ХААРП не предизвикува торнадо како што тврдат теориите на заговор

Фото: Wikimedia Common

Во објавата различни фотографии од торнада во САД се поврзуваат со ХААРП, што е невистина. Исто така, појавата на торнадото е научно дефинирана и позната, а ХААРП не може да влијае на климатските промени како што теоретичарите на заговори тврдат со години.

Фотографии од торнада во објавата што ја рецензираме се користени за невистинито да се прикаже дека се предизвикани од ХААРП. ХААРП не може да влијае на климатските околности, ниту пак да предизвикува торнада! ХААРП е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина (High Frequency Active Auroral Research Program), кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат неколку фотографии и пишува:

Балканот и дел од централна Европа се атакувани од Харпот. Торнада, град, поплави.

Фотографиите што се споделени, дел од нив ниту се од Балканот ниту се од Европа. Првата, претставена на оваа фотографија од објавата, влегува во таа категорија. Објавена е во текст за повеќе торнада од Њузвик. Во описот на фотографијата е наведено дека се работи за фотографија што прикажува торнадо во Доџ Сити во Канзас САД, во 2016 година.

Следната фотографија од објавата е на Бред Годар, фотограф, преземена во објавата од Фликр, платформа за сток фотографии.

Како што пишува авторот таа е од градот Траер во Ајова, американска држава. Фотографијата е од 6 јули 2014.

Потоа во објавата се споделува уште една фотографија која што не е ниту од Европа, ниту од Балканот. Таа е од 22 јули 2007 година, снимена во местото Манитоба, Канада, на 40 километри западно од Винипег.

Следната фотографија е од непознато место, но слични или идентични временски појави се снимени на други фотографии ширум светот.

Овие фотографии од торнада во објавата што ја рецензираме се користени за невистинито да се прикаже дека се предизвикани од ХААРП. ХААРП не може да влијае на климатските околности, ниту пак да предизвикува торнада!

ХААРП е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина (High Frequency Active Auroral Research Program) кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радио бранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на САД на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс, на 11 август 2015 г., дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.

Поради вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Но, не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат врз промените на климата, дека предизвикуваат земјотреси или промени во расположението кај луѓето.

На официјалната веб-страница на проектот се вели дека „ги проучува својствата и однесувањето на јоносферата“:

Јоносферата се протега на околу 50 до 400 милји над површината на Земјата, точно на работ на вселената. Заедно со неутралната горна атмосфера, јоносферата ја формира границата помеѓу долната атмосфера на Земјата – каде што живееме и дишеме – и вакуумот во вселената.

Радио преносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди. Тие не можат да влијаат и да креираат торнада ни во САД ни во Европа, ни на Балканот ниту било каде во светот.

Зборот торнадо има потекло од шпанскиот и португалскиот глагол торнар, што значи „да се врти“. Според бројот на инцидентите, САД ги погодуваат ваквите бури почесто од било која друга земја. Торнадото настанува од различни физички процеси во атмосферата, а за настанување на торнада се потребни неколку услови: нестабилност на атмосферата, махнизам на подигање и влага во средниот и долниот дел на атмосферата.

Во близина на земјата нестабилната воздушна маса е топла и влажна, и релативно е постудена во горните делови на атмосферата. Топлите и влажните делови на воздухот се подигаат и се составуваат со ладните и сувите. Зголемувањето на влагата започнува со појако кондензирање во капки вода и тогаш енергијата (топлината) се отпушта во околниот воздух, што е доволно струењето кое се движи нагоре да продолжи да се искачува. Струењето на топлиот воздух во облакот се судира со останатите маси на ладен воздух и тогаш облакот почнува да покажува видлива ротација која поради силата на тежата се спушта до дното.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција