Фактоје: Пандемијата ја откри „дигитализацијата” на училиштата во Албанија

 

Учењето преку Интернет за време на пандемиjaта со Ковид 19 се наметна како нов начин на едукација на студентите, вклучително и на учениците во средните училишта во Албанија. Според ветувањето дадено пред пет години од премиерот, Еди Рама и поранешната министерка за образование, Линдита Никола,  сите општи средни училишта во Албанија требаше да се дигитализираат до 2018 година. Новата реалност создадена од затворањето на училиштата поради пандемијата, покажа дека овој процес не е завршен.

Во април 2015 година, премиерот  Рама заедно со  министерката Никола,  го претставија проектот: „Интелигентни училници, дигитално училиште“. Овој голем проект, кој веќе беше пилотиран во 60 општи средни училишта, имаше за цел сите средни училишта во Албанија да добијат дигитални училници до 2018 година. Во овие дигитални училници, покрај книгите во образовниот процес би се користеле и таблети.

Но, што се случи со проектот за паметни училници?

Во време на пандемијата со Ковид-19, кога учениците учат на Интернет и користат социјални медиуми за споделување информации со наставниците,  албанскиот сервис за проверка на факти, „Фактоје“ се интересираше во Министерството за образование, спорт и млади, што се случи со ветувањето сите средни училишта во 2018 година да имаат дигитални часови.

Во својот одговор до „Фактоје“ Министерство испратило список на општи средни училишта кои имаат дигитални училници. Според овој список, дигитални паралелки има во 61 општо средно училиште во Лежа, Драч, Фиер и Корча. Оттука произлегува дека бројот на дигитални училишта  е скоро ист со оној во 2015 година кога  беше претставен пилот-проектот. Односно, во текот на овие  пет години на списокот на дигитални училишта е додадено само 1 училиште.

Покрај тоа, според одговорот од Министерството за образование, дигитализацијата е функционална само во 21 од 61 училиште, додека во 3 училишта овој процес е делумно функционален. Во одговорот на  Министерството нема дополнителни детали околу реализацијата на проектот за паметни училници.

Имајќи ја предвид оваа проверка, „Фактоје“  ветување за паметни училници го оцени како нереализирано.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција