Градинката во Теарце никако да почне да се гради

 

Изградба на детска градинка во Општина Теарце.

[Извор: Изборна програма на градоначалникот на Теарце, Исен Асани за локалните избори 2017 , датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Теарце, Исен Асани за изградба на регионална детска градинка, дадено  во неговата програма „За општината што ја сакаме” (стр. 4), со која тој го доби третиот мандат на локалните избори 2017 г., досега (04.10.2019) не е исполнето.

Проектот за изградба на градинка во Општина Теарце не е ново ветување на Асани, тој истото го вети и за локалните избори во 2013 година (во изборната програма  „Заедно градиме” ) и не го исполни во претходниот мандат.

Да потсетиме  дека Асани уште во март 2013 година  кажа дека Општината има подготвено проект за изградба на градинка.

 Во областа на социјалната заштита, општината подготви проект за изградба на градинка за деца. Со овој проект аплициравме до релевантното министерство и очекуваме овој проект да биде поддржан. (Асани)

Но, освен подготвен проект (како што тврди градоначалникот) со детална проверка на веб-страницата на Општина Теарце, како и на официјалниот Фејсбук профил на градоначалникот  Асани, не може да се најде  информација дека досега на терен се направени некакви активности за изградба на ветената градинка. Во делот „ Реализирани проекти”, каде се наброени сите спроведени проекти на Општината за секое село поединечно, нема податоци за изградба на градинка во Теарце, ниту пак, за некоја постапка поврзана со почеток на градежните работи за овој објект.

Информација  за изградба на градинка во Општина Теарце  не успеавме да најдеме ниту со пребарување на интернет агрегаторите на вести.

Неодамна (06.09.2019) министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, при посетата на новата градинка  во Шуто Оризари, како што пренесоа дел од медиумите, меѓу другото, најави дека градинката во Теарце допрва ќе се гради.

…Но, треба да кажеме дека и во Врапчиште, и во Тетово, и во Теарце се подготвени проекти кои се финализираат и треба да се почне да со градба… (Царовска)

Па, имајќи го предвид сето ова , како и фактот дека до моментот кога е пишуван овој текст изградбата на градинката не е ниту започната,  ветувањето на  Асани го оценуваме како  неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Дрилон Салиу

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција