АНАЛИЗА: Во некои маркети маслото и лебот поевтинија, се најавува ценовен пад и на други производи
Владата одлучи за фирмите од прехранбената индустрија, да има пониска цена на струјата што треба да резултира со поевтинување на основните прехранбени продукти, пишува Порталб. Иако првите ефекти се очекуваат од 1 декември, деновиве во повеќе маркети се забележуваат ценовни осцилации – производи од ист бренд се продаваат по различна цена, а лебот и маслото за јадење во некои од продавниците веќе се продаваат со пониска цена.
Владата одлучи за фирмите од прехранбената индустрија, да има пониска цена на струјата што треба да резултира со поевтинување на основните прехранбени продукти, пишува Порталб. Иако првите ефекти се очекуваат од 1 декември, деновиве во повеќе маркети се забележуваат ценовни осцилации – производи од ист бренд се продаваат по различна цена, а лебот и маслото за јадење во некои од продавниците веќе се продаваат со пониска цена.
(Не) реално „набилдани“ цени
Граѓаните со полупразни корпи за пазарење, селективно одбираат што ќе купат. На светските пазари неколку месеци по ред се намалуваат цените на основните прехранбени производи и суровини. Ова се двата клучни фактори поради кои во дел од маркетите цените на дел од призводите се намалени.
„Порталб“ направи обиколка во неколку маркети од најпосетуваните трговски ланци. Ист бренд на масло за јадење во една продавница е со цена од 155 денари по литар, а во друга се продава за 129 денари. Раководителите на маркетите ни потврдија дека цената на маслото за јадење е коригирана надолу.
Да, точно е, добивме известување да ја намалиме цената на маслото на 129 денари, ни рекоа во еден скопски маркет.
И лебот е со нова пониска цена во некои од продавниците.
Овој леб што го плаќав 51 денар сега го купив за 41 денар. И јас се изненадив од цената, вели жител на скопски Карпош.
Во различни маркети исти производи се продаваат по различни цени што создава слика на ценовен хаос.
Не сум забележала дека маслото од сончоглед што го користиме дома е со пониска цена, освен ако не е на некој акција со попуст. Масло од 700 мл го платив 107 денари со попуст. Еден литар, пак, во друг маркет се продаваше за 155 денари, вели жителка на Аеродром.
Намалени цени од 1 декември
Цените на основните прехранбени производи треба да се намалат од 1 декември откако Владата и официјално соопшти дека 150 фирми од прехранбената индустрија ќе добијат пониска и загарантирана цена на струјата. Според пресметките, цената на лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, треба да се намали за околу 10 проценти.
Дали поевтинувањата доаѓаат „задоцнето“ со оглед на тоа што на светските пазари веќе неколку месеци по ред е регистриран пад на цените на основните прехранбени призводи?
Сигналите од светските берзи и од проценките на ФАО покажуваат дека изминатите месеци цените на основните прехранбени производи и суровини, но и цената на електричната енергија и на гасот, се во пад. Трендот на намалување на цените на светските пазари продолжи и во септември, на месечно ниво месото поевтини за 0,5 отсто, шеќерот за 0,7 отсто, а се намалува и цената на маслото.
И покрај овие сигнали, анализите на НБРМ и натаму покажуваат дека Македонија како увозно зависна земја, продолжува да биде на „удар“ на инфлациски притисок.
Нагорните ревизии за инфалцијата се должат на очекувањата за повисока инфлација кај сите наши увозни партнери, при што најголем придонес за двете години во просек имаат Германија и земјите од регионот, Србија, Хрватска и Словенија, велат од НБРМ.
Цените во земјава веќе достигнаа историски пикови иако веќе неколку месеци маржите беа замрзнати, се ограничи и извозот на пченица и брашно, па дури и се укинаа царините за млеко и павлака.
Растот на цените на храната пред сѐ е резултат на зголемувањето на цените во категориите „млеко, сирење и јајца“, „леб и житни производи“ и на месото, и покрај преземените мерки за ублажување на ценовните притисоци поврзани со ограничувањето на трговските маржи кај дел од овие производи, ограничување на извозот на пченица и брашно и укинување на царината за увоз на млеко и павлака, наведуваат од Народната банка.
И покрај овие мерки цените се зголемија, за некои производи дури и за 50 отсто, по што се отвори прашање за можно профитерство во време на криза и ценовни манипулации.
Инфлацијата „подгреана“ и од растот на платите и пензиите
Високата, двоцифрена инфлација во земјава освен од цените е подгреана и од растот на платите. Во Македонија веќе се зголеми минималната плата што предизвика и раст на другите плати, а во септември се зголемија и пензиите за 6,8 отсто.
Според најновата анкета на НБРМ, испитаниците сметаат дека најавените зголемувања на платите и пензиите, како и засилувањето на кризата во снабдувањето со енергија би можеле да доведат до евентуални дополнителни инфлациски притисоци.
Од друга страна, мерките коишто се преземаат од страна на носителите на монетарната и фискалната политика би можеле да го ублажат ценовниот раст, навеле економистите во анкетата на НБРМ.
Очекувања за инфлација
Нова анкета Претходна анкета
2022 година 12,6% 9,5%
2023 година 7,1% 5,5%
2024 година 4,4% 3,9%
Оптимизам навестуваат проценките дека следните две години се очекува едноцифрена инфлација, но и овие проценки се „под знак прашање“ поради неизвесноста од времетраењето на воениот конфликт во Украина. Од Министерството за финансии најавија дека следната година се очекува едноцифрена инфлација, но сепак, условена од енергетска и економска криза.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар