Грчки медиуми дезинформираат: И Меркел и АДАК употребуваат „Северна Македонија“

 

И Германија и Ангела Меркел и германскиот автомобилистички клуб АДАК, една од најголемите такви асоцијации во светот, во сите ситуации го користат името Северна Македонија, а не само Македонија, и тврдењето дека тоа не е така е ноторна невистина, пишува грчкиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите „Еllinika Hoaxes“ во нов напис посветен на дезинформација за АДАК што ја објавиле неколку грчки медиуми, од кои еден е на листата на „Алекса“ за десетте најчитани онлајн-медиуми во Грција.

Тврдењето, кое „Ellinika Hoaxes“ го раскринкува како дезинформација, е дека АДАК издал на Грк неколку листови со информации за патување во некои европски земји, односно за цените на горивата во локални валути, а за нашата земја не било напишано „Северна Македонија“, туку „Македонија“. Дополнително грчките медиуми велат дека тоа е доказ дека Германија официјално не го користи новото уставно име на Македонија и дека и Германија и Меркел намерно ѝ нанесуваат штета на Грција и на елинизмот.

Но, тие тврдења се далеку од вистината, пишува „Ellinika Hoaxes“. Првин, не може со сигурност да се утврди дека тие листови навистина се издадени од АДАК, а згора на тоа нема ни датум за да се види кога се издадени. Но најбитно од сè, на веб-сајтот на АДАК се користи името Северна Македонија, пишува грчкиот сервис за проверка на фактите.

„Грчките написи ја наведуваат Ангела Меркел како главниот фактор за користењето на името во документот. Но германската канцеларка го користи името Северна Македонија, како што е пропишано со Преспанскиот договор, а истото име го користи и германското министерство за надворешни работи. Врз основа на се погоре кажано, тврдењето дека германската канцеларка стои зад тоа и дека му нанесува штета на елинизмот е неточно“, пишува „Ellinika Hoaxes“.

(пишува: Мета.мк)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.