„Бомбите“ се опасност и за државата и за граѓаните – Јавното обвинителство мора да реагира

Фото: скриншот од прес на СЈО за случајот Таргет/Тврдина

 

Ако продолжи ваквото масовно објавување на нелегално снимени разговори, политичките елити на крајот ќе си останат потпрени само на најцврстите подржувачи кои без размислување ги поддржуваат на избори. Со тоа, крајниот резултат на сето ова пренатрупување на јавноста со вакви материјали ќе биде пукање на „бомбата во раце“, т.е. ќе има негативен ефект врз „продуцентите“, „дистрибутерите“ и нарачателите

 

Пишува: Теофил Блажевски

Како никогаш досега, јавноста е пренатрупана од секојдневно објавуање на нелегално снимени аудио и поретко видео материјали („бомби“), за поединци од т.н. политички елити кои се на власт или во опозиција, процес што започна уште пред неколку месеци. Ова, напросто речено, банализирање на политиката, има за моментална цел да го оцрни политичкиот противник, но, како крајна цел, сигурно непосакувана од т.н. фрлачи на „бомби“, дефинитивно може да доведе до подривање на довербата кај јавноста во политичките елити, согласни се дел од аналитичарите.

 

НАРАЧАТЕЛИТЕ СЕ ДОМИНАНТНО КАЈ ПОЛИТИЧАРИТЕ И МАФИЈАШИТЕ

Современата историја на РСМ покажува дека нелегалното снимање и дистрибуирање на материјалите најмногу го има правено она што некогаш се викаше „тајна полиција“. Таквите операции од независноста од 1991 г., се вршеа од оној што е на власт, преку злоупотреба на техничките можности во некогашната СДБ/ДБК, па УБК, сега трансформирана во Агенција за национална безбедност. Уште од аферата „Дувло“, „Сина птица“ или серија други прислушкувани поединци од тогашната ВМРО-ДПМНЕ во 1992-3 година, преку аферата „Големото уво“ од 2001 година, до аферата „Бомби“, подоцна прерасната во судски случај „Таргет/Тврдина“, започнат по обвинение од СЈО, недвојбено се покажало дека секогаш станувало збор за злоупотреба на безбедносниот сектор од страна на они што се на власт.

Прва жртва, притоа, била приватноста, преку која се уценувало на политички, но и на личен план за да се остварат посакувани политички или бизнис цели на елитата на власт. Со мала разлика, што нивното појавување во јавноста во 2015 година од страна на СДСМ беше дело на „свиркачи“ внатре во безбедносната институција, а нивното објавување беше во јавен интерес, што не може да се каже за претходните случаи.

Сето тоа доведе до реформи помогнати од надвор и под притисок на домашната јавност, така што оваа материја е веќе ад-акта, т.е. прислушкување на политичките елити преку злоупотреба на безбедносните агенции е горе-долу завршена работа, законски оневозможена, а за контролата на тој процес има уште многу да се работи.

За злоупотреба на „бомбите“ од страна на разни бизнис и политички структури, можеби најдобро зборува исходот од аферата „Рекет“. Таа афера беше иницијална каписла за уништување на СЈО, кое официјално престана да постои вчера. Крајот на СЈО, веројатно, со шампањско е прославен во дел од политичките и бизнис структури (актерите од „Империја“, во ВМРО-ДПМНЕ, кај поединци во ДУИ, а не е исклучено, според одредени аналитичари и новинари, и кај поединци во или блиски до СДСМ), иако вината кај некогашната главна обвинителка Катица Јанева, докажана преку судска пресуда која сѐ уште не е правосилна, не мораше да значи укинување на СЈО. Настан за кој емотивно изреагира многу луѓе, вклучувајќи ја и некогашната СЈО обвинителка, Ленче Ристовска, на својот фејсбук профил.

Фотомонтажа на Вистиномер

 

ПРИСЛУШКУВА „КОЈ СТИГНЕ“

Со развојот на технологиијата, нелегалното прислушкување станува многу достапна и евтина работа дури и за поединци, а камо ли за политички елити или строго мафијашки кругови, експоненти на она што кај нас се нарекува организиран криминал. Па, така, денес прислушкува помалку или повеќе кој стигне, но тоа повторно, генерално гледано, се сведува на политички елити и структурите на организираниот криминал.

Јавноста никој не може да ја убеди дека овие „бомби“ што се појавуваат секојдневно како „печурки по дожд“, не се нарачка од политичките елити или, пак, одмазда од „незадоволните“, како во случајот на „бомбата“ снимена од Александар Верушевски, кој, пак, за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски како што изјави јавно, бил патриот и херој. Но, вака пласирани, на лажичка, „лепени-сечени-монтирани“, денешниве бомби речиси и да не носат никаков јавен интерес. Тој е заменет со интересот на нарачателот, кој би требало да го исполни „интерсот на јавноста“, дел од гласачко тело, што, пак, е многу поразлична категорија од јавниот интерес.

Павле Трајанов, политичар и поранешен полицаец, министер за внатрешни работи, неодамна даде свое толкување на сегашнава состојба со „бомбите“ и нивното користење во изборниот процес:

Институциите треба да стават крај на ваквата практика, казните да се заострат, јавниот обвинител и полицијата да реагираат на време, а сите они што ги злоупотребуваат овие разговори, неовластено снимаат и објавуваат, да понесат одговорност. Долго време во нашата држава неовластено се снимаат разговори и се објавуваат, а за жал двете најголеми политички партии кои што треба да инсистираат на почитување на Уставот и на законите, ги користат тие „бомби“ за политички поени и веројатно затоа обвинителство е пасивно и не реагира – изјави Tрајанов за РСЕ.

Дека треба да реагираат и институциите јавно се изјаснуваат и од двете политички партии и од самите институции. Во споемнатиот текст на РСЕ тоа го побараа двајцата потпретсеатели на партиите, Љупчо Николовски и Игор Јанушев, тоа го бараат лидерите на партиите Зоран Заев и Христијан Мицкоски при секоја објавена снимка, тоа го побара техничкиот премиер, Оливер Спасовски, тоа го бара и техничкиот министер Наќе Чулев, а тоа го потврдува и Јавниот обвинител на РСМ Љубомир Јовевски. Но, останува прашањето за искреноста на барањата и, секако, за капацитетите на институциите да ги разоткријат дисеминаторите и, на крај, останува прашањето на правната тежина што ја имаат информациите од овој скорешен бран „бомби“.

На пример, кај барањето на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев. беше детектиран спин, во изјавата на јавниот обвинител, Љубомир Јовевски, се детектира декларативен став, но не и конкретна акција, зашто само неколку дена претходно од ЈО одбија „по допрен глас“ да постапуваат за некоја од снимките.

Капацитетите, од друга страна, се повеќе од дискутабилни. Министерот за внатрешни работи, на пример, неколкју пати изјавил дека социјалните мрежи, преку кои се пласираат материјалите, не контактираат со МВР и не им одговараат на нивните барања, а, пак, ако се спореди моќта/капацитетот што го имаше СЈО и сегашното ЈО, сосема е јасно дека со овој наплив од „бомби“ ЈО тешко би можело да се справи. Та сепак, нема кој друг.

Фото: META

 

ПЕТРОВСКА: ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ИМА ПРАВО ДА ГИ КОРИСТИ „БОМБИТЕ“И НА СУД

Натали Петровска, извршен директор на Коалицијата Сите за правично судење, за Вистиномер“ појасни дека ОЈО има и таква должност и право:

Oна што е битно, е дека согласно домашните закони обвинителите можат да отворат истрага врз основа на незаконски прибавени докази како индикација за сторен криминал, со цел да прибават други докази со кои ќе го поткрепат обвинението и докажат кривичното дело.

Што се однесува до употребната вредност на самиот снимен материјал како доказ, таа вели дека кај нас состојбата се усложни по усвојувањето на новиот Закон за јавно обвинителство кој стапи во сила од денеска, 01.07.2020:

Ситуацијата во Македонија се усложни со усвојувањето на Законот за заштита на приватноста, како и со Законот за јавното обвинителство, со кои за прв пат се воведоа доказни правила кои се однесуваа на користењето на незаконски прислушуваните материјали во судските постапки, што во суштина беше многу повеќе политичко отколку правно решение. Согласно членот 110 од Законот за јавното обвинителство, обвинителите не можат да ги засноваат обвиненијата на незаконски прислушувани материјали (освен оние кои се однесуваат на периодот од 2008 до 2015 година и кои се предадени на судовите до 30.06.2017), без да се прецизира на кои материјали точно се мисли, што ја прави оваа одредба генерална, односно истата се однесува на сите незаконски прислушувани материјали.

Но, праксата во земјата и европската пракса досега покажала дека таквите материјали, сепак, може да се употребат, вели Петровска:

Незаконски снимани материјали во минатото биле користени како доказ врз основа на кој е засновано обвинението и е донесена пресуда (пр. случајот со дадилката која малтретираше дете и која беше тајно снимена од родителите). Во насока на ова е и праксата на Европскиот суд за човекови права, според кој е особено значајно оцената на доказите да биде направена од страна на домашните судови и евентуално самиот ЕСЧП (а не по сила на закон), со цел да може да се утврди за секој случај поединечно, во колкава мера доказите ги прекршуваат законите и правата на обвинетиот, во колкава мера истите се неопходни за утврдување на целата вистина и во колкава мера домашните судови успеале да постигнат баланс со процесни гаранции дадени на обвинетото лице, во смисла на можност истиот да ги оспорува ваквите докази, или наметнување на повисок степен за докажување на страна на јавните обвинители, вели Петровска

КОГА БОМБИТЕ ПУКААТ КАЈ ШТО НЕ ТРЕБА, СТРАДААТ И НЕВИНИ

Имајќи ги предвид сите околности опишани погоре, сосема е јасно дека ако институциите, пред сѐ, ОЈО, не преземат нешто против ваквата практика, злоупотребата на незаконски снимените материјали, па дури и на легално снимените со судска наредба, ќе биде и натаму пракса во РСМ, дури и после овие предвремени избори.

Аналитичарите, исто како и голем број колеги со кои сме разговарале на оваа тема, може да се во право кога велат дека таквите материјали, со претерана, фреквентна злоупотреба, може и да постигнат контраефект, да немаат големо влијание кај гласачите, или, пак, едноставно сѐ помал и помал број луѓе да се заинтересирани да ги слушнат. Но, останува фактот дека едно битно и големо прашање е во оптек – нарушување на приватноста.

Дури и на самите политичари, зашто и тие имаат право на приватност (која е ограничена доколку станува збор за јавен интерес, на пример, корупција, организиран криминал и слично), а да не зборуваме обичните граѓани, кои, како што се покажа преку случајот „Таргет/Тврдина“ или сите снимки доставени од СДСМ до СЈО, во огромен број, над 200 илјади разговори, бил од приватна природа, или, пак, случајни жртви кои разговарале со таргетите, односно со оние кои биле цел на снимањето.

Но, надежта уште постои. Тоа го докажува и изјавата на обвинителката Фатиме Фетаи, која рече дека СЈО згасна, но борбата за правда продолжува.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција