Фишинг сајтови: Ако сакате да го проверите квалитетот на воздухот, треба да учествувате во лажна наградна игра!

Веб-страницата за проверка на квалитет на воздухот веќе извесен период јавува неправилности, односно кога корисниците ќе ја посетат страницата, прво им се бара да учествуваат во наградна игра за да освојат мобилен телефон. Најверојатно станува збор за т.н. фишинг сајтови, односно вид на измами од неовластени корисници кои преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници се обидуваат од корисниците да добијат доверливи лични податоци. Од Министерството за животна средина велат дека станува збор за несоодветни реклами кои се појавуваат поради некоја заостаната компонента (Ворд Прес) која сè уште е во фаза на прочистување

Веб-страницата за проверка на квалитет на воздухот веќе извесен период јавува неправилности, односно кога корисниците ќе ја посетат страницата, прво им се бара да учествуваат во наградна игра за да освојат мобилен телефон. Најверојатно станува збор за т.н. фишинг сајтови, односно вид на измами од неовластени корисници кои преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници се обидуваат од корисниците да добијат доверливи лични податоци. Од Министерството за животна средина велат дека станува збор за несоодветни реклами кои се појавуваат поради некоја заостаната компонента (Ворд Прес) која сè уште е во фаза на прочистување

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Во време кога аерозагадувањето во земјава покажува енормно високи бројки, веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање (https://air.moepp.gov.mk/?page_id=1351) каде што можат да се видат податоци за квалитетот на воздухот во земјава, веќе извесен период јавува неправилности. Имено, кога корисниците ќе ја посетат страницата, прво им се бара да учествуваат во наградна игра за да освојат Iphone. Најверојатно станува збор за т.н. фишинг сајтови, односно вид на измами од неовластени корисници кои преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници се обидуваат од корисниците да добијат доверливи лични податоци.

Од Министерството велат дека станува збор содржини и несоодветни реклами кои се појавуваат поради некоја заостаната компонента (Ворд Прес) која сè уште е во фаза на прочистување.

Имено, ако од пребарувачот Microsoft Edge пристапите до страницата за да се информирате за квалитетот на воздухот, односно степенот на загаденост, ќе наидете на понуда да учествувате во наградна игра, каде се бара да се пополни „кратка анкета“:

Понатаму, за да биде поуверливо, можат да се видат наводни коментари од корисници на Фејсбук кои наводно ја добиле наградата. При проверката на овие корисници, дојдовме до заклучок дека вакви профили на Фејсбук воопшто не постојат.

Ако понатаму се следат линковите од наводната наградна игра, се доаѓа до страница каде што треба да се остават личните податоци, но и да се уплатат 123 денари за да се добие телефонот, кој инаку чини над 40 илјади денари.

Нешто слично се случува и со другите пребарувачи, Chrome и Firefox, каде првично се отвора лажната наградна игра, а истиот проблем го има и доколку се проверува квалитетот на воздухот преку мобилниот телефон.

Ако се направи втор обид да се отвори страницата за квалитетот на воздухот, тој ќе биде успешен, односно од корисникот нема да се бара да учествува во наградни игри и сл.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Вистиномер изјавија дека проблемот настанал по миграцијата од стар на нов сервер.

Бидејќи миграцијата на податоци од стариот на нов сервер е завршена, во моментoт интензивно  се работи на ажурирање и прочистување на старата палтформа што се користи за приказ на податоци од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух. Одредени содржини и несоодветни реклами се појавуваат поради некоја заостаната компонента  од старата платформа (word press) која се уште во фаза на прочистување, ни рекоа оттаму

Како што веќе пишувавме во повеќе наврати, македонските државни институции беа мета на голем број хакерски напади во последнава година. Овие ситуации ја доведоа во прашање безбедноста и сигурноста на податоците со кои располагаат институциите.

Во овој случај, станува збор за т.н. фишинг, односно облик на измама кој опфаќа збир на активности на неовластени корисници преку користење лажни пораки од е-поштата и лажни веб-страници на поголем дел финансиски организации, обидувајќи се од корисниците да добијат доверливи лични податоци, како што се ЕМБГ, корисничко име, ПИН броеви и сл.

За жал, голем е бројот на корисници кои не се запознаени со овој вид на измама. Штом еднаш ќе дојдат до доверливите податоци, злонамерните испраќачи или сами ги користат или ги продаваат. Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб-страници, кои според изгледот целосно одговараат на веб-страниците на легитимните компании (фирми), пишуваат од Агенцијата за заштита на личните податоци.

Најчести форми на фишинг, според Агенцијата се:

  • Лажно предупредување од банката или друга финансиска организација во која од корисникот бараат да ги наведе личните податоци, за да спречат да не дојде до укинување на сметката.
  • Измами од аукциски веб-страници, во кои корисникот се убедува да уплати одредена сума на пари за да купи одреден производ, а всушност со тоа корисникот мислејќи дека купува некој производ, врши уплата на лажна сметка.
  • Лажна порака од администраторот во која се бараат податоци од корисникот, како што е лозинката.
  • Разни известувања во кои се обидуваат да изнудат пари за лажни добротворни цели.
  • Пораки со кои се намамува корисникот да уплати одредена сума на пари на лажна сметка (На пример, порака за драстично намалување на цената на одреден производ кој може да се купи само на Интернет).
  • Пораки кои Ве известуваат дека сте добиле лотарија и дека им се потребни Вашите лични податоци за да може да ја подигнете наградата.

За корисникот да се заштити од ова, од Агенцијата препорачуваат никогаш да не се одговара на е-поштите кои бараат лични податоци, да не се клика на сомнителните веб-страници и да не се следат линковите ако корисникот не е сигурен кој ги испратил.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција