АНАЛИЗА: За една година, нови 100 милиони евра долг на државните институции, општини, јавни претпријатија

Фото: pixabay.com

Драматичен раст на долговите на јавните претпријатија – за само три месеци пораснале доспеаните а неплатени обврски и на јавните претпријатија и на државните фирми. Долговите ги зголемиле и општините и јавните здравствени институции. Заклучно со 2021 година, вкупните доспеани а неплатени обврски на државните институции, јавните претпријатија, министерствата, општините, државните фирми, надминаа 391 милион евра – со раст и во однос на третиот квартал и во однос на состојбата на крајот од 2020 година, пишува „Порталб“.

 

 

Кои сектори колку должат   

Вкупните доспеани обврски на сè што значи институција под „државна“ и „општинска“ капа на крајот од 2021 година се приближија до 400 милиони евра. Министерството за финансии ги објави сумираните годишни податоци за должничката позиција и состојба на 1.063 институции – од нив 700 пријавиле доспеани а неплатени обврски на крајот од третиот квартал. На новата должничка листа со пријавени неплатени обврски има 60-тина институции помалку во однос на листата од третиот квартал од 2021 година.

Порталб.мк направи споредба на состојбите во четвртиот во однос на третиот квартал од годината – вкупните доспеани а неплатени обврски се зголемени за 62,1 милиони евра, што претставува значаен пораст за само три месеци.

                                               Доспеани а неплатени обврски

Трет кавртал 2021                                           329.443.384 евра

Четврти квартал  2021                                    391.571.450 евра

Подрастичен пораст на неплатените обврски има кај јавните претпријатија и фирми со државна сопственост, чиј долг достигна 179,2 милиони евра – со раст од 54,6 милиони евра за само три месеци. Пораст има и кај долговите на општините – доспеаните а неплатени обврски достигнаа скоро 69 милиони евра, долгот на општинските јавни претпријатија се зголемија на 58,4 милион евра.

                                     Доспеани а неплатени обврски

ЈП и Државни фирми                            179,2 милион евра

Општини                                                    68,9 милион евра

Јавни здравствени установи                 67,8 милион евра

Општински јавни претпријатија          58,4 милион евра

Раст на доспеаните а неплатени обврски има и во здравството – на крајот од минатата година институциите, односно болниците, клиниките, пријавиле долг во износ од скоро 68 милиони евра. Кај  „буџетските корисници од прва линија”,  во кои спаѓаат министерства и одредени државни институции, регистрирано е позначајно намалување на долговите на 9,5 милиони евра.

 

Неплатени камати, заостанати комунални сметки, неисплатени плати       

Во новата должничка листа пријавени се милионски долгови по различен основ а највисоки суми на доспеани а неплатени обврски има за градежни работи, камати за кредити, купување на материјали и ситен инвентар, за плати, договорни услуги.

Конкретно, на крајот од 2021 по основ на “договорни услуги” обврските изнесуваат 37 милиони евра, по основ на комунални услуги, греење, комуникација и транспорт 52 милиони евра, доспеаните а неплатени обврски за материјали и ситен инвентар достигнаа 51 милион евра а за плати, придонеси, надоместоци изнесуваат 9,3 милиони евра. За каматни плаќања кон домашни кредитори доспеаниот долг изнесува 22,5 милиони евра а за градежни објекти 38,2 милиони евра.

На првите три места, според висината на доспеаните а неплатени обврски се наоѓаат АД „Македонски енергетски ресурси“ со износ од 82,7 милиони евра, АД МЖ „Транспорт“ – Скопје со долг од 64,9 милиони евра и Општина Тетово чиј долг достигна 13,5 милиони евра.

Не само на квартално ниво, вкупните доспеани а неплатени обврски драматично се зголемени и во однос на состојбата на крајот од 2020 година.

                    Доспеани а неплатени обврски

Декември 2021                                391.571.450 евра

Декември 2020                                 288.805.451 евра

На крајот од декември 2021 во споредба со состојбата во декември 2020, вкупните доспеани а неплатени обврски се зголемиле за 102,7 милиони евра. Во следната анализа, Порталб.мк ќе објави податоци за долговите на општините, болниците, клиниките, јавни претпријатија, државните фирми.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција