ЕУ не ја легализира трговијата со жени и сексуалната експлоатација

Совет на Европа. Фото: СЕ/веб

Во Советот на Европа се расправа за правата на секс-работничките, но една објава на Фејсбук тоа лажно го опиша како чекор кон легализација на трговијата со жени и девојчиња. Објавата тоа ѝ го припишува на ЕУ, иако Советот на Европа нема врска со ЕУ. Авторот на објавата е наводно згрозен од сексуалната експлоатација, но неговата фејсбук-страница има еротски назив и е полна со фотографии од разголени жени, кои можеби и самите биле жртви на експлоатација. Целта на објавата не е заштита на жените, туку просто да се оцрни ЕУ

Во Советот на Европа се расправа за правата на секс-работничките, но една објава на Фејсбук тоа лажно го опишува како чекор кон легализација на трговијата со жени и девојчиња. Објавата тоа ѝ го припишува на ЕУ, иако Советот на Европа нема врска со ЕУ. Авторот на објавата е наводно згрозен од сексуалната експлоатација, но неговата фејсбук-страница има еротски назив и е полна со фотографии од разголени жени, кои можеби и самите биле жртви на експлоатација. Целта на објавата не е заштита на жените, туку просто да се оцрни ЕУ

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук започнува со зборовите:

ЕУ ЌЕ ГЛАСА ЗА РЕЗОЛУЦИЈА, СО КОЈА ТРГОВИЈАТА СО ЖЕНИ СТАНУВА ЛЕГАЛНА

Тоа не е точно, а целта на објавата не е да ги штити жените, туку да ја оцрни ЕУ, за што сведочат останатите објави на истиот автор, низ кои провејува тврд евроскептицизам и антизападни и пропутински ставови (примери: тука, тука, тука и тука). Да се критикува ЕУ е демократско право, но не и преку ширењето дезинформации.

Прво, за резолуцијата не се расправаше во ЕУ, туку во собранието на Советот на Европа, што нема врска со ЕУ (на пр. до неодамна во Советот беше дури и Русија).

Второ, резолуцијата носи наслов:

Заштита на човековите права и унапредување на животите на сексуалните работници и жртви на сексуална експлоатација

Зарем со таков наслов се повикува на легализација на трговија со жени? Нема логика некој во Советот на Европа да предлага нешто спротивно на фундаменталните европски вредности како човековите права и слободи. Авторот на објавата, патем, споделил линк до нацрт-резолуцијата, но не ја прочитал.

Во документот се изразува разбирање за тоа дека некои земји-членки на Советот ја криминализираат проституцијата, а други не и само се апелира и до едните и до другите некако да им го олеснат животот на секс-работничките.

Се бара земјите членки да престанат со нивната стигматизација и дискриминација (при вработување и сл.) и се бараат одредени права и заштита за нив (здравствена, правна и др.). Резолуцијата признава дека постои блискост меѓу проституцијата и трговијата со луѓе, но не бара легализација за она второто.

Гласањето за резолуцијата беше закажано за 3.10.2024 г., но таа не помина. Некои ја сметаа за нецелосна, па предлагаа амандмани, а други експерти беа отворено против и покренаа онлајн-петиција против неа. Објавата го споделува линкот до таквата петиција, а насловот ѝ беше:

Не за резолуција, која ја нормализира проституцијата во Европа

Меѓутоа, насловот не вели „Не за резолуција за легализација на трговијата со жени“, како што се сугерира во објавата, бидејќи такво нешто не е ни предложено.

Потписниците на петицијата се согласуваат со тврдењето дека резолуцијата ќе им овозможи на подведувачите и трговците со жени да се легализираат во работодавачи и да прават злоупотреби, што се пренесува и во објавата што ја рецензираме. Но, иако злоупотреби се можни, да повториме, во резолуцијата не се бара легализација.

 

Недоследности на страницата каде што е објавата

При оваа рецензија можеже да се забележат и најмалку две недоследности. Од една страна, авторот на објавата е наводно згрозен од сексуалната експлоатација, но од друга страна, неговата фејсбук-страница е насловена како Cicki.MK и таа е полна со фотографии од разголени жени (тука, тука, тука, тука и тука), што е на граница на мека порнографија. Што е уште поинтересно разголените жени се користат само како илустрација и мамка за објави со политичка содржина.

Но, сосема е можно и овие објави на жени да се резултат на жртва на сексуална експлоатација. За тоа авторот делува целосно незаинтересирано, исто како и за големата сексуална експлоатација во Русија , иако меѓу политичките пораки може да се сретнат и такви со пофалби за Путин. Од тоа сфаќаме дека неговата цел е само да ја оцрни ЕУ, а еротските фотографии му служат како мамки за читатели, кои ги индоктринира со лажни вести.

Друга недоследност е тоа што покрај еротски содржини, страницата објавува и повици за морализам, целомудрие, традиционализам, конзервативност и побожност (примери: тука, тука и тука), па авторот фактички нема јасен и искрен став, туку го менува зависно од потребите.

 

Уште една невистина во објавата

На крај, авторот на објавата што е предмет на оваа рецензија вели:

Ваков закон е поминат во Викторија (Австралија), според кој проституцијата е дозволена и во близина на училишта, болници, цркви и други верски објекти од 19:00 до 06:00 часот.

Проституцијата е навистина дозволена во австралиската сојузна држава Викторија, но правилно е да се рече (како што вели и изворот наведен во објавата), дека државата забранила проституција близу училишта, болници и верски објекти од 6 до 19 ч., што важи и за верски празници. Тоа значи дека се води сметка за децата, верниците и други категории, но објавата си поигрува со зборовите за полесно да манипулира.

На крајот на краиштата, тоа е ирелевантно за расправата во Советот на Европа, што е главна тема во објавата. Советот нема моќ да носи закони, а резолуциите не се обврзувачки, туку се повеќе како апели и имаат поголема моќ доколку се усвоени со огромно мнозинство гласови.

Земајќи го предвид сето досега наведено, тврдењето во објавата го оценуваме како невистинито.

 

 


 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција