Функционер не смее да изрази фрапираност од чуварите на јавниот интерес

Зоран Караџоски, претседател на Судскиот совет на РМ: лесно „фрапирлив“. Фото: скриншот

Изјавата на Зоран Караџовски во врска со новинарите е недооследна, а во врска со привилегираноста на судиите и нивната поделба на подобни и неподобни невистинита

 

Изјавата на Зоран Караџовски во врска со новинарите е недооследна, а во врска со привилегираноста на судиите и нивната поделба на подобни и неподобни невистинита

 

Претседателот на Судскиот совет на РМ, Зоран Караџовски, на 22.02.2017 ја даде следнава изјава:

Јас сум зачуден, да не речам фрапиран, од навредливото однесување и вокабулар од тие што се интервјуирани и од некои од новинарите или од самонаречени новинари. Подобни и неподобни судии нема, сите се судии. Никој не е привилегиран или хендикепиран доколку работи во друг оддел. Оценката е тука, во конкретниот случај на в.д. претседателот на судот, изјави Караџовски. 

[Извор: Фактор, датум: 22.02.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Зоран Караџовски е недоследна од неколку аспекти, но ние ќе го предочиме главниот. Станува збор за одговорност на јавните функционери за својата работа пред јавноста.

Отчетноста на функционерите, т.е. на трите вида власт е вградена и во Уставот и во законите што се однесуваат на сите институции, вклучувајќи ги и институциите од областа на судската  власт, чиј дел е Караџовски.

Од друга страна, слободата на изразување и мислење е дел од корпусот на основните човекови права и таа е заштитена со меѓународни конвенции, како и со Уставот на РМ и законите. Слободата на изразување и мислење е комплексен процес во кој спаѓа и загарантираната слобода на медиумите, бидејќи во РМ цензурата е забранета со член 16 од Уставот.

Оттука, секој поголем процес во која било институција е и треба да биде под критичкото око на медиумите и новинарите, како претставници на јавноста. Судската власт, која треба да биде независна трета власт, која ќе ги штити граѓаните од првите две власти, а ќе се грижи и за правораздавање во споровите меѓу самите граѓани, треба да биде чувар на демократскиот поредок, исто како што и новинарите и медиумите треба да бидат чувар на демократските процеси и граѓанските слободи и права.

Затоа Караџовски нема што да биде и не смее да биде фрапиран доколку новинарите се интересираат за процесите во најголемиот кривичен суд во државата, доколку тие изразуваат став или мислење во сопствен коментар или колумна кои не им се бендисуваат на Караџовски и на в.д. претседателката на споменатиот суд или, пак, уште помалку, ако пренесуваат критички опсервации на „интервјуираните“, т.е. на дел од прераспоредените судии.

Покрај тоа, Караџовски изрази и навреди за дел од новинарите, а некои ги нарече самонаречени, заборавајќи дека таквите оценки не се дел од работата на јавен функционер. Впрочем, Здружението на новинари на Македонија реагираше на вакавта изјава, наведувајќи ги, меѓу другото, и следниве аргументи:

Караџовски за лошите состојби во судскиот систем не треба да бара дежурни виновници кај новинарите, туку треба да преземе лична одговорност за слабостите во работата на судовите, за што потврди и пресудата на Европскиот суд за човекови права од девети февруари. Тој мора да ја почитува улогата на медиумите во демократијата како заштитници на јавниот интерес преку постојано инсистирање институциите да бидат транспаретни и отчетни.

Поради горенаведените аргумените, оценуваме дека изјавата на Зоран Караџовски во врска со новинариите е недоследна, а во врска со привилегираноста на судиите и нивната поделба на подобни и неподобни невистинита, за што постојат премногу аргументи во јавноста, меѓу кои и изјави на самите прераспоредени судии, а кои тука нема посебно да ги образлагаме.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција