Идејата зa Отворен Балкан никогаш не била помирување, туку интеграција, отворање и економски слободи
Не постои ниту еден збор, изјава, контекст, што било од почетокот на иницијативата Отворен Балкан во 2019 година до денес, кој би укажал дека станува збор за идеја за помирување. Иницијативата е јасно насочена кон интеграција и унапредување на економската соработка меѓу земјите учеснички, преку имплементација на четирите европски слободи на движење луѓе, стоки, услуги и капитал
Не постои ниту еден збор, изјава, контекст, што било од почетокот на иницијативата Отворен Балкан во 2019 година до денес, кој би укажал дека станува збор за идеја за помирување. Иницијативата е јасно насочена кон интеграција и унапредување на економската соработка меѓу земјите учеснички, преку имплементација на четирите европски слободи на движење луѓе, стоки, услуги и капитал
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во тв емисија изрече став кој не одговора на вистината:
После случувањата на Косово на 24 септември мислам дека Србија треба да направи напори да докаже дека не се вмешани во тој настан, бидејќи доколку има какво било државно вмешување навистина го прави невозможно нашето учество и на другите земји во регионот, бидејќи идејата за Отворен Балкан, пред сè, беше помирување. И ова што се случи во северно Косово се надевам дека ќе се докаже дека нема државно вклучување, но ако се докаже, навистина мислам дека треба да го преиспитаме нашето учество
[Извор: ТВ Телма – Османи; датум: 04.10.2023]
Образложение:
Министерот за надворешни работи во Владата на РСМ, Бујар Османи, гостувајќи на тв интервју и зборувајќи за иницијативата Отворен Балкан, а во контекст на последните случувања во северно Косово, изрече невистина кога тврдеше дека „идејата за Отворен Балкан пред сè беше помирување“.
Факт е, дека идејата што ја изнесоа на маса лидерите на трите земји Албанија, Северна Македонија и Србија уште во 2019 година на трилатерална средба во Нови Сад, никогаш не се однесувала на помирување, туку на интеграција и на економски мерки кои ќе го олеснат движењето на луѓето (мобилност) стоките, услугите и капиталот низ регионот.
Пред нас се можностите да ги искористиме нашите заеднички потенцијали за зголемување на трговијата, протокот на производи, мобилноста на луѓе, услуги и капитал. Тоа се четирите слободи на ЕУ. Во нашиот регион мораме да ги воведеме европските принципи на соработка и функционирање. Мораме да ја донесеме Европа на Балканот во секоја од нашите земји. Тоа е составен дел од нашата домашна задача за интеграција во ЕУ – изјави тогашниот премиер Зоран Заев.
Тогаш е усвоена и првата декларација која се однесува на четирите европски слободи и во која се повикуваат лидерите на сите 6 земји членки од Западен Балкан да се приклучат на регионалната иницијатива.
Од октомври 2019 до денес Отворен Балкан забележа огромен развој, иако не успеа да ги привлече формално да учествуваат Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, и покрај фактот што лидери и други офицјални претставници од Сараево и Подгорица, многу често и учествувале на самити и други средби и многу често изразувале интерес и нивните земји да се приклучат на иницијативата.
Потпишани се бројни документи со кои се остваруваат четирите економски слободи меѓу земјите од иницијативата, од меморандуми до меѓувладини договори како што е Договор за слободен пристап до пазарот на труд на Западен Балкан во 2021 година. Граѓаните веќе можат да работат во соседните земји, дипломите на високите институции се признати, транспортот на стоки е олеснет, олеснета е соработката за надминување на криза при недостиг на храна, електрична енергија или други енергенси, постои договор за помош при катастрофи…
Резултатите и предностите се веќе видливи. Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со Александар Вучиќ и Еди Рама во Италија, каде трите земји учествуваа на заеднички штанд на меѓународен саем на вино, на пресот изјави:
И се докажа низ бројки, како Александар и Еди што кажаа, и јас ќе кажам уште бројки, дека трговијата на Северна Македонија со Србија во 2022 година во споредба со 2019 година е зголемена за 53 проценти. Исто така, трговската размена на Србија е зголемена со Северна Македонија.
Четириесет отсто е зголемена трговската размена на Северна Македонија кон Албанија, а зголемена е и размената на Албанија кон Северна Македонија.
Иако постоеја резерви на почетокот дека Отворен Балкан се меша со Берлинскиот процес, што го координира Регионалниот совет за соработка од Сараево, високите европски и американски претставници за Балканот ја расчистија таа дилема и ги поддржаа активностите. Уште повеќе еврокомесарот Оливер Вархеи ги повика и Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора да се приклучат кон иницијативата која ја има целосната поддршка и на САД и на ЕУ.
Поради погоре изнесената аргументација може да се оцени дека изјавата на Османи дека „Отворен Балкан бил идеја за помирување,“ е невистина, оттаму нема ниту аргументи за преиспитување на учеството на Северна Македонија само од аспект на развој на односите помеѓу Косово и Србија.
Извори:
- (04.10.2023) Телма – Топ Тема – [Проверено на 05.10.2023]
- Влада на РСМ – Отворен Балкан – [Проверено на 05.10.2023]
- (21.12.2021)-Независен.мк – Вархеи: Отворен Балкан… – [Проверено на 05.10.2023]
- (09.06.2021) – Тајм.мк – Стејт департментот… – [Проверено на 05.10.2023]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар