Груевски: Постапката ќе докаже дали „бомбите“ се веродостојни, ама тие не смеат да се користат во доказната постапка

Никола Груевски: постапката, постапката и на крај ништо од постапката... Фото: скриншот

 

„Се поставуваа прашања од типот дали се вистина разговорите на високите функционери од Владата чии разговори ги објавува Заев. Дали се веродостојни или не, ќе потврди судската постапка низ законска процедура, предвидена во законите за вакво нешто. Јас нема да навлегувам во веродостојноста на материјалите кои се прибавени, искреирани и се објавуваат на незаконски начин и кои се дел од постапката.“ (Никола Груевски)

[Прес конференција, 25,02.2015, Извор: YouTube]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на премиерот Груевски од февруари годинава, веднаш се гледа дека има проблем со вистинитоста во нејзиниот најважен дел. Едноставно, веродостојноста на прислушуваните разговори нема да биде утврдена преку „судска постапка низ законска процедура, предвидена во законите за вакво нешто“. Тоа е сега веќе јасно.

Како што е познато, и покрај ваквото тврдење на премиерот, неговиот и адвокатот на министрите во Владата, Никола Додовски, побара, а судијка на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 донесе решение со кое забрани прислушуваните материјали да се користат како докази во истражната постапка, бидејќи биле собрани на незаконит начин.

После прогласувањето на Апелација за ненадлежна да ги разгледа жалбите на обвинителите на ваквата судска одлука, Кривичниот Совет на Основниот суд Скопје 1 ја потврди одлуката на судијката на претходна постапка и прислушуваните разговори сега се наоѓаат во нејзиниот сеф и не смеат да се користат во истрагата. Ова се однесува и на специјалната јавна обвинителка. Иако таа можеби поседува копии, тие не смее да ги поднесе како доказ, зашто се исклучени од постапката, а ако не смее да ги поднесе како доказ, тогаш врз нив не смее да се врши вештачење или било какво вештачење врз прислушуваните разговори е ништовно.

Од горната изјава на премиерот Никола Груевски не може да се заклучи дали во времето кога ја кажал на прес конференција во февруари годинава, уште тогаш имал план или не, да го инструира својот адвокат да побара исклучување на прислушуваните разговори од постапката седум месеци подоцна, па не можеме со сигурност да утврдиме дали уште тогаш оваа негова изјава е невистинита, односно свесно е искажана невистина. Но, она што можеме да го кажеме тоа е дека таа е секако недоследна. Ако премиерот навистина сакаше да се открие вистината за веродостојноста на прислушуваните разговори, односно дали тие се „сечени, лепени, креирани, прелепувани“, како што соопштуваше неговата партија после секоја објавена „бомба“ на опозицијата и ако немаше од што да се плаши при нивното користење во доказната постапка, немаше да го инструира својот адвокат да побара нивно исклучување.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција