Функционерски маки големи: Само со нов закон можеле да си ги скастрат платите, а законот никаде го нема
Нема абер од новиот закон за плати, за кој премиерот уште пред четири месеци кажа дека се подготвува и дека единствено во него гледа конзистентно решение за праведно димензионирање на функционерските плати. Во меѓувреме, функционерите од април почнаа да добиваат значително повисоки плати, откако Уставниот суд укина две законски одредби. Па, иако Ковачевски уверуваше дека „тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел“, сепак, набрзо се покажа дека не биле во прашање шпекулации. Потврда за тоа стаса од министерот за финансии кој информираше дека 1.060 функционери за април добиле повисоки плати за 78 проценти. Со ваквото покачување платите на функционерите во највисоките ешалони на власта се движат од 2.000 до 2.500 евра
Нема абер од новиот закон за плати, за кој премиерот уште пред четири месеци кажа дека се подготвува и дека единствено во него гледа конзистентно решение за праведно димензионирање на функционерските плати. Во меѓувреме, функционерите од април почнаа да добиваат значително повисоки плати, откако Уставниот суд укина две законски одредби. Па, иако Ковачевски уверуваше дека „тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел“, сепак, набрзо се покажа дека не биле во прашање шпекулации. Потврда за тоа стаса од министерот за финансии кој информираше дека 1.060 функционери за април добиле повисоки плати за 78 проценти. Со ваквото покачување платите на функционерите во највисоките ешалони на власта се движат од 2.000 до 2.500 евра
По Одлуката на Уставниот суд (21.03.2023) со која се овозможи драстично да се зголемат платите на функционерите, властите уверуваа дека тоа нема биде автоматски и најавија дека веќе се работи на системски закон за плати во јавниот сектор, со кој оваа проблематика ќе се реши на конзистентен начин. Но, тоа досега (27.07.2023) не е направено.
Одлуката на Уставниот суд со која се укиниваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува со оглед на тоа дека одлуки на Уставен суд се конечни. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата на 6 април.
Иако основицата за пресметувања плата согласно одлуката се зголемува, Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе се стави конзистентност во исплатата на палти за сите функционери во државата,бидејќи и денес постои неконзистентност во исплатата на плати на функционерите. Има акционерски друштва во државна сопственост, регулаторни тела, има разни агенции кои пресметуваат плата согласно друга методологија и чии плати на директори, на членови на УО се неколкукратно поголеми од платата на пример пратеник во Собрание и исто Владата веќе работи на изработка заедно со синдикатите преку економско-социјален дијалог на нов општ колективен договор кој ќе ги регулира платите во делот на работниците, рече Ковачевски.
[Извор:МИА; датум: 06.04.2023]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Наспроти ветувањето од премиерот, Димитар Ковачевски, дадено на почетокот на април, дека платите на државните функционери нема автоматски да се покачат за 78 отсто, откако Уставниот суд укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, и најавите дека ова прашање ќе се решава системски со нов закон којшто е веќе во процедура, такво нешто досега не се случи. Иако, оттогаш поминаа четири месеци, ветената брза законска, системска реакција за пресметка на платите во јавниот сектор, не е направена. Најавените корекции на платите изостанаа, па во меѓувреме над илјада функционери почнувајќи од априлската плата добиваат зголемени примања за 78 отсто, што изнесува над 1.000 евра за најекспонираните функционери. Во моментот не се знае кога и во колкав обем би биле намалени функционерските плати, со оглед на тоа што нема абер од новиот закон за плати на избраните и именуваните лица.
Власта најави корекција на коефициентите, па се премисли – решението било во нов закон
На 31 март, неколку дена пред најавата на премиерот Ковачевски, од Владата, исто така, соопштија дека платите на функционерите нема автоматски да се покачат:
Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува, но тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78% проценти како што шпекулира дел од јавноста.
Но, во таа првична реакција (31.03.2023) од Владата кажаа и дека се „анализираат можности за намалување на коефициентите за пресметка на плата“:
Иако основицата за пресметување плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува, Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот.
Истовремено, апелираа и до „останатите чинители да го направат истото, во рамките на своите законски овластувања“.
Истиот ден, 31 март и министерката за одбрана Славјанка Петровска во касарната Илинден, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека:
Владата размислува да ги коригира коефициентите за пресметување на плати, се со цел тоа зголемување да не биде толку големо колку што би требало да биде според Одлуката на Уставниот суд, затоа што сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме како држава.
Споменатата Одлука на Уставниот ја поткрена атмосферата во јавноста, а меѓу првите реагираше претседателот Стево Пендаровски, кој на 31 март излезе со остра изјава дека тоа е „невкусно“ и побара да му се намали коефициентот за да не прима толку висока плата.
Одлуката на Уставниот суд од пред два дена е поразувачка. Би сакал да ја искоментирам пред воопшто да стане предмет во јавноста, а треба да стане. Невкусно е мојата плата, од сегашните 93.000 да биде 150.000 или на премиер, на спикерот на парламентот, министри од сегашни 80.000 да изнесува 130.000, изјави Пендаровски во интервју на ТВ 24.
Арно ама, иако ваквата можност да се намалат коефициентите за да се спречи енормно зголемување на платите на функционерите, беше најавена и од Владата, сепак оваа опција пропадна. Премиерот Ковачевски на 6 април, на прес-конференција во Владата оцени дека таков потег е нецелисходен.
Коефициентите се дел од системско законско решение за плати бидејќи носење решенија коишто не се темелат на анализи, коишто не се темелат на правна и економска издржаност, на крајот секогаш завршуваат вака како што заврши ова решение коешто падна на Уставен суд, рече тогаш Ковачевски.
Како што образложи премиерот, Владата нема да интервенира во делот на коефициентите за платите на избраните и именуваните лица, туку ќе ја примени одлуката на Уставниот суд, а „платите во јавниот сектор ќе се решаваат системски со нов закон којшто е во процедура“. Истовремено, напомена дека тоа: „не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти коишто се зборуваа во јавноста, со оглед дека се работи за шпекулации во најголем дел“.
Од „шпекулации“ до плати тешки 2.500 евра
Сепак, набрзо се покажа дека не биле во прашање шпекулации, а потврда за тоа стаса од министерот за финансии Фатмир Бесими. На 15 мај Бесими на брифинг со новинарите информираше дека:
Илјада и 60 функционери за април добиле повисоки плати за 78 проценти.
Министерот потврди дека добил повисока плата за 78 проценти, досегашната му била 71.145 денари, а за април му се исплатени 125.960 денари.
Претходно, на 3 мај и претседателот Пендаровски кажа дека неговата априлска плата е значително поголема. Прашан од новинарите за колку му е зголемена платата претседателот, изјави:
По старо земав 93 илјади денари плата, по ново 165 илјади денари и тоа не е тајна.
И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање откри дека добил повисока плата, која сега изнесува речиси 2.500 евра.
Во овој момент е исплатена платата според новите пресметки направени врз основа на одлуката на Уставниот суд. Мислам дека платата е 153.000 денари, рече Спасовски на 13 мај по дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“.
По одлуката на Уставен суд, зголемените плати на претседателот на Собранието, Талат Џафери и на премиерот Ковачевски, исто така, достигнаа над 2.500 евра, а пратениците и министрите имаат плати повисоки од 2.000 евра.
Новиот закон за плати „се крчка натенане“
Засега на мегдан нема ништо конкретно од новиот закон за плати, за кој премиерот уште пред четири месеци кажа дека се подготвува и дека единствено во него гледа конзистентно решение за праведно димензионирање на функционерските плати.
Неодамна (22.07.2023) ТВ 24 побарале објаснување од Владата, до каде е новата најавена пресметка за функционерските плати, но оттаму добиле само штур одговор:
Се работи за законско решение со кое треба да се направат промени во повеќе области. Со цел реформата на пресметката на плати во јавниот сектор да биде соодветна и одржлива се организираат средби и состаноци помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика.
Деновиве во јавноста имаше информации дека новиот закон со кој ќе се уредат платите во јавнот сектор нема да биде донесен уште една година, бидејќи бил многу сложен да се изработи, а потоа и да се имплементира. Како што пренесе Слободен печат, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, очекува до крајот на оваа година да биде готова драфт-верзијата на законот за плати во јавниот сектор.
Првин заради фактот дека денес како држава се соочуваме со различни плати за слични профили на работното место. И тоа е заради тоа што немаме систем каде што јасно се дефинираат правилата и индикаторите како се пресметува една плата. Тој закон е многу важен, ќе трае и ќе треба повеќе време за добро да се дефинира. Идејата на законот не е да имаме единствен математички модел за пресметка на плати на ниво на државата, туку да ги дефинираме рамките како треба да се движи. После ќе има правила за секоја институција како да се движи, во тие граници да дефинираат плати. За законот најверојатно ќе имаме и драфт верзија до крајот на годината – вели Алиу во интервју за МИА, пренесе „Слободен печат“.
Инаку, еден нацрт закон за платите во јавниот сектор веќе постои и е објавен на ЕНЕР во декември минатата година (2022).
Па онака, како што стојат работите, на функционерите и во август ќе им бидат исплатени високи износи на сметките (за јулската плата). Но, извесно е дека така ќе биде и во наредните месеци, со оглед на тоа што изработката на новиот закон со кој треба да биде направена корекцијата на платите се развлече, а информациите од МИОА укажуваат дека нема многу надеж целата процедура – која треба да финишира со негово усвојување во Собранието, да заврши до крајот на годината. Така што, ова ветување на премиерот и на Владата го сметаме за неисполнето.
******
Како дојде до огромно покачување на функционерските плати?
На 21 март Уставниот суд расправајќи по конкретна иницијатива на адвокатот Бојан Стојевски, донесе Одлука со која се укинаа член 4 и член 1 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кои всушност од 2014 година функционерските плати беа фиксирани. Во изминатите години платите се одредуваа со коефициент (кој согласно член 12 од Законот се движи од 2,20 до 4,50 во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.
Сега, ова е променето, па како основица се зема просечната плата исплатена во претходната година, што ја утврдува Државниот завод за статистика (согласно член 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица), а која е значително повисока од фиксниот износ. Фактички, на тој начин „скокнаа“ платите на функционерите за речиси 80 отсто.
Според податоците на ДЗС, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2022 година, изнесува 34.364 денари. Кога на ваквата основица ќе се применат соодветните коефициенти и ќе се додаде работното искуство (зголемување од половина процент за секоја година работен стаж), се добиваат новите значително покачени функционерски плати.
Највисоки примања имаат претседателот на државата, на Собранието и на Владата, со оглед на тоа што го имаат и највисокиот коефициент 4,5. Потпретседателите на Собранието имаат коефициент на пресметка на плата 4, а пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, јавниот и народниот правобранител и секретарите на Владата и Собранието имаат коефициент од 3,7.
ИЗВОРИ:
- Макфакс (31.03.2023): Влада: Платите нема да се зголемат 78%, разгледуваме можност за намалување на коефициентите [Проверено: 27.07.2023]
- МИА (31.03.2023): Влада за МИА: Одлуката на Уставниот суд не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти [Проверено: 27.07.2023]
- Радио Слободна Европа (31.03.2023): Владата размислува за корекција на платите за функционерите [Проверено: 27.07.2023]
- Макфакс (06.04.2023): Ковачевски не одговори колку време ќе земаат зголемени плати: Одлуката на Уставен суд е конечна [Проверено: 27.07.2023]
- МИА (06.04.2023): Ковачевски: Одлуката на Уставниот суд е конечна, но Владата останува на своето мислење платите да останат такви какви што се [Проверено: 27.07.2023]
- Грид.мк (06.04.2023): Владата нема да бара промена на коефициентите за платите на функционерите [Проверено: 27.07.2023]
- 24 вести (22.07.2023): Работнички и функционерски плати [Проверено: 27.07.2023]
- Слободен печат (18.07.2023): Функционерите уште најмалку една година ќе ги земаат зголемените плати, оти новиот закон бил сложен [Проверено: 27.07.2023]
- МКД (03.05.2023): Имав 93 илјади денари плата, сега зедов 165 илјади денари, си кажа шефот на државата [Проверено: 27.07.2023]
- Радио Слободна Европа (15.05.2023): Повисоки плати за 78 проценти добиле 1060 функционери [Проверено: 27.07.2023]
- Телма (15.05.2023): Откако 1.060 функционери добија покачување на платите од 78%, Бесими вели не е најповолно време за зголемување на платите за работниците, бидејќи ќе се зголемел дефицитот во буџетот [Проверено: 27.07.2023]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар