АНАЛИЗА: Економијата во изборната 2024 – бавен економски раст, едноцифрена инфлација, буџетски популистички трошења

Скопје Фото: Суад Бајрами, portalb.mk

Новата 2024 година стартува со прелеани ризици од 2023 – битката со инфлацијата продолжува. Економскиот раст повторно под ризик и од внатрешни и од надворешни фактори, пишува Порталб.мк. Извесните „двојни“ избори дополнително ќе го „зачинат“ економскиот амбиент – државата ќе „истура“ пари, бизнисот воздржано ќе ја чека политичката постизборна разврска

 

Стари ризици и проблеми во новата 2024 

Инфлацискиот притисок ќе „попушти“, но борбата со ценовниот раст ќе продолжи – оценуваат економските аналитичари. Анализите на надлежните институции покажуваат дека годинава инфлацијата ќе се „заузда“ на едноцифрена стапка, според Владата ќе изнесува 2,5% а според НБМ меѓу 3,5% до 4%. Но, од друга страна под знак прашалник повторно ќе биде растот на БДП.

Во однос на 2024 година не очекувам којзнае какви поместувања на подобро, иако според сите најави ќе дојде до намалување на инфлацијата и стабилизирање на растот кој и натаму ќе биде низок, а јавните финансии ќе притискаат. Се разбира, многу од овие работи ќе зависат и од она што се случува во светот, бидејќи ние сме отворена економија, вели економскиот новинар Мирче Јовановски.

Уиверзитетскиот професор Никола Поповски вели дека:

Обично, по тешките економски години со скромни резултати, во наредните години доаѓаат подобри економски резултати. Овој пат немаме многу причини да го очекуваме тоа во 2024 година.

Тој смета дека и дека меѓународното, економско, па и она политичко, безбедносно и геополитичко опкружување, нема брзо да се подобри.

Тоа и понатаму ќе биде обременето со низок раст, смирувачка, но постојана и сè уште над посакуваното ниво на инфлација со резистентно високи каматни стапки, полупрекинати вериги на снабдување, економски протекционизам и принудно наметнат изолационизам, во вид на разни регионализми, недостаток на енергија, вишоци на работна сила на една и недостаток од истата во други делови од светот, како и со постојни и потенцијални мигрантски кризи, војни, недоволно меѓусебно разбирање и други проблеми, вели Поповски

Притоа додава:

Во вакви услови од економијата во Македонија не треба да се очекува премногу, можеби ниту многу. Нискиот раст, борбата со инфлацијата, проблемите со понуда на пристојни и добро платени работни места и разните дефицити ќе останат наше секојдневие.

 

Економска неизвесност поради извесни „двојни“ избори – партиските хеликоптери летаат и истураат мед и млеко

Владата „издишано“ ќе троши, реформите ќе стагнираат, буџетските пари ќе завршуваат за популизам, бизнисот воздржано ќе ја чека политичката разврска од парламентарните и претседателските избори. Ова е вообичаената економска слика при секој изборен циклус.

Како што ни покажува искуството во независна Македонија, изборните години не се поволен амбиент за спроведување економски реформи. Очекувам уште позасилени популистички потези и ветувања, кои некритички ќе се испорачуваат кон гласачите и со тоа ги зголемуваат нивните очекувања. Сведоци сме дека „партиските хеликоптери“ веќе се полетани и истураат мед и млеко. Исто тaка, мислам дека Буџетот за 2024 година ќе има ограничен рок на траење, најмногу до крајот на летото, бидејќи ќе мора да одговори на предизборните ветувања без оглед кој ќе ја добие довербата да формира влада, вели новинарот Јовановски.

Во првиот месец од годинава треба да добиеме техничка влада, Собранието ќе се распушти, па следува кампањата, постизборните преговори за формирање на нова Влада – сето ова значајно ќе влијае врз економскиот амбиент, смета професорот Поповски.

Со оглед на претстојните избори што ќе ни донесат техничка (читај: политички непотентна) влада која има можности да се задржи и околу 6-8 месеци, Собрание што ќе биде распуштено и нема да може да заседава околу 5 месеци и уште 2-3 дополнителни месеци ќе се бави со сопственото конституирање, односно подолг период на време нема да може да се бави со својата основна – законодавна дејност, очекувањата не треба да се преголеми. Ние треба да очекуваме дека во 2024 година ќе може само да се стекнат некои претпоставки, доколку сè друго биде во ред, во 2025 и понатаму да се влезе во постепена фаза на подобро и подолгорочно закрепнување на економијата и стабилизирање на трендовите на реален пад на животниот стандард. Во тоа посебни предизвици ќе бидат нивото на растот, закрепнувањето на животниот стандард, сведувањето на инфлацијата на неколку проценти и намалување на невработеноста, фискалните и екстерните дефицити, каматните стапки, а потоа и институционалните и структурни промени. Сето ова ни покажува дека ни претстои долг и макотрпен пат до економската обнова, вели за Порталб професорот Поповски.

Нашите соговорници сумираат дека и оваа 2024 година , под закрила на надоворешни и внатрешни ризици а без почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ ќе биде тешка за граѓаните.

Сè на сè и 2024 година нема да биде лесна, а може дополнително да се искомплицира, доколку продолжи застојот во евроинтеграциите, вели Јовановски.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција