Два извештаја откриваат широка мрежа на руски дезинформациски портали

Илустрација: EUvsDisinfo

Францускиот сервис Вигинум, како и европската мрежа за борба против дезинформации ЕДМО, во своите извештаи темелно ја опишаа структурираната и координирана руска мрежа на сајтови кои шират дезинформации во Европа и други држави низ светот. Создадени по ист образец, порталите секојдневно публикуваат огромен број објави. А, објавите често се или преземена копија од ТASS или РИА Новости, или од други сомнителни извори. Текстовите неретко се полни со граматички, синтаксички или правописни грешки, што е знак дека се преведени со помош на груби онлајн алатки. Засега, иако влијанието е лимитирано и не се знае точно која е целта на оваа мрежа, една од хипотезите е дека ќе бидат таргетирани изборите за Европскиот парламент

Францускиот сервис Вигинум, како и европската мрежа за борба против дезинформации ЕДМО, во своите извештаи темелно ја опишаа структурираната и координирана руска мрежа на сајтови кои шират дезинформации во Европа и други држави низ светот. Создадени по ист образец, порталите секојдневно публикуваат огромен број објави. А, објавите често се или преземена копија од ТASS или РИА Новости, или од други сомнителни извори. Текстовите неретко се полни со граматички, синтаксички или правописни грешки, што е знак дека се преведени со помош на груби онлајн алатки. Засега, иако влијанието е лимитирано и не се знае точно која е целта на оваа мрежа, една од хипотезите е дека ќе бидат таргетирани изборите за Европскиот парламент

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Во февруари оваа година француската служба Вигинум разоткри структурирана и координирана руска мрежа на сајтови создадени по ист образец, кои шират дезинформации во Западна Европа. Врз база на овој извештај, неодамна Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО) откри дека мрежата метастазирала во најмалку 28 нови земји ширум светот, вклучувајќи ја нашата држава и сите соседи, освен Србија.

 

Извештај на Вигинум: Хронологија на мрежата руски дезинформации

Вигинум, државна техничка и оперативна служба, одговорна за мониторирање и заштита од странски дигитални интерференции која е дел од Генералниот секретаријат за национална одбрана и безбедност на Франција, откри мрежа на онјалн портали што шират проруска пропаганда. Во таканаречената „Портал Комбат“ мрежа, тие наоѓаат 193 сајтови, а во сржта на оваа операција е тоа што сите сајтови имаат ист образец: впечатливо униформен изглед, многу слично име на сајт, слични или некогаш целосно копирани содржини. Поточно, содржините најчесто ги преземаат од профили на социјалните медиуми на руски или проруски портали, блогови, руски новински агенции (РИА Новости, TASS) и официјални веб-страници на локални институции. 

Целта на оваа мрежа на портали е да шират дезинформации. Како што пишува во извештај на Вигинум:

Се чини дека главната цел е да се прикаже руско-украинскиот конфликт во позитивно светло, односно „специјалната воена операција“, и да се оцрни Украина и нејзините лидер [на пр. семејството на Зеленски]. Многу идеолошки ориентирана, содржината [на овие сајтови] постојано прикажува неточни или погрешни наративи.

Од друга страна, успешноста на овие сајтови, а со тоа и успешноста на целата мрежа да стигне до широка публика се темели на неколку техники: претпазлива селекција на изворите што ги користат во зависност од локалните медиумски системи којшто е на мета, автоматизација на операциите и користење т.н. „search engine optimization“ или оптимизирање на прелистувачите. 

Фото: скриншот од сајт од Киев и сајт од Крим

Хронолошки гледано, целата операција започнува во 2013, околу „Евромајдан“ бранот на протести во Украина. Токму тогаш мрежата на сајтови се воспоставува, речиси по ист образец, но фокусирајќи се повеќе на руско-украински медиумски системи со ист начин на оперирање (на пр. crimea-news[.]com; piter-news[.]net; topnews.kiev[.]ua;  lenta.kharkiv[.]ua).

Овие портали делат ист графички изглед, исти типови на извори и слични рубрики, што укажува на постоење на заеднички администратор. Неколку од овие портали, особено оние кои се насочени кон Украина, сега се неактивни, пишува во извештајот на Вигинум.

Понатаму, со почеток на војната во Украина, се создава новиот т.н. „-news.ru“ медиумски систем. Ова значи дека сајтовите имаат ист образец, само, повторно, локацијата е сменета (на пр. lugansk-news[.]ru and kherson-news[.]ru). 

Фото: скриншот од сајтот за Луганск, сајтот за Донецк и сајтот за Херсон

Како што може да се забележи, не само што имаат ист изглед, туку ги таргетираат градовите и областите кои се токму во центарот на војната. Поточно, областите коишто Русија ги анектира на 30 септември 2022 година.

Отпочнувањето на работата на „-news.ru“ сајтовите остава впечаток како да е „проба“ пред да може да се воспостави архитектурата за натамошното ширење на мрежата. Со тоа, следствено, никнува новата т.н. „Правда“ мрежа (на пр. Pravda-fr[.]com на француски јазик; pravda-en[.]com на англиски; pravda-de[.]com на германски итн. 

Освен што имаат слично име на доменот, овие веб-локации, регистрирани на 24 јуни 2023 година, имаат идентични технички карактеристики: заедничка IP адреса хостирана на сервер лоциран во Русија, иста HTML архитектура, иста графичка табела и рубрики, исти извори, пишува во извештајот на Вигинум.

Последно, мора да се потенцира активноста, односно количината на објави што ги имале овие сајтови. Вигинум ги мониторирале активностите на пет портали, во времетраење од само три месеци (од јуни до септември 2023). Во тоа време сите пет портали бележат над 152 илјади објави. Највисоката бројка на еден избраните сајтови стигнала до 1.687 објави во еден ден. Ова е дополнителен показател колку е ефикасен процесот на масовно објавување, на сметка на квалитетот или точноста на информациите. Затоа, јасно е дека целта е да се преплават сајтовите и социјалните медиуми со овие објави и да се замагли медиумскиот систем.

 

Извештај на ЕДМО: Како се шири мрежата  на руски дезинформации

Откога Вигидум го споделија извештајот до денес (10.05.2024), изминати се не повеќе од три месеци. Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО) само неколку недели подоцна откри дека мрежата што ја разоткрија Вигидум се проширила низ цел свет, но главно е концентрирана на европскиот континент. 

Новиот систем што го воспоставуваат е претходно споменатата „Правда“ мрежа. Како што пишува во извештајот на ЕДМО, прва земја која е мета на оваа мрежа е Германија, на 22 февруари 2023 година. Потоа, на 24 јуни 2023 се креираат пандан верзиите на англиски, француски, шпански и полски јазик. 

Фото: скриншто од ЕДМО извештајот
Портали регистрирани на 26 јуни, 2023

Централниот факт што се издвојува во извештајот е тоа дека сајтовите се регистрирани на крајот на јуни со лиценца која трае една година. Исклучок  на ова правило е германската верзија на сајтот, бидејќи е регистриран порано и има лиценца од две години. Одговорот зошто порталите се регистрирани токму во јуни и токму на една година, е затоа штo од 6 до 9 јуни ќе се одржат европарламентарните избори во земјите членки: 

Можно е тогаш да се претпостави дека создавањето на оваа мрежа е обид да се влијае на јавниот дискурс особено пред изборите во ЕУ, преку започнување на кампања за странски информациски манипулации и мешање (ФИМИ), пишува во извештајот на ЕДМО.

Фото: скриншто од ЕДМО извештајот
Портали регистрирани на 26 март, 2024

Како што може да се види од илустрацијата, на 26 март оваа година регистрирано е драстично зголемување на портали од „Правда“ мрежата. Во истиот период (20-26 март 2024 година), „Правда“ се прошири и во европски земји кои не се членки на ЕУ – Норвешка, Молдавија, Босна и Херцеговина, Албанија и С. Македонија. А, беа забележани и портали дури и надвор од Европа, во Централноафриканска Република, Нигер, Тајван и Јапонија.

Фото: скриншот од сајт на македонски, сајт на албански и сајт на бугарски јазик

Според  извештајот на ЕДМО бројот на објави на различните „Правда“ портали драстично се разликува. На пример, на шанската верзија забележани се над 600 објави во час, со сличен број објави на англиската, германската и чешката верзија. Драстично помалку објави, пак, има во холандската, лативнската, словачката и грчаката верзија, каде се забележани 10-20 објави на час.

 

Влијанието на мрежите 

Иако мрежата располага со голем обем на публикации кои се широко распространети, влијанието на веб-страниците на „Правда“ мрежите,  како што пишува во извештајот, е многу мало, а во некои земји речиси и да не постои:

Можно е [целата] операција да е структурно слаба. Нејзината слабост би можела да биде ненамерна, но можно е ова да е лажна операција со цел да се испитаат реакциите и мерките преземени од локалните власти и властите на ЕУ, за идни операции. Исто така, можно е неодамна воспоставената мрежа да се користи поефективно во следната фаза, поблиску до датумот на изборите во ЕУ.

Преку овие примери лесно може да се воочи како се развива алатката за „војување“ со дезинформации, преку воспоставувањето на порталите и нивното проширување прво на тло на Европа, а понатаму и во држави на останатите континенти. Исто така, не може да се изостави „природната еволуција“ на користената технологија или софистицираноста на операцијата. Затоа и двата извештаи бележат колку лесно може да се постават информациските мрежи и, со помош на автоматизација, да „работат“ со мал напор и да продуцираат огромен број  објави.

Од друга страна, пак, не само нискиот квалитет на текстовите, туку и малото влијание што тие го имаат е своевиден парадокс. Сепак, допрва ќе се види дали тоа ќе остане така и во периодот до европските избори.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција