Имплементирани два електронски регистри, на третиот се работи
ВЕТУВАЊЕ: Во потполност ќе ги имплементираме трите основни електронски регистри: регистарот на граѓани, адресниот регистар и регистарот на просторни податоци
[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр.259 – датум, декември 2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
СДСМ во својата програма „План за живот во Македонија“(стр. 259) вети дека за период од две години од изборот на Владата ќе ги имплементира трите основни електронски регистри: регистарот на граѓани, адресниот регистар и регистарот на просторни податоци. Досега (19.11.2019), две и пол години од изборот на Владата (31.05.2017) ветувањето е делумно исполнето.
Ветувањето СДСМ го помести во Планот за живот во Македонија (страна 259) во делот на приоритетни проекти кои треба да бидат реализирани за две години. Ветување го презеде и Владата во својата Програма за работа 2017 2020 (стр. 48) каде што за имплементирањето напиша дека:
овие регистри се основа за сите електронски владини услуги кои се даваат на граѓаните и бизнисите преку системите кои се користат во државната администрација (матични книги, единствен избирачки список и др.), како и основа за сите активности што треба да се преземат за реализација на пописот на населението во Македонија.
Од увидот во документите на Министерството за информатичко општество и администрација и Агенцијата за катастар на недвижнини кои требаше да ги подготват трите регистри, како и од објавеното во медиумите може да се констатира дека Централниот регистарот на граѓани и регистарот на просторни податоци почнаа да функционираат, но адресниот регистер сѐ уште е во фаза на пилот проект.
Почетокот на функционирање на Регистарот на население го најави на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Притоа тој појасни дека овој регистар е прв клучен чекор за дигитализацијата во јавната администрација и ќе биде помошна алатка за претстојниот попис на населението, а ќе ја олесни и подготовката на Избирачкиот список. Основната цел на Регистарот е пред се собирање податоци за физичките лица и нивно користење од институциите за потребите на нивните управни постапки.
Според најавеното граѓаните треба добијат електронски идентитет и единствен број.
Овој број ќе биде клучен кога граѓанинот ќе побара електронска услуга од страна на институциите. Секој граѓанин има право да ги знае своите податоци кои се во Централниот регистар на население. МИОА воведува нова услуга со која секој граѓанин ќе може да провери кои податоци се запишани за него во регистарот. Доколку некоја информација е погрешна, граѓанинот ќе добие информација во која институција и како треба да се направи промената, објасни Манчевски.
Манчевски најави дека во ноември ќе биде пуштен во употреба и националниот портал е-услуги, од каде што граѓаните преку електронски пат ќе можат да извадат извод на родени или на венчани, но досега таков портал не е пуштен.
Прашањето на Централниот регистар на населението е регулирано во Законот за Централен регистар на население кој беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски на 21 мај 2019 година како дел од законите кои не ги потпиша неговиот претходник Ѓорге Иванов.
На интернет страницата на Министерството за информатичко општество и администрација може да се најде Законот за Централен регистар на население , но во документите во одделот регистри не може да се види Централниот регистар на население.
Според она што може да се види од документите на Агенцијата за катастар на недвижнини, веќе е воспоставен Регистарот на просторни единици за целата територија на земјата и нив граѓаните и правните лица можат да ги добијат по електронски пат на електронскиот дистрибутивен систем на катастарот
Катастарот според Законот за катастар на недвижности треба да воспостави и да управува со Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, како дел од Адресниот регистар. Досега е донесен Правилник за формата и начинот на водење на Графичкиот регистар за улици и куќни броеви каде што во членот 41 се наведува дека графичкиот регистар се воспоставува и води до создавање на услови за воспоставување и водење на Адресен Регистар.
Во Правилникот се констатира дека делумно е воспоставен графички регистар за улици и куќни броеви (Адресен регистар). Постапката на собирање податоци е завршена само за неколку општини кои беа дел од пилот-проект
Со пилот-проектот кој се реализираше од 2017 заклучно со мај 2018 година беа опфатени општините Кисела Вода, Гостивар, Свети Николе и Зелениково, со околу 30.000 адресни податоци.
Теренското прибирање на адресните податоци е завршено и следуваат контроли на прибраните податоци. Направена е првичната верзија на софтверското решение (централна база и апликација) за Адресниот регистар кое во иднина ќе се реализира како надградба на електронскиот катастар (еКат системот), со модул за адресни податоци со вклучена графика за улици и куќни броеви, базирајќи се на постоечкиот ГКИС кој го администрира Катастарот“, се наведува во Стратегискиот план на катастарот од 2018 2020 година (стр. 45 и 46).
Исто така, за воспоставување на Адресниот регистар е потребен и нов Закон за систем на адреси кој сѐ уште е во нацрт. На овој закон почна да работи уште владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година.
Според сето наведено и по проверката на податоците поврзани со ветувањето на СДСМ дека во потполност ќе ги имплементира трите основни електронски регистри: регистарот на граѓани, адресниот регистар и регистарот на просторни податоци, може да се заклучи дека ветувањето е делумно остварено.
ИЗВОРИ:
- СДСМ– План за живот во Македонија, стр.259 – датум, декември 2016] (Пристапено 17.11.2019)
- Влада: Програма за работа на владата 2017-2020 страна 48 ] (Пристапено 17.11.2019)
- МИОА: Закон за Централен регистар на население (Пристапено 17.11.2019)
- МИОА: Докменти (Пристапено 17.11.2019)
- Претседател на Република Северна Македонија (21 мај 2019): Претседателот Пендаровски потпиша укази за прогласување на 21 закон (Пристапено 17.11.2019)
- Агенција за катастар на недвижнини: Стратегискиот план на катастарот од 2018 2020 година (страна 45и46) (Пристапено 17.11.2019)
- Агенција за катастар на недвижнини: Годишна Програма за 2019 година (Пристапено 17.11.2019)
- Портал на катастар (Пристапено 17.11.2019)
- Катастар веб страна (8 мај 2918): Одржана презентација за Адресниот регистар во Република Македонија (Пристапено 17.11.2019)
- Агенција за катастар на недвижнини : Правилник за Графички регистар на лични и куќни броеви (Пристапено 17.11.2019)
- Нова ТВ (18.10.2019): Почна да функционира Регистарот на население-граѓаните добиваат електронски идентитет (Пристапено 17.11.2019)
- Макфакс (8 мај,2018): Катастарот воведува адресен регистар што треба да помогне при спроведување на пописот (Пристапено 17.11.2019)
- Правдико (22.09.2016): Се подготвува Закон за систем на адреси (Пристапено 17.11.2019)
Оцени: Рада Исовска – Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар