Електрификацијата на пругата кон Косово остана само на хартија

Железничката станица Ѓорче Петров, Скопје Фото: mk.wikipedia.org

Владата предводена од СДСМ, која беше избрана на крајот на мај 2017 година, не успеа да  го реализира ветувањето за електрификација на пругата кон Приштина. Ова ветување сега е дел од проектите во Програмата за работа на новата Влада, и според наведеното, допрва треба да се прави проектна техничка документација. На оваа железничка пруга еднаш дневно сообраќа патнички воз на релација Скопје – Приштина – Скопје,  што е единствената редовна меѓународна железничка линија што сообраќа во текот на целата година

 

 

Електрификација на пругата Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (Граница со Република Косово)

[Извор: Програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“, стр. 76, 190,191 и 245 – датум: декември 2016; Изборна програма на СДСМ (2020) „Можеме“ стр.57 – датум: јули 2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Електрификацијата на пругата кон Косово  се најде и во плановите на новата Влада предводена од СДСМ, откако во мандатот на претходниот владин состав не беше реализиран овој проект.

Пред повеќе од четири години, за предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, СДСМ вети дека во првите две годнини од мандатот ќе ја електрифицира пругата Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (Граница со Република Косово).

Споменатото ветување  социјалдемократите го дадоа во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“ , каде што го има на повеќе места, поточно на стр.76, стр.190, стр.191, а го има и во „Планот 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ (стр.246). Исто така, електрифиција на пругата кон Приштина  се спомнува и во Програмата за работа на Владата (2017 -2020) стр.43.

Сепак, наспроти ваквите планови, тоа не се случи – ветената електрификација на оваа железничка линија остана само на хартија. Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, која беше избрана на 31 мај 2017 година, не успеа да  го реализира ветеното до 15 јули 2020 година – кога се одржаа последните парламентарни избори.

Ова ветување сега е дел од проектите во  Програмата за работа на Владата во периодот 2020-2024 година (стр.10) , и според наведеното, допрва треба да се прави проектна техничка документација за електрификација на пругата. Во овој документ се вели дека Владата ќе се ангажира за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура, меѓу другото, и со:

 Изработка на проектна техничка документација за електрификација на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце и заеднички железнички граничен премин со Република Косово

Заложбите за подобрување на квалитетот на железничката инфраструктура, се искажани и во последната изборна програма на СДСМ „Можеме“ (2020-2024), каде во делот „Поврзување со земјите од соседството!“ стр.57  се ветува: „Почеток на изработка на проектна техничка документација за електрификација на пругата Скопје–Скопје Север–Ѓорче Петров–Волково-Блаце (граница со Република Косово)“. Без притоа да се прецизира конкретено кога би се почнало со изготвувањето на ваквата документација.

Досега (21.01.2021) не се забележани активности во правец на исполнување на ова ветување.  Електрификацијата на пругата кон Косово не се спомнува меѓу приоритетните железнички проекти  во  интервјуата  кои министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги даваше изминативе неколку месеци откако е дојден на функцијата (30.08.2020), вклучувајќи ги и неговите настапи на крајот на годината.

Имајќи го предвид сето ова, јасно се гледа дека досега не е реализиран ветениот проект за електрификација на пругата кон Косово.

Фото: mzt.mk

Според возниот ред објавен на веб-страницата на „Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД Скопје“, на оваа железничка пруга еднаш дневно сообраќа патнички воз –  во 7,10 часот од Приштина за Скопје, а во 16,10 часот од Скопје за Приштина. Брзиот воз кој превезува патници на релација Скопје – Приштина – Скопје , е вратен во редовен сообраќај од 9 март минатата година (2020), а претходно, според  Железници на РСМ – Транспорт, поради одредени технички проблеми не сообраќал редовно. Инаку, ова е единствената редовна меѓународна железничка линија што сообраќа во текот на целата година. Експресниот воз од Скопје кон Белград и Солун има сезонски карактер, сообраќа само преку лето – од 13 јуни до 21 септември.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција