ИРИ: Пет од шест земји во Западeн Балкан би гласале за приклучување во ЕУ

Photo by Christian Lue on Unsplash

Анкетата покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана

 

Последното мултинационално истражување за Западен Балкан, кое го направи Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), покажува широка поддршка за приклучувањето кон Европската унија (ЕУ) и силно мнозинство кое ја смета руската војна против Украина за неоправдана. Земјите во кои била спроведена анкетата се Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

На прашањето дали би го поддржале приклучувањето кон ЕУ доколку денес се одржи референдум, во пет од шесте земји силно мнозинство би гласало за приклучување кон Унијата и тоа од 68 отсто во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина до 92 отсто во Албанија. Во Србија, повеќето од 40 отсто го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.

Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ, рече Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.

Според него, оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека понатамошната интеграција во Европската унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет.

Кај приоритетите на граѓаните за владите на Западен Балкан доминираат економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест земји, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми.

Анкетата, исто така, покажа дека мнозинството во пет од шесте анкетирани земји верува дека руската војна против Украина е целосно или донекаде неоправдана. Во Србија, пак, повеќето од 49 отсто целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.

Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот, рече Мекарти.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција