите од законикот со кој се регулира начинот на известувањето и другите обврски за печатените и електронските медиуми (радијата и телевизиите) се однесуваат и на електронските изданија (порталите), вклучувајќи ги и казните.

Она што сега е сменето по јулските измени на ИЗ, се само висините на казните, кои се преполовени во сите сегменти, така што највисоките казни сега изнесуваат 4 илјади евра.

 

АГЕНЦИЈАТА ТВРДИ ДЕКА Е ФИЗИЧКИ НЕВОЗМОЖНО

Интернет порталите во Македонија засега се предмет само на саморегулација, согласно и поголемиот дел од светската пракса во демократските општества. Агенцијата за медиуми во воведот на својата највнова методологија објаснува дека постојат повеќе причини поради кои е невозможно да ги следи интернет порталите. Еве некои од нив:

Изборниот законик пропишува дека мониторингот што го спроведува Агенцијата ги опфаќа и електронските медиуми (интернет портали)…Се покажа дека постојат повеќе причини поради кои е невозможно Агенцијата да реализира мониторинг на изборното медиумско претставување преку електронските медиуми (интернет порталите), и тоа:

  • Изборниот законик не го дефинира поимот „интернет портали“, ниту неговиот опфат;
  • Ваква дефиниција нема ниту во другите домашни закони;
  • Во Република Македонија не постои регистар на интернет портали, како што на пример, има регистри на издавачи на печатени медиуми, на радијата и на телевизиите;

 

Како што правилно оценува Агенцијата – нема дефиниција, нема регистар, но нема ниту одредница што се тоа интернет портали во другите домашни закони, пред се во Законот за медиуми или во Законот за аудио-визулени медиуми и медиумски услуги, кои се два централни закони што се однесуваат за медиумите.

 

НЕ ПОСТОИ ЕВРОПСКА ПРАКСА

Но, покрај горенаведените причини, Агенцијата во својата анализа на ова прашање навела уште неколку, од кои два се исклучително значајни заклучоци за ова прашање. Едниот е дека терминот интернет портали е далеку посложен од лаичкото толкување, а вториот е дека не пости светска пракса во развиените демократии да се мониторираат интернет изданијата и нивната содржина за време на избори. Еве ги тие заклучоци на Агенцијата:

  • Од Класификацијата на дејностите што ја употребува Централниот регистар, но и од дефинициите на поимот во стручната литература, евидентно е дека станува збор за термин со далеку поширок опфат отколку лаичките претпоставки за него; 

  • Сопственото истражување на Агенцијата преку Интернет дистрибутивниот систем на Централниот регистар на Република Македонија, покажа дека некои од правните лица кои би требало да бидат опфатени во категоријата интернет портали се регистрирани со друга дејност, а некои интернет портали ги издаваат здруженија на граѓани или новински агенции, поради што надзорот би бил селективен, односно не може да се обезбеди праведен и правичен пристап во основата на мониторингот; и

  •  Во европската регулаторна практика не беа пронајдени примери за мониторинг врз содржините на интернет медиуми од страна на регулаторни тела, какво што е Агенцијата.

 

Поради сето ова Агенцијата констатираше дека не постојат предуслови да се реализира мониторинг и на електронските медиуми (интернет порталите) и на 5 јануари 2016 година, заедно со Методологијата, Советот усвои и „Став на Агенцијата за обврската да врши надзор врз изборното медиумско претставување на интернет порталите“, односно ги изнесе сите причини поради кои нема да реализира ваков вид мониторинг.

 

Вакавиот став и наоди на Агенцијата, особено наодот дека не постои пракса во современите демократски општества во светот, и особено во Европа, го потврдува дефакто ставот на пет новинарски организации искажан минатата година дека интернет порталите не треба да влезат во Законот за медиуми. Имено, таква иницијатива постојано се појавува во јавноста, де како предлози и изјави на функционери од власта, де како ставови на МАН и на ММА, чии ставови многу често кореспондираат со предлозите или идеите од власта. Станува збор за МАН, чиј претседател е уредник во „Вест“ и Македонската медиумска асоцијација, здружението на петте телевизии со национална концесија, Алфа, Алсат М, Канал 5, Сител и Телма. Притоа, ставот на ММА често е искажуван како личен став само од некои од директорите на овие пет телевизии, а не и како официјален став на ММА.

Наспроти ова, Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Советот за етика на медиумите во Македонија, Македонскито институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми, неколку пати го повторија ставот дека интернет порталите не треба да влегуваат во медиумското законодавство и дека тие се и треба да останат само под капата на саморегулацијата на медиумите, а не предмет на некаква државна регулација.

Основна причина за ваквиот став е дека со тоа се поттикнува слободата на мислење и  на државата ѝ се избиваат од рацете  инструменти за влијание и контрола на слободата на медиумите и на тоа поле. Последен пат ваквиот став беше искажан во 2015 година, како знак на протест што и овие медиуми беа ставени во Изборниот законик и таргетирани со високи казни. Еден од главните причини што тогаш ги наведуваа петте организации е и фактот дека не пости таква пракса во демократскиот свет.

Сега, после ваквиот став на Агенцијата, останува нејасна оваа одредба во Изборниот законик, во смисла на тоа кој ќе ја спроведува, но и колизијата со ставањето на интернет медиумите во законот за владино рекламирање. Имаме законско решение донесено само како договор меѓу четири политички партии, без да се земат предвид мислењата на поголемиот дел од стручната јавност, кое практично ќе остане мртво слово на хартија, бидејќи нема да има кој да го спроведе.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.