АНАЛИЗА: Само четири министерства успеале да реализираат над 90 отсто од капиталните расходи во 2023 година

Скопје Фото: Суад Бајрами, portalb.mk

Најниска реализација на капиталните расходи во Министерството за локална самоуправа, а ресорите за информатичко општество и за здравство не успеале да реализираат ниту половина од капиталните расходи што биле планирани во 2023 година. Објавени се новите сумирани податоци за реализација на јавните инвестиции. „Порталб“ ги рангира ресорите според степенот на остварување на капиталните расходи кои се клучен параметар за економскиот развој

Рангирање – кои ресори колку пари потрошиле за капитални инвестиции 

Најголем буџет за капитални расходи имаше Министерството за транспорт и врски под чија надлежност е реализацијата на инфраструктурните проекти во кои е вклучен и најголемиот – „Бехтел и Енка“. Лани од овој ресор по основ на капитални расходи се одлеале 306,3 милиони евра што претставува 99,62 отсто во однос на планот и токму ова министерство котира на врвот на листата со највисок процент на остварување на инвестициите.

Министерството за одбрана кое исто така располага по гломазен буџет, лани за капитални расходи потрошило 68,7 милиони евра или 94,46 отсто од планираното. Од Министерството за финансии – функции на држава (од каде се префрлаат буџетски средства по различни основи до различни корисници), лани, по основ на капитални расходи се одлеале скоро 84 милиони евра што во однос на планот претставува остварување од 93,33 отсто.

Со поголем износ за капитални расходи располагаше и Министерството за образование кое во економската 2023 година успеало да реализира 83,24 отсто од планот или 25,5 милиони евра. Министерството за внатрешни работи за капитални инвестиции во 2023 година потрошило скоро 15 милиони евра што претставува 82,22 отсто во однос на вкупно планираните средства.

Министерството за економија од вкупниот буџет за капитални расходи потрошило 4,4 милиони евра или 86,84 отсто во однос на проектираните средства за 2023 година. Од вкупно планираната сума за капитални расходи, Министерството за животна средна лани потрошило скоро 21,4 милиони евра или 82,48 отсто, а Министерството за земјоделство 9,4 милиони евра, што претставува остварување на планот од 83,41 отсто. Министерството за труд и социјална политика за капитални инвестиции потрошило 7,5 милиони евра или 89,19 отсто од планираната вкупна сума во календарската 2023 година.

Министерството за надворешни работи е во групата ресори со пониска реализација, лани за капитални инвестиции се одлеале 522.560 евра или 61,14 отсто во однос на планот. Со пониско остварување е и Министерството за финансии со потрошени 2,5 милиони евра што претставува 63,77 отсто во однос на планираните.

Министерството за правда кое спаѓа во групата на ресори со помали износи за капитални инвестиции лани потрошило 69.000 евра или 93,73 отсто од вкупно расположливите средства за оваа намена. Министерството за политички систем лани по основ на капитални расходи реализирало 16.500 евра што претставува 88,52 отсто во однос на планот.

За разлика од останатите ресори, неколку не успеале да остварат ниту половина од планираното. Тука спаѓаат Министерството за здравство кое од вкупниот буџет за капитални расходи потрошило 6,3 милиони евра или 49,19 отсто и Министерството за информатичко општество кое лани потрошило 715.600 евра или 41,26 отсто. Со најниско ниво на реализација е Министерството за локална самоуправа кое потрошило 20.200 евра или само 29,29 отсто во однос на планот. Вкупно во 2023 година реализацијата на капиталните расходи на сите државни институции, министерства, агенции, Влада, Собрание, Претседател на држава, инспекторати, судска власт, фондови, комисии, изнесува 719.550.000 евра или 91,58 отсто во однос на планот за целата економска година.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција