Целосно е либерализиран пазарот на електрична енергија

Фото: Nixdorf, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Со прифаќањето на Договорот за основање на енергетска заедница, Република Македонија презеде обврска за создавање на услови за целосно либерализирање на енергетските пазари. Либерализацијата на среден рок ќе донесе придобивки за крајните потрошувачи и намалени и конкурентни цени на енергенсите. Заради специфичноста на процесот на либерализација, ќе се внимава на избегнување на можни ценовни шокови, а особено на сигурноста во снабдувањето со енергија.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр. 86 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување СДСМ го оствари со донесување на Законот за енергетика во 2018 година, со кој се утврди дека од 1 јануари 2019 година пазарот на електрична енергија целосно ќе се либерализира.

СДСМ ветувањето дека ќе го либерализира енергетскиот пазар го даде во својата програма План за живот во Македонија  (стр. 86), подготвена за предвремените парламентарни избори во 2016 година. Ветувањето го презеде и Владата во својата програма за работа 2017-2020 (стр.47).

Во мај 2018 година Собранието го донесе новиот Закон за енергетика со што земјава целосно ги инкорпорира одредбите од Третиот енергетски пакет, со што ги отстрани пречките што ги имаше во делот на енергетската легислатива поради ненавременото донесување на Законот од поранешната власт.
Со подзаконските акти кои ги донесе Регулаторната комисија за енергетика, покрај другото се воведува можност секое домаќинство да може да избира од кој снабдувач ќе се обезбедува електрична енергија.
Во меѓувреме на оглас е избран и универзалниот снабдувач на електрична енергија за период од 5 години. На огласот победи ЕВН xом.

Според тогашниот вицепремиер за економски прашања на Владата, Кочо Анѓушев, со универзалниот снабдувач се обезбедува стабилност во снабдувањето со електрична енергија и се намалуваат ризиците од ценовни шокови за крајните корисници

Со стариот Закон за енергетика, крајните корисници беа заштитени од ценовни шокови до 2020 година, сега со донесувањето на новиот Закон и воведувањето на универзален снабдувач, стабилноста во снабдувањето и цените за истите ќе бидат обезбедени до 2025 година. Владата преку домаќинското работење на ЕЛЕМ ќе го обезбеди ова, односно ЕЛЕМ е задолжен да понуди 80% од своето производство за потребите на универзалниот снабдувач во 2019 година, секоја година понудената количина ќе се намалува, што значи дека во 2025 година 30% од своето производството ЕЛЕМ ќе има обврска да понуди за потребите на универзалниот снабдувач, појасни Анѓушев на денот на објавувањето на јавниот повик за универзален снабдувач.

Во 2019 година домаќинствата не се најдоа на слободниот пазар, бидејќи немаше заинтересирани компании-снабдувачи со електрична енергија за снабдување на домаќинствата. Во оваа година домаќинствата се снабдуваа со електрична енергија од универзалниот снабдувач по цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика која и натаму е пониска од онаа која ја плаќаат домаќинствата во Европа и регионот.

Според рокот пропишан во Законот за енергетика до 31 март оваа година (2020 година) на слободниот пазар со електрична енергија треба да излезат близу 2.500 правни субјекти – со што практично ќе се заокружи процесот на целосна либерализација. Во оваа категорија на субјекти спаѓаат и јавните претпријатија во државна сопственост и во сопственост на општините.

Во оваа последна фаза потрошувачите кои го исполнуваат условот да имаат просечен број на вработени во последните две пресметковни години поголем или еднаков на 50, или вкупен годишен приход поголем или еднаков на 2 милиони евра во денарска противвредност, согласно податоците добиени од Централен Регистар на Република Северна Македонија, мора да изберат снабдувач со електрична енергија.

Со тоа се исполнуваат сите барања на Европската енергетска заедница поврзани со либерализацијата на пазарот за електрична енергија во земјава.

Според горенаведената аргуменација може да се заклучи дека Владата предводена од СДСМ целосно го либерализира пазарот на електрична енергија, што значи дека споменатото изборно ветување е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција