Индустриските зони во Ѓорче Петров на големо најавувани, па заборавени

Општина Ѓорче Петров, без ветените индустриски зони, Фото: Принтскрин

Отворање две индустриски зони (покрај р. Лепенец и покрај обиколницата на Скопје), во кои ќе се отворат многу нови работни места, со обезбедување на сите комунални услови за нивно непречено функционирање. Во овие индустриски зони посебни погодности би имале малото стопанство, односно фирмите за преработка на овошје и на зеленчук и за производство на еколошки производи и на производи што ќе овозможат енергетска заштеда. (Рок: декември 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за отворање на две индустриски зони, покрај реката Лепенец и покрај обиколницата на Скопје, е предизборно ветување на сегашниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, кому ова му е трет мандат (Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2013-2017, во делот Локален економски развој, страна 18). Во неговата Изборна програма за локалните избори е наведено дека овој проект треба да се реализира до 2014 година, но досега ова ветување не е исполнето.

Проектот за отворање на две индустриски зони беше на големо најавуван во текот на предизборната кампања за локалните избори во 2013 година, од кандидатот за градоначалник Сокол Митровски, но и од тогашниот премиер  Никола Груевски. При промоцијата на Митревски за кандидат за градоначалник, на 20.03.2013 година, Груевски нагласи дека се предвидува изградба на двете индустриски зони покрај кејот на реката Лепенец и покрај обиколницата, со што би се поттикнале нови инвестиции и работни места.

Амбициите на локалната власт за изградба и промоција на индустриските зони како можност за нови вработувања беше афирмирано во текот на предизборието и во дневниот весник Вечер, 06.03.2013 година:

И во реонот на општината Ѓорче Петров се засилуваат проектите кои ќе ја поттикнат економијата, но и ќе овозможат развој и привлекување на нови инвестиции кои ќе значат отворање на нови работни места. Локалната власт веќе најави отворање на две нови индустриски зони и тоа првата е покрај реката Лепенец, втората покрај обиколницата на Скопје која поради добрата инфраструктурна поврзаност има стратешка положба во општината и нуди големи можности  на потенцијатните инвестиции (Индустриските зони во Македонија се множат како печурки, Вечер 06.03.2013)

Но, намерите за изградба на ветените индустриски зони во Општина Ѓорче Петров, остануваат само предизборно ветување. По предизборието во 2013 година, овие индустриски зони веќе не се споменуваат.

Веб – порталот на Општина Ѓорче Петров нема достапни информации дека се започнати активности за реализација на ова ветување. Во Отчетот за сработеното во првите 100 дена од почетокот на мандатот на градоначалникот, не се споменуваат индустриските зони во општина Ѓорче Петров. Истите ги нема ниту во во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” , во делот Инвестиции (стр.42), каде има детален преглед на технолошките индустриски развојни зони во земјата и инвестициите. Информации нема ниту на веб – порталот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Електронското пребарување не дава резултат, односно не може да се најде  некаква информација дека досега се одржала промоција за започнување со градба или отворање на овие индустриски зони, имајќи предвид дека медиумското експонирање на индустриските зони е востановена практика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Со оваа анализа се потврдува дека ветувањето на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски за отворање на индустриски зони во Општината покрај реката Лепенец и покрај обиколницата Скопје,  е неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција