Фаучи не признал дека измислувал мерки за време на ковид пандемијата

Фото: Принтскрин видео

Транскриптот од излагањето на доктор Ентони Фаучи за ковид-19, не покажува дека тој изјавил оти ги измислил правилата за заштита од ковид-19 во врска со дистанцата од 2 метра и задолжителното носење маски кај децата. Тој изјавил дека правилото за дистанца „едноставно се појавило” небазирано на никакви податоци и дека таква студија би била тешка да се спроведе. Исто така Фаучи вели дека не се сеќава на студии за носење маски кај децата, но додава дека тоа правило било одлука на Центарот за контрола и превенција на болести. Во јавно сведочење на 3 јуни годинава Фаучи појасни дека тој мислел оти немало клинички студии за социјалната дистанца и дека Центарот за контрола и превенција на болести за да го постават тоа правило, користел поранешни студии за тоа како се шират капките

Транскриптот од излагањето на доктор Ентони Фаучи за ковид-19, не покажува дека тој изјавил оти ги измислил правилата за заштита од ковид-19 во врска со дистанцата од 2 метра и задолжителното носење маски кај децата. Тој изјавил дека правилото за дистанца „едноставно се појавило” небазирано на никакви податоци и дека таква студија би била тешка да се спроведе. Исто така, Фаучи вели дека не се сеќава на студии за носење маски кај децата, но додава дека тоа правило било одлука на Центарот за контрола и превенција на болести. Во јавно сведочење на 3 јуни годинава Фаучи појасни дека тој мислел оти немало клинички студии за социјалната дистанца и дека Центарот за контрола и превенција на болести за да го постават тоа правило, користел поранешни студии за тоа како се шират капките

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Задолжителната дистанца од најмалку 2 метра која ја кркавме за време на пандемијата и задолжително носење маски за деца се мерки кои доктор Антони Фаучи во сведочењето пред Конгресот призна дека никогаш немале некаква научна издржаност.

Во склоп на објавата се споделува текст со наслов:

Фаучи призна дека измислувал работи за време на пандемијата.

Проверувачите на факти на Политифакт пишуваат дека транскриптот од излагањето на доктор Ентони Фаучи за ковид-19, не покажува дека тој изјавил оти ги измислил правилата за заштита од ковид-19 во врска со дистанцата и задолжителното носење маски кај децата. Тој изјавил дека правилото за дистанца од 2 метрa „едноставно се појавило“ небазирано на никакви податоци и дека таква студија би била тешка да се спроведе. Исто така Фаучи рече дека не се сеќава на студии за носење маски кај децата, но рече дека тоа правило било одлука на Центарот за контрола и превенција на болести. Во неговото јавно сведочење на 3 јуни годинава Фаучи појасни дека тој мислел дека немало клинички студии за социјалната дистанца и дека Центарот за контрола и превенција на болести за да го постават тоа правило, користел поранешни студии за тоа како се шират капките.

Инаку, насловот дека Фаучи „признал дека измислувал ковид правила за дистанцата од 2 метри и носењето маски кај децата“, првично беше објавен на британски Дејли Мејл и стана вирално на социјалните мрежи.

Но, насловот го искривува тоа што Фаучи го кажа во транскриптот. Тој е поранешен директор на Инстиутот за алергологија и инфективни болести и поранешен главен медицински советник на Белата Куќа. Неговото сведочење од јануари пред Комитетот за надзор врз пандемијата со коронавирус е пренесено на искривен начин, пишува Политифакт.

На страница 183 од транскриптот од сведочењето на Фаучи, тој вели дека не бил запознаен со студии кои што ја поддржуваат дистанцата од 2 метри, мерка што ја предложи Центарот за контрола и превенција на болести на почетокот на пандемијата.

Запрашан кога почнале дискусиите за дистанцата од 2 метри, тој одговори:

Знаете, не се сеќавам. Едноставно се случи. Не се сеќавам на конкретна дискусија за тоа.

Запрашан дали видел студии кои ја поткрепуваат потребата од 2 метри дистанца тој рече:

Не бев запознаен со студии кои… Всушност тоа би било многу тешка студија да се спроведе.

Во дискусијата Фаучи рече дека одлуката била емпириска што во медицинската терминологија значи дека е одлука базирана на искуство, повеќе отколку на прецизно разбирање на нешто.

Мислам дека ова потпаѓа под категоријата емпириско. Само емпириска одлука која не беше базирана на податоци или пак на податоци кои би можеле да се постигнат. Но се обидувам навистина да се присетам и не се сеќавам на дискусија која била одлучувачка, едноставно правилото се појави, дека дистанцата ќе биде 2 метри, изјави тој.

Во врска со носењето маски кај децата, на страница 135 од транскриптот се гледа дека Фаучи не рекол оти тој ги измислил правилата за носење маски, туку дека не се сеќава на специфични студии кои го поддржуваат носењето маски кај децата. Фаучи ја потенцираше улогата на Центарот за контрола и превенција на болести во одлуката за тоа децата да носат маски. Исто така додаде дека има спротиставени студии за негативни ефекти од носењето маски кај децата.

На прашањето дали имало анализа на штетните последици и бенефитите од носењето маски кај децата, Фаучи одговори негативно. Потоа беше прашан дали смета дека носењето маски за двегодишни деца е неопходно.

Мислам дека зависи од контекстот. Навистина зависи од тоа каде се наоѓате. Кога се наоѓате во временски период кога имате цунами од инфекции и очајно се обидувате да ги заштитите луѓето од зараза и смрт, до степен кога секој ден здравствените капацитети се во опасност да се преполнат, тогаш може да направите нешто што е, кој е правиот збор, прекумерно, што не би го направиле во други околности. И верувам дека Центарот за контрола и превенција на болести во тоа време веруваше дека тоа е потребно во тогашната предизвикувачка состојба во која се наоѓавме, рече Фаучи.

За тоа дали прочитал студии во кои се покажува дека носењето маски кај малите деца има негативни ефекти врз нивниот говор и губење на слухот Фаучи рече:

Не, но верувам дека има многу спротивставени студии од кои едните велат дека има влијание, а други дека нема влијание. Мислам дека тоа е неодредено. Многу сум чувствителен на деца. Имам и деца и внуци. Така што не би сакал да имам ништо со нешто што би им наштетило. Но мислам дека имаше конфликтна дискусија за негативните последици врз говорот и формацијата на коските на лицето и тоа мислам дека беше лесно дебанкирано.

Три дена откако беше објавен овој транскрипт, Фаучи се појави на јавно сведочење. Тогаш паднаа обвинувања дека Републиканците кои го имале транскриптот на Фаучи со месеци, го искористиле времето да ги испревртат неговите зборови.

За правилото за дистанца од 2 метри, за кое изјавив дека едноставно се појави, тоа правило дојде од Центарот за контрола и превенција на болести. Не јас, туку Центарот за контрола и превенција на болести беше задолжен за правилата за училиштата, рече Фаучи.

Тој, исто така, појасни што мислел кога рекол дека нема студии што ја поддржуваат оваа мерка.

Тоа што го мислев е дека нема контролирана студија која што на пример, би споредила 2 метри дистанца со 1 метар дистанца.

Фаучи истакна дека смета оти Центарот за контрола и превенција на болести користел стари студии за ширењето на капките за да ја донесе таа одлука.

Никогаш не сум рекол дека сум измислил нешто. 

Портпарол на Центарот за контрола и превенција на болести за Политифакт вели дека нивната препорака за 2 метри дистанца дошла како резултат на истражување за тоа како се шири вирусот преку капките. Од 11 август 2022 мерката за 2 метри дистанца не е на сила поради колективниот имунитет и ефективните третмани.

Откритието за 2 метри дистанца не е ново. Доктор Роберт Редфилд, поранешен директор на Центарот за контрола и превенција на болести во администрацијата на Доналд Трамп на 17 март 2022 рече:

Нема некоја магија за дистанцата од 2 метри. Едноставно историски тоа беше користено како правило за други респираторни патогени. 

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти Фаучи признал дека измислувал мерки за време на ковид пандемијата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција