Нема нова градинка во Расадник
Проект: Изградба на нов комплекс кај постојната градинка во населбата Расадник.
Општината Кисела Вода ќе преземе активности за изградба на нов комплекс како доградба на постојната градинка во населбата Расадник за 160 деца. Средствата за овој проект ќе ги обезбеди општината Кисела Вода. (Рок за реализација: ноември 2015)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за изградба на нова градинка во населбата Расадник е неисполнето ветување на градоначалничката на Кисела Вода, Билјана Беличанец. Проектот е дел од нејзината програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода!“ (стр.53). Истиот проект го вети во изборната кампања за овие локални избори (2017) и нејзиниот партиски колега, кандидатот за градоначалник на Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски.
Тарчуловски во својата кампања пред првиот круг од изборите кои се одржаа на 15 октомври (2017), вети изградба на нова градинка во населбата Расадник.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО – ДПМНЕ за општина Кисела Вода, Јохан Тарчуловски, денеска на прес конференција соопшти дека
Во изминатиот период беа изгрдени 3 нови градинки по сите современи стандарди и тоа во Пинтија, Припор и Црниче. Населени места кои за првпат добија градинки и можност за родителите од тие места најблиску и најсоодветно да ги згржат своите најмили. Но, тука не застануваме, ќе продолжиме со грижата за најмладите жители на општина Кисела Вода и ќе изградиме уште 2 нови градинки и тоа овде во населбата Расадник и во населбата Драчево, истакна Тарчуловски, јави Република.
Во Отчетот на Беличанец за сработеното во мандатот 2013-2017 година, „1460 дела“, во делот на зголемување на бројот на градинки во Општината, нема информација за изградба на нова градинка во Расадник.
Следејќи ги приоритетите кои уште на самиот почеток ги дефиниравме заедно со жителите на овој дел од градот, во овие 4 години интензивно работевме на зголемување на бројот на капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст и подобрување на условите во постоечките објекти. Ова резултираше со 3 нови градинки, градени по сите современи стандарди, кои Општина Кисела Вода ги отвори во делови од општината во кои претходно воопшто немаше градинки. Со реконструкција и преадаптирање на две простории од ПОУ „Круме Кепески“ и со доградба, ја отворивме градинката “Стапалче” во Припор, изградивме сосема нов објект за градинката “Ѓурѓица” во населбата Пинтија а градинката “Перуника” во Црниче ја отворивме во дел од реновираното ПОУ “Кузман Јосифовски Питу”, е наведено во отчетот.
Имајќи го предвид сето погоре, може да се заклучи дека ветувањето на Беличанец за изградба на нов комплекс како доградба на постојната градинка во населбата Расадник за 160 деца, е неисполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година – „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Кисела Вода!“ (стр.53) [Пристапено на 18.10.2017]
- Официјална веб страна на Кисела Вода – Отчет- Градоначалникот на Општина Кисела Вода реализираше 1460 дела во овие 4 години [Пристапено на 18.10.2017]
- Република (26.09.2017) – Тарчуловски: Расадник и Драчево ќе добијат нови градинки [Пристапено на 18.10.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар