Дарежливоста на власта пред избори е неспорна

Трајко Славески Фото: Принтскрин

 

Поранешниот министер за финансии во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, професор Трајко Славески, не гледа никаква поврзаност меѓу задолжувањето (издавњето на еврообврзницата н.з.) и изборите. Владата со буџет што е усвоен, а и по ребалансот има предвидено буџетски дефицит кој мора од некаде да се финансира, тврди тој.

Мислам дека се апсурдни тврдењата дека владата поткупува гласачи токму со парите од обврзницата. Прво е тешко да се утврди што е поткупување на гласачи, затоа што под тоа опозицијата подведува каква било активност на владата насочена кон финансирање на предвидените обврски, вели Славески.

[Извор: Радио Слободна Европа   Датум: 20.07.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на екс-министерот за финансии, професорот Трајко Славески, со која тој фактички сака да ги релативизира обвинувањата дека власта со државни пари ја купува поддршката од гласачите, е прилично проблематична и во најмала рака ја сметаме за недоследна.

Имено, содржината на дел од прислушуваните разговори кои минатата година ги објави СДСМ (водени главно меѓу државни и партиски функционери и  чија содржина досега – 21.07.2016 година, не беше експлицитно демантирана од ниту една личност посочена во „бомбите“), укажува на постоење индиции за поткуп при избори и тоа: со социјалната парична помош, кеш, но и со прехрамбени продукти – најчесто  брашно. Такво нешто, на пример, може да се види во објавените транскрипти и снимки од  седмата (06.03.2015)  и осмата „бомба“  (10.03.2015) кои, според СДСМ,   сведочат за тоа дека е направен изборен криминал. Лидерот на СДСМ, тогаш нагласи дека се работи за  „материјали со кои се докажуваат притисоци врз администрацијата, фирмите, земјоделците, наставници, врз социјално загрозените, злоупотребата на пензионерите“.

Па така, во еден сет од четири разговори од седмата бомба се зборува  за притисоци врз фирми, за тоа како  казнувале инспекторите на УЈП  и  како се одземале лиценци за такси компани. Во друг сет од три разговори, пак, има за притисоците врз земјоделците, додека во трет сет од шест разговори може да се слушне како се правеле притисоци  врз социјалните случаи, а во чатвртиот сет од снимките, се говори за притисоците врз администрацијата.  На снимките на кои, според опозицијата, се слушаат разговорите  на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, водени со различни соговорници,  може да се слушнат, на пример,  вакви искази:

 

…Пропуштив да ви кажам. Зборевме со Спиро, и така идете натаму, добро е на Мирослав да му кажете, нека направат за утре еден список, и Циганиве и на други места кадешто треба социјална помош да пуштиме…

 

…За ова уште да ве прашам за социјалниве семејства, сега чекам од Мирослав да ми каже колку пари ќе треба, дека ја имам тука на ова…

 

…Овде сум на Мала Станица. Значи, Циганиве сите изглегле, околу 60 и колку, шеесет и осум гласа, шеесет и два гласа. Сега им обеќаме некои 25 пакети со брашно нешто, не знам…

 

Треба таму многу внимателно оти Циганите таму ги држи Циц и може да не издадат…

 

…Треба да гласаат за нас и потврда да дадат дека гласале за нас. Со триаголниче да заокружат за да знаеме…

 

…Значи те молам, кај сите учителки завртете…
Со следнава насока, ви благодариме што излеговте на гласање.
Ве молиме за конечна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Центар да обезбедите уште еден глас за ВМРО-ДПМНЕ…

 

…Гоцо, дај бе за таксиво малку ангажирај се. Сите комуњари у Центар тие ги носеле.
Земи им лиценца да видиш која фирма е оснивач. Види во Централен регистер. Кој е човекот таму, најди го на име, да испитаме.
Ќе го замолиме да му откажи во недела сабајле послушност и ќе се заглават со 500 гласа…

И токму врз основа на вакви снимки од прислушуваните разговори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) пред четири месеци  излезе со првите информации од истрагата за повеќе сторени кривични дела поврзани со изборите. На 12 февруари оваа година (2016) СЈО го обелодени случајот „Титаник“ и соопшти дека  почнало истражни постапки – за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања.

Обвинителката во СЈО, Фатиме Фетаи, тогаш објави дека се отворени истражни постапки за бивши министри за внатрешни работи и за транспорт и врски од 2012 година и секретарот на тогашната влада и уште неколку други лица. Според Фетаи, овие лица го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите. Да потсетиме дека Фетаи тогаш, меѓу другото, изјави:

Се работи за кривичните дела против изборите и гласањето. Во овој предмет по огромен број индиции и сигурни докази произлезе основано сомнение дека одредена група луѓе искористувајќи го влијанието и службената положба создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето. Отворена е истражна постапка за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на определување на гласачите, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за изборна програма. Во 2012 година, осомничените министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски, државен секретар за непосредни привилегии создале група за кои кривични дела може да се изврши затворска казна од три години, на начин што дел од осомничените и други заради победа на изборите, направиле план да се реализираат преку вработените за внатрешни работи ќе носат лица за гласање. Влијаеле и спречувале. Нуделе давале и ветувале подарок за гласање. Незаконско издавање на лични карти и вметнување на лица во избирачки список. Определени се 15.000 нови матични броеви. За улогата на конзуларните претставништва ќе се отвори нов предмет. Применувани се методи како насилства, злоупотреба на медиуми и незаконско финансирање на кампања.

Во изминатиот  период сме сведоци и дека токму пред избори се покачуваат пензиите, како и платите на администрацијата.  Според најавите, власта ќе биде дарежлива кон пензионерите и во декември оваа година, а зголемувањето на пензиите, нели,  само коинцидира со предизборието.

Да споменеме и дека не случајно се трошат  огромни буџетски суми за рекламирање на проектите на Владата во медиумите, со што фактички се купува нивната сервилност.  Јануарскиот извештај на „Транспарентност Македонија“ и на Центарот за економски анализи, истражување кое е направено во рамките на проектот , покажа дека:

Во предизборниот период, најголемиот дел од огласите во медиумите, кои се однесуваат на одредени проектни активности (52 отсто), доаѓаат од Владата, а на второ место се тие од Министерство за труд и социјална политика (26 отсто).

За спрегата медиуми – власт, инаку,  може да се слушне и во 24 – та „бомба“, која според СДСМ, говори за тоа како „власта ги поклопила медиумите“

Така што, имајќи ја предвид оваа аргументација,  изјавата на Славески „ дека се апсурдни тврдењата дека Владата поткупува гласачи “, ја оценуваме како  недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.