Груевски во стилот: Државата е нападната, ама не ви кажувам од кого!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со паничен настап: или јас ќе ја водам државата, или ќе ја нема! Фото: Принтскрин

Груевски не кажува од кого е нападната државата (ако е нападната) и од каде тој како лидер на политичка партија има такви сознанија. Доколку, навистина, располага со такви информации, треба да ѝ соопшти на јавноста кој или кои се тие „непријатели“ (внатрешни – надворешни) кои ни ја нападнале државата.

 

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за телевизијата „Канал 5“ ( 19.03.2017 ) зборувајќи за тоа дека против неговата партија и дел од медиумите се води политички прогон, дека се спроведува план за двоојазичност на цела територија, бинационалност, федерализација и конечно промена на името и идентитеотот меѓу другото, рече:

Тоа е еден план кој единствено народот може да го спречи. Јас кажав државата е нападната, ВМРО има само 51 пратеник, нема 61 или 63 како што посакувавме и не можеме сами да ја одбраниме во парламентот, потребно е народот да си ја одбрани својата држава затоа што може да ја нема. И да не испадне дека не сум го кажал ова, го кажувам и го повторувам: државата може да ја нема, ако се остави на овој човек (Заев н.з.) и неговите сценаристи да го истераат својот план.

[Извор: Канал 5, (од 16,22 до 16, 58 минута од видеото), датум: 13.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во која тој говори за некакво заговорничко сценарио и тврди дека „државата е нападната“(!), ја сметаме за „невистина“.

Еве зошто.

Прво, Груевски не кажува од кого е нападната државата (ако е нападната) и од каде тој како лидер на политичка партија има такви сознанија. Доколку, навистина, располага со такви информации, треба да ѝ соопшти на јавноста кој или кои се тие „непријатели“ (внатрешни – надворешни) кои ни ја нападнале државата.

Второ. Во случај, навистина, да е нападната државата, треба да е свикан и да заседава Советот за безбедност, со кој, според член 86 од Уставот, претседава шефот на државата.

Член 86

Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија. Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката.

Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Досега (20.03.2017) нема информација дека заседавал Советот за безбедност и дека ова тело доставило до Собранието и до Владата некакви заклучоци во врска со наводниот напад на државата, а по кои потоа би постапувале овие институции.

Исто така, досега нема информации дека заседавале безбедносните служби – Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање и ги информирале претседателот на државата и Собранието дека располагаат со информации за тоа дека, наводно, се загрозени  демократските институции, безбедноста  и поредокот во државата.

Така што, тврдењето на Груевски дека ни е напдната државата, делува премногу чудно и наликува на параван за истрагите за криминал и корупција кои ги покрена СЈО и кои надвиснаа врз луѓето од врвот на ВМРО-ДПМНЕ.  И, сосема веројатно, дека токму на стравот од тие истраги се должи и неговиот паничен настап во стилот: или јас ќе ја водам државата, или ќе ја нема!

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција