АНАЛИЗА: Милионски тужби, ненаплатени даноци, неоправдани вработувања – ревизорски наоди за Карпош и Бутел

Фото: portalb.mk

По објавување на детали од ревизорскиот извештај за Општина Тетово, Порталб.мк објави и наоди за работењето на други општини во земјава чие финансиско работење беше под лупа на ревизорите

По објавување на детали од ревизорскиот извештај за Општина Тетово, Порталб.мк објави и наоди за работењето на други општини во земјава чие финансиско работење беше под лупа на ревизорите

 

Општина Карпош: Судски тужби во вредност од речиси 30 милиони евра

Неостварени приходи и нереализирани расходи како што било планирано – на приходната страна се собрале 78 отсто од планираното, на расходната се потрошиле 77 отсто во однос на планот.

Ревизорскиот извештај за Општина Карпош, со кој се опфаќаат мандатите на ексградоначалникот Стефан Богоев и актуелниот Стевчо Јакимовски, нотира бројни слабости во финансиското работење на општината. Голем дел од даноците не се наплатиле според планираното, како што е данокот на доход од физички лица кои се занимаваат со занаетчиска дејност за 84,6 проценти, а надоместокот за уредување на градежно земјиште за 43,75 отсто.

И покрај значителните отстапувања на реализираните приходи во однос на планираните, градоначалникот нема поднесено предлог за дополнително усогласување на буџетските ставки, што не е во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, се наведува во ревизорскиот извештај.

Оваа скопска општина која беше една од најзадолжените се соочува со сериозни судски постапки во кои се бараат милионски суми на отштета. Ревизорите откриваат дека Општина Карпош е тужена во 23 постапки чија вкупна вредност изнесува 29,1 милиони евра, додека пак, општината се јавува како тужител во 6 постапки со побарувања од 2,3 милиони евра.

Бидејќи станува збор за судски постапки што се водат пред надлежните судови и до денот на ревизијата конечниот исход од истите не е познат, постои неизвесност за финансиските импликации на буџетот на општината во иднина и можност за повторно блокирање на сметката на Општина Карпош, наведуваат ревизорите.

Во 2021 година преку приватна Агенција за вработување општината ангажирала 199 лица – од нив 95 за редовни работни задачи, а 104 за одржување на јавна хигиена. Со годишниот план за вработување во Општина Карпош предвидени биле 30 вработувања во 2021 година, по што ревизорите констатираат дека бројот на привремено ангажирани лица е поголем од планот.

Утврдените состојби за начинот на ангажирање на лица преку приватните агенции за вработување, овозможуваат намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, се нотира во извештајот.

Од кабинетот на градоначалникот испратиле одговори до ревизорите во однос на повеќе точки – дел од тие одговори биле прифатени како известување, а дел биле отфрлени.

Ангажирањето на лица од приватна агенција е најпрво поради зголемен обем на работа и континуирана потреба од одржување на хигиена во општината, пишува во одговорот на градоначалникот.

 

Општина Бутел: И по 2 ребаланса и 4 реалокации на пари – неусогласеност на буџетската каса 

Отсуство на транспарентност и отчетност на субјектите кои добиле финансиска помош од општината, слабости при јавни набавки, резервирано мислење за вистинитоста и објективноста за дел од финансиските извештаи за работата на општината – ова се дел од заклучоците на ревизорите по увидот во Општина Бутел. Скенирана е 2021 година – период кога на чело на општината биле градоначалниците Велимир Смилевски и Дарко Костовски.

И кај оваа општина е утврдено значително отстапување на и приходната и на расходната страна, како и нецелосно остварување на даночните приливи.

Значително отстапување на остварените приходи во однос на планираните бележат приходите од продажба на неизградено градежно земјиште во сопственост на РСМ и надоместокот за утврдување на правен статус на бесправни изградени објекти за 35 отсто, наведуваат ревизорите и оценуваат дека и покрај двата буџетски ребаланса и четири реалокации на средства не била надмината неусогласеноста на буџетските финансии.

Ревизорите нотираат и постапувања спротивни на закон и при намена на средства кои се наплатиле од легализација на дивоградби.

Ревизијата утврди одредени состојби кои упатуваат на непочитување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, согласно кој средствата остварени од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, општините се должни да ги користат наменски (за донесување на урбанистичка планска документација), навеле ревизорите.

Општина Бутел по основ на надомест за легализација во 2021 година остварила приходи во износ од 77.200 евра. Градоначалникот доставил одговор до ревизорите во однос на повеќе точки – голем дел не се прифатени, а има и делумно прифатени.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција