Истражување на Метаморфозис: ДКСK и граѓанските организации – ретки светла во тунелот на антикорупциските реформи

Фото: Сегмент од насловната страница на истражувањето

Работењето на новиот состав на Антикорупциската комисија, посветеноста на неколку организации од граѓанскиот сектор и перспективите од новиот Закон за јавно обвинителство се единствените светли точки во реформските постигнувања на Северна Македонија на полето на борба против корупцијата и оганизираниот криминал во текот на 2019 и почетокот на 2020 година.

Ова е главниот наод на истражувањето, кое во рамките на регионален проект за добро владеење, го направи Фондацијата Метаморфозис во текот на април 2020 година.

Огромниот број предмети со кои се соочува Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и соработката со граѓанскиот сектор покажуваат дека сега таа е столбот во општеството кога станува збор за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Но, и покрај позитивните резултати, веројатно добиени и поради исклучително транспарентниот и иновативен начин на кој беа избрани членовите на комисијата во Собранието, недостасуваат многу други елементи за нејзина уште поуспешна работа.

Собранието на РСМ не смогна сили да ја усвои првата Национална стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2020-2024 г. што беше изработена од страна на ДКСК, иако таа е клучен стратешки документ. Покрај тоа, ДКСК сè уште нема доволна поддршка во финансиски средства од државата за да ги пополни 30-ината слободни работни места неопходни за да се засили нејзиниот административен капацитет, а унапредувањето на ИКТ поврзувањето со институциите сè уште бавно се одвива.

На другите органи и институции надлежни за борба против корупцијата им остануваат исполнувањата на препораките од Четвртиот круг на евалуација од страна на ГРЕКО (Група на земји во Европа за борба против корупцијата), иако веќе се очекуваат до октомври 2020, како и исполнување на препораките на Петиот круг, кој се однесува на извршната власт, на полицијата и на јавното обвинителство, се наведува во истражувањето.

Забелешките се големи и за извршната власт, посебно во делот на правилата за вработување на лица ангажирани врз основа на дискреционото право на функционерите за советници или помошници, забелешки и препораки има и за полицијата, од која се бара деполитизација на системот на командна структура, транспарентност при трошењето на буџетот и многу поефикасна и внатрешна и надворешна контрола, а забелешки и препораки се дадени и за Јавното обвинителство, особено за Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција.

Истражувањето што можете да го прочитате на следниот линк, е изготвено согласно достапните податоци до крајот на април 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.