„Информер“ шпекулира дека РС Македонија не сакала бугарски воени авиони

Фото: скриншот од дел од илустрацијата на текстот во „Информер“

Со наслов „ГРЦИЈА ГО ПРЕЗЕМА МАКЕДОНСКОТО НЕБО! Скопје не ги сака бугарските авиони“ белградски „Информар“ пласира шпекулација без никаква основа, која не доаѓа од веста што ја пренесуваат, ниту, пак, од било какви други извори што би го поткрепиле насловот

Веста дека во текот на вчерашниот ден, 24.12.2019 година, два грчки воени авиони од базата во близина на Лариса го прелетале целосно небото над државата во рамките на техничкиот (НАТО) договор меѓу Скопје и Атина за чување на безбедноста на македонското небо, беше пренесена од повеќе медиуми, меѓу кои и од српски „Информер“, но со шпекулативен наслов.

„Информер“ со наслов „ГРЦИЈА ГО ПРЕЗЕМА МАКЕДОНСКОТО НЕБО! Скопје не ги сака бугарските авиони“  (GRČKA PREUZIMA MAKEDONSKO NEBO! Skoplje ne želi bugarske avione!) пласира шпекулација без никаква основа, која не доаѓа од веста што ја пренесуваат, ниту, пак, од било какви други извори што би го поткрепиле насловот.

Овен овој шпекулативен наслов, веста е пренесена коректно (извори се „Танјуг“, кој се повикува на „Телма“ и Министерството за одбрана на РСМ), а шпекулацијата ја вадат од последната реченица во која се наведува дека „Бугарија, исто така, понуди контрола на македонскот небо“.

 

НАТО МИСИЈАТА „AIR POLICING“ НЕ ПРЕПОЗНАВА „САКАМ-НЕ САКАМ“

Сосема мало повнимателно следење на вестите упатува на следните факти.

Прво станува збор за континуирана мисија на земјите членки на НАТО која се вика „Air policing“. Станува збор за активност на Алијансата за константно внимавање на небоото на целиот простор што го покрива НАТО, односно внимавање на над 30.000 прелети во воздушниот простор на земјите членки на Алијансата. Во рамките на оваа континуирана активност, секоја земја членка мора да има обезбедено минимум два дежурни авиони ловци – пресретнувачи во целосна борбена гоотовност и тоа 24/7, со цел да се интервенира при нешто непредвидено. Оние земји членки што немаат таква авијација – ловечко-пресретнувачка, какви што се Балтичките земји, Словенија, Црна Гора или Македонија, дообиваат услуги од овој тип од други земји членки на НАТО.

По постигнувањето на Преспанскиот договор, промената на Уставот и поканата да станеме членки на НАТО, вистина е дека желба да го чуваат македонското небо изразија Грција, Бугарија и Турција. Скопје, сепак, постигна договор со Атина, а во рамките на тоа беше потпишан и договор во септември при средбата на началникот на Генералштабот на АРСМ, генерал Васко Ѓурчиновски, со неговиот грчкки колега, Христос Христодулу, во Солун.

 

БУГАРИЈА ГИ ЧЕКА АМЕРИКАНСКИТЕ Ф-16

Од друга страна, според достапните информации, Скопје има постигнато договор и со Бугарија за контрола на небото, уште во јули годинава. Меѓутоа, овој договор, според бугарскиот премиер Бојко Борисов, ќе стапи во сила штом Бугарија ги добие првите 8 авиони од типот Ф-16 во составот на нивните воздушни сили. Договорот за тоа беше одобрен од парламентот во Софија во јули годинава, а во септември производителот „Локид Мартин“ соопшти дека авионите ќе бидат испорачани во 2022 година.

Според тоа „Информер“, без никаков аргумент со шпекулативен наслов ги дезинформира своите читатели околу односите меѓу РС Македонија и Бугарија. Напротив, чувањето на небото на смени е вообичаена практика во НАТО и тоа се случува и со Црна Гора, каде задолжени за контрола на небото се Италија и Грција или Балтичките земји, чие небо го пазат секогаш по три поголеми европски држави, членки на НАТО./тб

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција