Дел од граничните премини се модернизирани

Фото: Принтскрин vlada.mk

ВЕТУВАЊЕ: Граничните премини ќе бидат технолошки унапредени, со цел да се намали времето на чекање на граница.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр. 70 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето дека ќе ги унапреди граничните премини, дадено за време на парламентарните избори во 2016 година, СДСМ делумно го исполни.

Имено, Владата предводена од СДСМ во изминатиот период работеше на модернизацијата на граничните премини преку проширување на терминалите, дигитализација на работењето, како и воспоставување на заеднички контроли со соседите.

Модернизацијата почна со граничниот премин „Ќафасан“ на границата со Албанија, каде што  беше пуштен во употреба новиот царински терминал кој придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки и намалување на времето за гранични формалности. За овој граничен премин е планирано да се воспостави заедничка гранична контрола.  

Покрај надградбата на граничниот премин „Ќафасан“, во овој период ( 2018 година) е надграден и граничен премин „Табановце“ со две нови сообраќајни ленти, воведени се ефикасни контроли и современи стандарди во работењето на царинската лабораторија која целосно е опремена. Во јули 2019 официјално започнаа заедничките контроли (one stop shop) на овој граничен премин.

Истата година на граничниот премин „Блаце“ беше пуштен во употреба објектот за гранична инспекција за ветеринарна и фитосанитарна контрола, изграден со поддршка од ЕУ.

Лани, пак, се реализирани повеќе активности за осовременување на работењето на Царината. Воведен е Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), што е оценет како најголем чекор кон реализацијата на модернизација и дигитализација на царинското работење. Воведен е систем е-царина.  Исто така, завршена е интервенцијата за миграција на EXIM системот на нова хардверска платформа со што престана примената на хартиена постапка во EXIM.

Лани (18 Ноември) е презентиран и скенер за контрола на поштенски пратки кој ја забрузва процедурата за доставување на пратки до крајниот корисник.

Во рамки на модернизацијата на работењето на царинската управа на почетокот на годинава (22.01.2020) беше отворена царинска лабораторија за анализа на нафтени деривати, храна и пијалоци. На крајот на јануари годинава во употреба е пуштен нов граничен премин меѓу Белановце и Станчиќ.

Царината во овој период го оживеа и долгонајавуваниот проектот овластени економски оператори. Списокот на регистрирани овластени економски оператори во овој период стигна до 13 компании.

За годинава планирано е да се реализираат и дел од активностите од 2019 година кои беа одложени поради доцнењето на потпишаниот грант со ЕК во декември 2018 година кој сè уште не е во функција.

На Царинската управа ѝ останува да ги реновира и останатите гранични премини кон Грција и Бугарија. За преминот Богородица кон Грција пред две години  (2 април 2018 ) е потпишан договор со Грција за започнување на Проект за модернизација на граничниот премин Богородица. Проектот е финансиран од Европска унија и кофинансиран од Владата. Предвидено е до крајот на 2023 година да се извршат повеќе инфраструктурни зафати на ГП Богородица и ГП Дојран. Ама, од ваквиот план досега не е направено ништо, што значи дека останува последниот рок 2023 година.

За граничните премини кон Бугарија, пак, нема информации за тоа што се прави околу нивното модернизирање.

Според сето ова,  Владата  оствари само дел од планираните активности поврзани со модернизација на граничните премини. Онака како што стојат работите, поради предвремени парламентарни избори (закажани па одложени) и со оглед дека моментално имаме криза со ширење на коронавирусот, дел од активностите се пролонгирани.  Планираното воспоставување на заеднички контроли со Албанија на граничиот премин „Ќафасан“ за годинава, најверојатно ќе се одложи, а допрва треба да се работи и на  осовременвање на граничниот премин Богородица и премините кон Бугарија.

Имајќи ја предвид оваа аргументација, може да се каже дека ветувањето на СДСМ дека „ќе ги модернизира и тенички ќе ги унапреди  граничните премини“, е делмно исполнето.

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција