Драган Павловиќ – Латас

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Драган Павловиќ – Латас е роден на  25 февруари 1960 во Скопје. Женет е и татко на две деца.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Завршил економски науки на универзитетот во Белград, а има дипломирано и политички науки на универзитетот ФОН во Скопје во 2005.

Магистрирал и докторирал на Европскиот универзитет–Скопје, каде работи како професор од 2012.

 

КАРИЕРА

Тој е главен и одговорен уредник на телевизија Сител од 1997 година и на дневниот весник „Вечер“ во периодот 2006–2012. Латас е член на Македонската асоцијација на новинари (МАН) и бил нејзин генерален секретар во два мандати (2002–2007 и 2011–сѐ уште).

Кариерата ја започнал во „Млад борец“ (1980–1984), а бил и соработник на белградскиот младински весник „Младост“.

Во периодот од 1992 до 1996 година бил главен уредник во радиото „Вокс“, а по основањето на неделникот „Фокус“ во 1995 работи и таму како новинар извесен период.

 

Сомнежи за соработка со странски служби

Драган Павловиќ – Латас бил осомничен за соработка со српските тајни служби за време на југословенските војни. Весникот „Време“ објавил документи од ДБК кои посочуваат дека Латас го организирал палењето на американската амбасада во Скопје во 1999 година по налог на УДБА. Весникот го посочува Павловиќ како доушник на Слободан Милошевиќ, кој наредбата ја добил на 13 март 1999, а палењето се случило десет дена подоцна. „Време“го обвинува Павловиќ и дека го шпионирал раководството на ВМРО-ДПМНЕ, во време кога на чело на партијата бил Љубчо Георгиевски.

 

„Сочен“ јазик

Павловиќ Латас бил тужен од 13 новинари и членови на граѓански здруженија во 2009 за непотпишаниот текст во „Вечер“ со наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“.Латас во телевизиска емисија се пофалил дека во неговиот дом од политичарите има влезено само премиерот Никола Груевски и дека тој е негов личен пријател.

Латас бил осудуван од новинарската фела во Македонија поради неговиот непристоен речник и кршење на етичкиот кодекс на новинарите. Во интервју на Сител во 2016, Латас на Зоран Заев, претседател на СДСМ, му рекол дека е „изрод“ и дека „лаже како Турчин“. На однесувањето на Латас реагирале турската амбасада во Македонија и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), велејќи дека ги навредил Турците во Македонија и дека создава искривена слика за новинарството.

 

Бомбите

Во прислушкуваните разговори името на Латас често беше експлоатирано. Неговиот глас се слушаше при договарање со високи државни функционери од ВМРО-ДПМНЕ за креирање на уредувачката политика на вестите во ТВ Сител. Во други разговори Латас од Филимена Маневска судија, бара услуга да се добијат судски спорови во корист на Латас.

До сега СЈО нема покрената обвинение против Драган Павловиќ – Латас.

Латас  до СЈО поднесе кривична пријава против непознат сторител, за пуштање во јавност снимки од негови приватни разговори.

Приватните разговори се појавија неколку месеци од кога Зоран Заев им ги предаде на СЈО сите прислушкувани разговори.

 

ИЗВОРИ

МедиаПедиа: Драган Павловиќ – Латас

Википедија: Драган Павловиќ Латас

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.