Читателот заслужува информација, а не исмејување

Коментар на фотографија, посветување стихови, изреки, описи од историјата, малку „патриотизам“, употреба на реторика што обично се слуша во говорите на политичките претставници, неосновани предвидувања, ставање прашалник и недавање ниту една информација… Кога читателот е соочен со текст што ги содржи сите овие елементи, тој чита, евентуално, само коментар што е ставен во категоријата „Вести“ и ништо повеќе

 

Таква е „веста“ што ја разгледуваме. Ако коментарот би бил во друга категорија, не во „Вести“, веројатно немаше да биде предмет на овој преглед. Но, претставува проблем кога овој производ го пласираат како „вест“.

Фотографија од веста што ја разгледуваме

Линк до оригиналниот напис: „Каква порака му донесе гулабот на Бујар Османи во Венецијанска?!“ Çfarë porosie i solli pëllumbi Bujar Osmanit në Venecia?!

Датум на објавување: 6.12.2019

Датум на рецензија: 12.2019

Рецензира: Ајнур Бафќари

Clickbait наслов (мамка за кликање на содржина)

Насловот на текстот наводно ја отвора дилемата, а авторот се обидел да биде креативен како да открил нешто што читателот не го знае. Тој се обидел да биде смешен, но не успеал. Од љубопитност, можеби ќе завршите со читање на содржината, која е полна со описи и коментари и во ниту еден ред нема никаква информација. Всушност, станува збор само за неколку реда што се извадени од соопштенијата за најави, меѓутоа ништо во текстот не претставува вистинска вест.

„Сликата понекогаш е повеќе од слика и случајноста е крал на светот. Постојат, всушност, двајца гласници кои се среќаваат на местото каде вицепремиерот им соопштува на Албанците од Северна Македонија голема вест додека е на Венецијанската комисија на важен пленум што се одржува таму, а Бујар Османи ќе им го аргументира на присутните неговиот став дека употребата на двојазичноста на банкнотите и на воените униформи е практика во неколку земји низ целиот свет“, се вели во текстот.

Навредена е интелигенцијата на читателот

„Но, каква порака носи гулабот што стои на рамениците на Бујар Османи, ова е ‘енигмата’ на оваа фотографија“. Ова прашање e поставено од авторот на текстот што не добива одговор никаде до крајот на текстот.

Авторот во поголемиот дел од текстот ја игра улогата на дескрипторот на сликата. Тој ја презел фотографијата што вицепремиерот Бујар Османи ја објавил на својот фејсбук-профил и сметал дека ова е вест. Текстот не се разликува од тие во розовата категорија, но во овој случај, авторот избрал политичар и политичко прашање, навредувајќи ја интелигенцијата на читателот.

Шетање низ времето, ама без информација

Авторот го води читателот низ историјата, понекогаш во Венецијанската комисија, понекогаш на некој собир. Читателот преку овој текст патува низ времето, но не успева да ја најде информацијата, нешто за што постојат информативните рубрики во новинарството. Авторот го прикажал својот лик како „воин“, кој продолжил да ги брани правата на Албанците, додека своите ставови не ги базирал никаде. Преку својот текст тој понекогаш се појавува како експерт за коментар на фотографии, понекогаш како историчар, а понекогаш и како претставник на засегнатата политичка партија. Текстот како таков не претставува напис што би бил од јавен интерес.

Не губете време со текстови без информација

Читатели, во случај да се соочите со ваков текст, во кој нема ниту изјава на кој било професионален коментатор за фотографии ниту изјава од самиот протагонист на фотографијата, во случајов на вицепремиерот Бујар Османи, ниту некаква друга информација поврзана со самиот повод за престојот на Османи во Венеција или за неговите очекувања од тој настан, треба да знаете дека вие не читате регуларен новинарски производ според професионалните стандарди во новинарството. Eвентуално, коментар, иако не ги задоволува и тие стандарди, што е ставен во категоријата „Вести“.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција