Автокоманда не доби нова поликлиника

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на нова поликлиника на местото на старата во Автокоманда

[Извор: Изборна програма на Борис Георгиевски, градоначалник на Општина Гази Баба, стр.19: Рок: 2019 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на нова поликлиника на местото на старата во Автокоманда  до 2019 година, е неисполнето ветување на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски. Ветувањето е дел од неговата програма за локалните избори (2017-2020) „Живот во Гази Баба! За сите!“ (стр.19).

Постојната амбуланта на ул. „Бапчор“, во населбата „Автокоманда“ е стара и руинирана зграда, која не само што не ги задоволува потребите на граѓаните туку не е ниту безбедна за давање и користење здравствени услуги. „Автокоманда“ е централната градска населба во општината Гази Баба, со најмногу жители и најлесно пристапна за сите жители на општината, поради што изградбата на нова поликлиника на местото на старата и руинирана амбуланта, токму во „Автокоманда“, е стратешки добар објект кој ќе биде лесно достапен за сите граѓани на општината и ќе ја доближи примарната и секундарната здравствена заштита до граѓаните. Поликлиниката ќе биде опремена со најсовремена опрема од примарната и секундарната здравствена заштита. Изградбата на поликлиниката ќе биде завршена заедно со министерството за здравство, се вели во предизборната програма на Георгиевски.

Своето ветување за изградба на нова поликлиника во Автокоманда, градоначалникот на Гази Баба го повтори и во септември 2018 година кога заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, ги посетија амбулантите во Автокоманда и Железара, како и поликлиниката во Ченто.

Изградбата на новата поликлиника е стратешки добар објект кој ќе биде лесно достапен за сите граѓани на општината и ќе ја доближи примарната и секундарната здравствена заштита до граѓаните. Општината е во фаза на донесување на деталана урбанистичка документација каде што со новата поликлиника ќе има и пропратни други содржини од делот на здравството и социјалата, кои ќе овозможат граѓаните од Автокоманда на едно место да ги добијат најнеопходните здравствени и социјални потреби, посочи  тогаш Георгиевски. (Нова Македонија)

„Вистиномер“ испрати прашање до Општина Гази Баба, за тоа до каде е изградбата на новата поликлиника во Автокоманда. Оттаму ни одговорија дека Општината во изминатиот период ги преземала потребните активности за овој проект да може да започне со реализација.

Работевме на измена на Деталниот урбанистички план за Автокоманда, каде е предвидена зголемена катност на овој објект, нешто што беше досега проблем за отпочнување на проектот, согласно нормативите на министерството за здравство.  Со донесувањето на новиот ДУП, кој е веќе во постапка, се овозможува овој проект да започне со реализација, оставајќи можност како инвеститор да се јави министерството или да се искористи можноста за јавно – приватно партнерство. Општина Гази Баба заедно со министерството за здравство изминатиот период ги разгледуваат сите можности и се надеваме дека наскоро граѓаните на Автокоманда ќе добијат модерен и современ здравствен објект, ни одговорија од Општина Гази Баба.

Имајќи предвид дека рокот за изградба на поликлиниката во Автокоманда (2019 година – даден во изборната програма на Георгиевски) е поминат, а досега (07.02.2020) објектот не е ниту започнат да се гради, ова ветувањето  на градоначалникот на Гази Баба  го оценуваме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција