Горан Трајковски
ПРИВАТЕН ЖИВОТ
Горан Трајковски е во втор брак, и е татко на две деца. Првата сопруга, сега почината, му беше Габриела Коневска Трајковска, Вицепремиер за евроинтеграции во првите две влади на Груевски.
ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА
Горан Трајковски беше директор на УЈП од 2006 година, откако ВМРО ДПМНЕ е на власт, се до почетокот на 2016 година. Ја наследи Петра Митева. Инаку, тој беше на челната позиција во скопската УЈП, кога на власт беше гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски.
На 11 јануари 2016 година, Горан Трајковски е назначен за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Бомбите
Заминувањето на Трајковски од директорската позиција во УЈП, според некои информации, е дел од политичкиот договор во Пржино, за излез од политичката криза во која влезе Македонија, бидејќи името на Трајковски беше доста споменувано во прислушуваните разговори што ги објави опозицијата.
Работата на Управата за јавни приходи беше критикувана и во извештајот на германскиот експерт Рајнхард Прибе, кој понуди и препораки за ослободување од политичките стеги на оваа институција.
Името на Трајковски, беше дел од повеќето „бомби“. Во телефонските разговори што Трајковски ги води со некои функционери од владата можеше да се слушне како се нарачуваат селективни контроли на фирми што не се блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како се изрекуваат казни за фирми пред изборни кампањи. Освен тоа, во еден од телефонските разговори, помеѓу владин функционер и сопственик на национална телевизија во која УЈП извршила контрола и биле најдени серија забелешки, наместо казна, со директорот на УЈП наводно било договорено тој сам да си ги напише записниците така како што му одговараат, без да ги има предвид забелешки од инспекторите.
СЈО до сега нема покренато обвинение против него.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар